Каде се двете деца од кумановски Средорек?
Жителите од кумановската ромска населба се сомневаат дека некој ги продава децата во Италија
Горан Адамовски
КУМАНОВО - Петгодишната Сенада Хелдовиќ од Куманово веќе пет дена ја чека својата сестра-близначка Мирсада, која исчезна во понеделникот. Заедно со тригодишното братче, Решат, постојано се врткаат низ трошната семејна куќа, прашувајќи ги родителите „каде е дада“. Но, одговор нема никој.
Малата Мирсада исчезна во понеделникот попладне. Никој не се сеќава кога и каде била видена последен пат. „Некои викаат дека си играла со две девојчиња, други дека била со сестричката, некои дека била сама. Којзнае, сешто се зборува сега, дури и дека го виделе девојчето во град, ама проверивме - ја нема“, се јадосува вујкото Мерџан.
Во семејната куќа е полно од роднини, соседи и пријатели, кои им даваат поддршка на мајката Бајрамша и на таткото Насер Рамадани, кои чекаат уште едно бебе. Сите се обидуваат да помогнат. Велат дека ја пребарале секоја педа во околината, ја поминале целата река Кумановка, која им тече среде населба, но од девојчето нема ни трага ни глас.
„Цел град го поминавме, ама Мирсада ја нема“, плачливо зборува бабата.
Куќата на Рамадани се наоѓа во населбата Бавчи, која речиси е споена со населбата Средорек. Во нив живее ромско население. Велат дека има над 1.000 жители, кои живеат во исклучително тешки услови. Иако на само неколку минути од центарот на градот, овие две населби немаат ништо заедничко со урбаноста. Земјен пат, по кој деновиве има кал до колена, без ниту еден сантиметар асфалт, и трошни куќи и колиби, во кои ретко некаде ги има основните услови за живот. Над нивните населби води железничката пруга за Бугарија, но таа веќе неколку години е неупотреблива.
„Голема сиромаштија е. Никој нема постојана работа. Социјална помош и плус некој денар, ако се најде некаква работа“, велат жителите. Токму поради тоа стравуваат дека нивните деца се жртви на трговија, особено што пред дваесетина дена исчезна и четиригодишниот Дани Мемеди.
„Девојчето ни е грабнато. И тоа сигурно со помош на некој од овдешните жители, кои им помагале на грабнувачите“, велат роднините на Мирсада. Жителите велат дека како во филмот „Дом за бесење“, во нивното соседство имаат човек што богато заработувал во Италија, продавајќи деца. Наводно, тој ги носел децата со себе во Италија, каде што питачат, се занимавале со проституција, краделе или дилале за големиот газда.
„Пред неколку дена една жена со тригодишното дете одеше по улица. Тој и' рече: ‘Остави ми го детето, ќе ти дадам пари, јас ќе се грижам за него‘, ама не' виде и побегна“, велат неколку момчиња собрани пред куќата на исчезнатото девојче.
„Откако исчезна и второто дете, му отидовме дома, ама го нема. Го нема ниту паркираниот џип со бугарски таблички. Изгледа заминал во Италија“, зборуваат тие.
Дека девојчето се удавило во реката Кумановка, чија длабочина сега е два метра - не верува никој. Само мал дел од речното корито е заградено со бетонски ѕидови. Брзата река, пак, се спојува со дворот од куќата на Драган Мемеди, чиј син исчезна пред дваесетина дена. Од куќниот праг до длабоката река има само три-четири метри. Дани си играл со количката од болната баба, а таткото бил да заработи некој денар.
„Ако со количката паднал во водата, таа сигурно ќе испливаше надвор од реката. А количката ја нема ниту во водата ниту во дворот“, вели Драган, кој со мајка му и натаму не губат надеж дека малиот Дани ќе го најдат жив и здрав. Четиригодишниот Дани има помала сестричка, која живее со мајка му. Нивниот татко е убеден дека момчето е грабнато. И тој, како и од семејството Хелдовиќ, е незадоволен од истрагата на полицијата.
„Не бараат воопшто. Дури ми дадоа нивни број, демек да им се јавам ако успеам да дознаам нешто. Па, тие треба да вршат истрага и да дознаат каде е син ми. Ние бараме секој ден, нема дел што не сме го пребарале, ама детето го нема“, ни зборува 26-годишниот Драган.
Родителите на Дани и Мерсида имаат само една желба и надеж: нивните чеда да си дојдат дома. |