Во Старата скопска чаршија како на булевар
Во чаршијата се врати животот навечер, но со луѓето дојдоа и автомобилите
Снежана Калабакова
Оној што не прошетал ноќе во Старата скопска чаршија и не може да замисли колку е прометно по чаршиските сокаци. Нема врвулица од шетачи, но постојано фрчат автомобили од сите страни и речиси по сите чаршиски улички. Се вози брзо како по булевар. Може да се рече дека таму сообраќајниот метеж во вечерните часови на моменти е поголем од оној на булеварот „Крсте Мисирков“, кој минува во близина на чаршијата.
Влегувањето со автомобили во една од поголемите чаршии на Балканот не успеа никого да го спречи, а дека тоа тешко им оди и покрај казнувањето признаваат и од СВР - Скопје. Да се спречат автомобилите да влегуваат во чаршиските сокаци не помогна ниту рампата на Виолета Аларова, поранешната градоначалничка на Општина Центар, ниту, пак, портата што ја изгради на истото место Изет Меџити, градоначалник на Чаир. Зголемената фреквенција на автомобили веројатно е и одраз на враќањето на ноќниот живот во Старата чаршија. За многумина е полесно да влезат во стариот дел на градот со автомобил отколку да пешачат, а притоа не водат сметка дека освен што ја загрозуваат безбедноста на пешаците, ја оштетуваат калдрмата од чаршиските улици. Пред само неколку години беа комплетно обновени улиците „Битпазарска“ и „Белградска“. А сега е повеќе од видливо дека гранитните плочи почнале да пропаѓаат токму поради сообраќајниот метеж од автомобили кој е актуелен и дење, но повеќе ноќе. „Во Старата скопска чаршија има одредени термини кога само дуќанџиите можат да влезат со автомобили за дотур на стока и за тоа тие добиваат дозволи од Градот. Инаку, влегувањето со автомобил е забрането. И покрај присуството на сообраќајната полиција во чаршијата и казните што се изрекуваат за сообраќајно постапување спротивно на сообраќаен знак, повторно се влегува со автомобили. Немаме посебна статистика колку казни се изречени само во стариот дел на градот. Казните за оние што ќе се затечат на лице место се 25 евра или 15 негативни поени, ама по заминувањето на полицајците, автомобилите повторно влегуваат“, вели Лиза Бендевска, одговорна за комуникација со јавноста во СВР - Скопје.
Инаку, забележливо е што и пофреквентните улици, како што се „Битпазарска“ и „Белградска“, не се комплетно осветлени. Ако во еден дел светат само фенерчињата од десната страна, во друг дел погоре или подолу е обратно. Повеќето споредни чаршиски сокачиња се неосветлени, но има и такви на кои само во еден дел осветлувањето им функционира. За подобро осветлување на чаршијата веќе се подготвува проект што ќе биде заедничка инвестиција на Градот Скопје и Општина Чаир.
Забележливо е дека сега хигиената во чаршијата е на повисоко ниво, а од Општина Чаир признаваат дека имаат подобра соработка со ЈП „Комунална хигиена“ и дека комуналците почесто навраќаат. Во вечерните часови дуќанџиите го оставаат ѓубрето пред нивните објекти, спакувано во најлонски ќеси, подготвено да го соберат комуналците.
Градоначалникот на Чаир, Меџити, смета дека оваа година е година на пресврт во чаршијата, бидејќи и таму веќе има градска шема, има фреквенција на луѓе, безбедноста е на високо ниво, за што многу помагаат и медиумите. Затоа, вели тој, набрзо ќе се реши и влегувањето со автомобили во чаршијата и многу скоро таа ќе добие комплетно ново осветление.
„Во соработка со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, работиме на заеднички проект за осветлување на чаршијата и инвестицијата ќе биде 50- 50. Посебно осветление ќе добијат објектите што се заштитени како споменици на културата. Влегувањето на автомобилите ќе го решиме со поставување хидраулични столпчиња и за тој проект веќе добивме 130 илјади евра од Европската унија. Ќе можат да влезат само противпожарни и возила на Итна помош. Тие ќе имаат специјални управувачи за спуштање на столпчињата. Од МВР побаравме на 13 крстосници да постави безбедносни камери со што подобро ќе ја обезбедиме чаршијата“, објасни Меџити.
Фари Мустафа, млад шивач во кројачки дуќан во Чаршијата вели по 2 000 година Чаршијата била мртва, но по напорите на Министерството за култура за нејзино заживување состојбите се променети.
„Чаршијата е значајна за сите нас и таа е наше културно наследство. Една од најубавите чаршии на Балканот. Изумирањето на многу занаети, како и се' помалиот број еснафи мислам се главната причина за ова што сега се случува во чаршијата. Ако тие порано знаеле да ја чуваат чаршијата и внимавале на секоја нејзина гранитна коцка од калдрмата, сега новопечените занаетчии ја уништуваат со влегувањето со автомобили. Се влегува и дење и ноќе. Кој е виновен за тоа? Она што сум го научил од постарите мајстори е дека ако мајсторот дозволува чираците и калфите да прават што сакаат во дуќанот, тогаш има неред. А за тоа, секако, виновен е мајсторот, па така е и во случајов со чаршијата“, вели Мустафа. |