Русите се запалија за нашиот бакар
Отворањето на рудникот кај Пехчево ќе вработи луѓе од Малешевијата
Иван Бојаџиски
ШТИП - Нов рудник за бакар ќе биде отворен кај Пехчево, а таму ќе бидат вработени стотина рудари. На нови локации во источниот дел на Македонија, едната кај Пехчево, а другата во атарот на општините Конче и Штип ќе се истражуваат резервите бакар. Владата донесе одлука со која на две нови фирми од семејството на руската компанија „Солвеј“ им додели концесии за истражувања минерални суровини. Новоформираните фирми, „Кадиица метали“ за пехчевскиот атар и „Боров Дол“ за атарот во општините Штип и Конче, имаат обврска да го испитаат богатството на наоѓалиштата најдолго за четири години.
„Солвеј“ за истражувањата во месноста Кадиица кај Пехчево ќе плати 9,2 милиони денари, а за истражувањата во месноста Боров Дол 3,5 милиони денари. Руската компанија „Солвеј“ ги поседува рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица и рудникот за бакар „Бучим“ кај Радовиш. За управител на „Кадиица метали“ е назначен Николајчо Николов, заменик-генерален директор на „Бучим“.
„Истражувањата ќе бидат насочени исклучиво кон рудните резерви бакар. Од определени поранешни истражувања се претпоставува дека бакар има во количини што гарантираат големо производство и профитабилно работење. ‘Солвеј‘ е подготвена во отворањето на рудниците да вложи онолку инвестиции колку што ќе биде потребно. Во овој момент е познато дека во новиот рудник, за кој сме стопроцентно убедени дека ќе биде отворен кај Пехчево, ќе бидат вработени над сто рудари. Тоа ќе биде од посебно значење за подобрувањето на социјалната слика во неразвиеното малешевско подрачје“, вели Николов.
Тој смета дека истражувањата ќе бидат завршени за најмногу две години. Откако тој процес ќе финализира, новите претпријатија формирани од „Солвеј“ ќе имаат 120 дена за да поднесат елаборати за извршените детаљни геолошки истражувања до Министерството за економија. Овој ресор ќе врши надзор за време на истражувањата.
„Концесиското поле кај Пехчево, каде што ќе има рудни истражувања, зафаќа површина од 12,35 квадратни километри. Таму ќе отвориме рудник на оксидна бакарна руда, за чие финално производство не е потребна флотација. Поради тоа, таму ќе има и погон за лужење, а преку таа постапка се добива готов производ. Во атарот на Боров Дол ќе се истражува простор од осум квадратни километри. На оваа локација бакарот е катоден, односно ист каков што сега се преработува во рудникот ‘Бучим‘. Бидејќи оваа локација од рудникот е оддалечена осум километри, планираме суровата руда до флотацијата да ја пренесеме преку транспортна лента што е најдоброто можно решение“, појаснува Николов.
Со ископот на руда од локацијата Боров Дол, рудникот „Бучим“ ќе го продолжи векот за уште десет години. Со сегашната експлоатација на постојните рудни лежишта овој капацитет ќе функционира најмалку две децении.
И додека од „Солвеј“ се подготвуваат за нови инвестиции во експлоатацијата на бакар, „Бучим“ годинава ги урна сите рекорди во производството.
„Тековната година ја завршуваме со ископана рудна маса од 14 милиони тони, што е рекорд во 32-годишното постоење на рудникот. Тој факт не' охрабри, па затоа за идната година поставивме план за ископ на рудна маса од 14,5 милиони тони. За тој успех придонесоа вработените, но и инвестициите од пет милиони евра во нова опрема. Почнавме и инвестиција вредна девет милиони евра за фабрика за катоден бакар од рудното тело „Вршник“, што е прво производство на ваков вид бакар во вкупната историја на македонското рударство“, потенцира Николов.
|