Ставрески: Каматите ќе паѓаат
В година се очекува зголемување на кредитната активност на банките од 10 до 15 отсто и намалување на каматите, за што најмногу треба да придонесе земената кредитна линија од 480 милиони евра од ММФ и заживувањето и стабилизирањето на македонската економија, најави министерот за финансии, Зоран Ставрески.
„Сметам дека со чекорите што се презедоа во 2010 година, а тоа се координирано и синхронизирано намалување на каматните стапки и на централната банка и на државните записи, како и со одржување строга фискална дисциплина, се помогна да се креираат очекувања што кај банките ќе овозможат да се зголеми кредитната активност и да се намалат активните каматни стапки“, изјави вчера Ставрески.
Тој очекува новите моменти, кредитната линија и стабилизацијата на економската активност, банките да ги земат предвид во с��оите анализи и тоа да доведе до намалување на каматните стапки. Според него, сепак, тоа се процеси што во еден посткризен период не можат да се случат одеднаш, иако е евидентна тенденцијата дека за подобрите клиенти веќе има извесно намалување на каматните стапки.
„Банките ќе имаат постабилни услови за кредитирање и повеќе расположливи средства, така што не гледам причина, се разбира, за здрави, профитабилни проекти да не се зголемува кредитната активност и се очекува таа да изнесува од 10 до 15 проценти“, истакна министерот Ставрески.
На зголемувањето на кредитната активност се очекува да влијае тоа што со средствата од ММФ и можното издавање еврообврзница ќе остане поголем износ средства слободни од домашните банки за да ги пласираат во проекти.
Во текот на оваа година кредитната активност на банките е зголемена за девет проценти, а, според министерот, тоа е солидно, имајќи ги предвид околностите.
Според директорот на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски, банкарскиот сектор во согласност со сигналите од НБРМ во текот на оваа година ги намали каматните стапки, а наскоро се очекува и анализата за тоа колку изнесува просечното намалување на каматите. „Каматите паѓаат, иако со побавно темпо од она што го очекуваат клиентите“, рече Јанчевски и додаде дека каматните стапки, исто така, зависат и од бонитетот на клиентите и од видот обезбедување. (Ек.Р.) |