Број 3419  сабота, 30 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Фељтон








Site Meter
Анализа

Македонски Состојби

Далеку е Шангај од ВМРО-ДПМНЕ

Манчо Митевски

Делењето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе се сведе на партиска „прагма со фактор 5“

Во моментите кога се појави идејата, со ништо неизнудена, за поделба на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) на пет универзитети, некако незабележано помина еден навидум мал, но во суштина значаен потег, кој укажува на вистинската состојба на работите во образованието како систем. Имено, универзитетскиот професор Славе Наумовски, член на Одборот за акредитација, институција во рамките на системот на високото образование што дава мислење за отворање нови факултети, поднесе оставка на функцијата, мотивирана од желбата, како што вели, да не учествува во хаосот што се создава во високото образование. „Не можам да го прифатам уривањето на високото образование и давањето акредитации без какви било критериуми. Таквата неодговорност предизвикува долгорочни штетни последици на кои веќе сме сведоци, но кои уште повеќе ќе ги хендикепираат идните генерации на кои треба да се потпре државата“, изјави тогаш професорот Наумовски.

За овие тешки квалификации за состојбите во високото образование следеше молк, а вниманието се насочи кон „идејата“ на министерот за поделба на Скопскиот универзитет за тој да „можел“ да биде рангиран на Шангајската листа на светските универзитети според успешноста! Не е проблем идејата, не е проблем ни желбата за влегување во некое далечно идно време на Шангајската листа. Проблемот е во неподготвеноста за идејата на општеството, на државата и на самиот Универзитет, на професорите и на студентите во него за еден ваков сложен процес. Обично, во нормалните држави, каде што и покрај мојата патриотска желба, не можам да ја вбројам Македонија, вакви зафати се преземаат по спроведени големи дебати базирани врз уште поголеми елеборати и внатре во универзитетската заедница, но и во пошироката општествена заедница. Кај нас на идејата реагираа ректорската управа, неколкумина декани и Сенатот. „Изјавата дека УКИМ треба да се подели за да биде рангиран на Шангајската листа е тотално бесмислена, обид за мешање во внатрешната организација на Универзитетот, а со тоа и груб упад во универзитетската автономија“, оцени ректорската управа во соопштението до јавноста.

Мислам дека ректорот, деканите и Сенатот, во принцип, имаат право зашто така реагираа на идејата „од небо во ребра“. Но, кога ќе се земе предвид вкупниот контекст на промените во последните години, мислам дека ректорот реагира со двојни аршини, со еден кога промените му одговараат како институција и лично, а со друг кога не му одговараат. Тоа најдобро го констатира ексминистерот за образование, Ненад Новковски, во една своја колумна. „Изјавата на ректорот Велимир Стојковски дека со промените би се повредила автономијата на Универзитетот зашто организациските промени биле во надлежност на ректорот, е целосно неоснована. Имено, сегашната состојба во која ректорот има огромни овластувања е воспоставена со закон што го донесе Владата пред две години. Пред тоа факултетите имаа правен субјективитет, а нивните акти згаснаа по сила на Законот (чл. 179). Оттука, ректорот не може да се повикува на шестдецениски континуитет на институцијата зашто таа во овој облик постои две години и седум месеци и е воспоставена на истиот начин на кој министерот предлага да се спроведе новата реорганизација. Ако никој не реагирал кога една состојба што постоела шест децении се промени преку ноќ, тогаш нема никаква смисла да реагира на промена на состојба воспоставена пред две години“, пишува Новковски.

Толку за принципиелноста на ректорската управа, на деканите, но и на Владата околу проектите за реорганизација на Универзитетот. Поентата ми е во друго. Според мене, проблемот е како ВМРО-ДПМНЕ ги сфаќа промените, посебно во образованието, и зошто ги прави. Неверојатна е систематичноста на владејачката партија во трансформацијата што може слободно да се прочита и како партизација на институциите и на вредносните системи врз вмровската идеолошка матрица.

Ова може да се илустрира со факти од досегашното разнебитување (што го третира власта како реформирање) на средното и на високото образование, од кои создаде антисистем. Значи, прогласувањето на средното образование за задолжително значеше алиби за спроведување на популистичката идеја за отворање факултет во секое помало место во Македонија, без минимални просторно-кадровски и други услови за студирање и со 98-отстотен (!?) опфат на средношколците на факултетите. Е, поради тоа: „давање акредитации без какви било критериуми“, професорот Славе Наумовски, од почетокот на текстов, даде оставка во Одборот за акредитација. Зад идејата за „факултет до секој дом“, се криеше друга цел: младите луѓе наместо да се појавуваат на листите на невработени во Агенцијата за вработување, да се најдат на листите на студенти на факултетите, со одлож��вање на новите контингенти невработени за неколку години. Овој проблем ќе се дуплира со фактот дека за некоја година државата ќе треба да го решава проблемот со хиперпродукција на високообразовани млади луѓе (на пример, каде ќе се вработат околу 56.000 студенти кога ќе дипломираат), создаден во голем дел поради системот „лесно отворени факултети, лесно стекнати дипломи“.

Тука повторно би се вратил на мотивите на власта за поделба на УКИМ. Како и сите други проекти декларирани како реформски и со многу добри намери, во реализацијата и овој ќе се сведе во чиста партиска „прагма со фактор 5“. Имено, наместо реформа за квалитет, ќе се направи трансформација за квантитет. Па, ќе се формираат 5 нови универзитети со пет буџети. Ќе се назначат петмина нови ректори (докажани партијци), ќе се формираат 5 нови ректорски управи, ќе се изберат 5 нови сенати, 5 нови студентски парламенти, ќе се купат 5 нови ректорски мерцедеси, пет нови ректорски кабинети, сали... Многу нови трошоци, нови вработени и нови задоволни партиски војници. Значи, Шангајската листа е само повод, бидејќи далеку е Шангај од сфаќањето на реформите од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека сево ова се случува со високото образование, по дефиниција најучените и најмотивираните за напредокот на едно општество - професорите и студентите од универзитетската заедница - молчат. Првите молчат уплашени од власта поради максималната централизација на раководењето на универзитетите и евентуално губење на катедрите и привилегиите, односно губење на студентите поради постојаното свесно уназадување на државните универзитети за сметка на приватните. Молчат и поради конформизмот. Вторите молчат уплашени од професорите, но и од власта што тренираше строгост врз Архи бригада, Студентски индекс и други невладини организации. Дел молчат бидејќи им е добро уживајќи ги привилегиите на партиските книшки со лавче.

Така, додека малкуте кучиња во „селото Македонија“ лаат, големиот партизиран карван си поминува. Наместо да се вклучуваат алармните ѕвона и да се дебатира за огромниот пад на квалитетот на образованието, се наметнува измислената тема за Шангајската листа!


#
Статијата е прочитана 1945 пати.

Испрати коментар

Од: Благоја
Датум: 30.10.2010 17:37:38
Не УКИМ туку и Македонија нема шанси да опстане се додека стоиме на нивото на некој Каракачанов и си играме со некои букви ВМРО наместо еднаш засекогаш да ги фрлиме таму каде што им е местото,во историјата без да има право било која партија како паун да се кити со нив.
Од: Трпе
Датум: 30.10.2010 18:27:52
Дпмне-овците се задоени со злоба и омраза.Ако Љјубчо со доаѓањето на власт се изјасни дека нема да остави ниту еден камен од поранешниот систем,денешните дпмневци во рака ја земаа метлата и песокта сакат да ја отстранат.Абре македонче кај ти е крајот.абре македонче за каде се спремаш.Овој кој не го бидува за градење,одличен е за рушење.
Од: Jim Angleton
Датум: 31.10.2010 12:29:11
Zalosno e raznebituvanjeto na obrazovniot sistem, tocno. Od druga strana, nie, narodot - mu dadovme mandat na Premierot Lopatar, taka da neposredno - sami sme vinovni za segasnite sostojbi generalno, ne samo vo obrazovniot sektor. Prasanjeto e edno - do koga vaka???
Од: sebastian
Датум: 31.10.2010 16:40:08
нема ништо лошо во идејата за разделување на универзитетот на 5 помали автономни единици кои би се групирале според областа на изучување... тоа е стар и функционален модел кој единствено им смета на оние факултети кои се „шлепаат“ на успешноста и резултатите на останатите... а исто така му одговара и на ректоратот зашто ја концентрира моќта во едно тело кое е инертно и нефункционално...
Од: професор
Датум: 31.10.2010 21:41:28
Колку за потсетување. Кој ректор требало да реагира при носењето на новиот закон за високото образование, ех кандидатот за ректор - колумнистот Новковски треба да провери, па потоа да пишува. Законот беше донесен во јануари 2008.
Од: Разочаран
Датум: 01.11.2010 03:47:36
Молкот за состојбите во образованието, молкот на оние кои се најповикани да зборуваат е запрепастувачки. Апатичноста и опортунизмот ја газат Македонија, секој ден се’ повеќе. Жалосно е што овие неспособни и недоквакани дечишта си играат и со образованието, од него по Тодоров буквално ништо нема да остане. Забелешка: Не е Студентски индекс, туку Слободен индекс.

Најди! во Утрински
Анализа






Croatian citizens sceptical of EU membership, poll reveals.
Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'