Титулата му се смешка на Алонсо
Водечкиот во шампионатот на Формула 1 со победа во Бразил в недела и теоретски би ја обезбедил својата трета круна
Фернандо Алонсо би можел да ја обезбеди својата трета шампионска титула в недела во Бразил, но тоа е горе-долу се' што би можело да се каже со некаква доза на сигурност додека една од најнепредвидливите сезони во Формула 1 се приближува до крајот. Ако возачот на Ферари победи во претпоследната трка годинава, а Марк Вебер и Себастијан Фетел од Ред бул не се пласираат повисоко од петтото место, тогаш Шпанецот ќе слави на Интерлагос токму како во 2005 и во 2006 година како член на Рено. Алонсо, кој има 11 поени повеќе од Вебер и 21 во однос на Луис Хамилтон од Мекларен, а максимумот што може да се освои до крајот на сезоната е 50 поени, е единствениот возач во позиција да ја освои титулата веќе овој викенд. Но, додека четворица математички се' уште се во игра, ништо не може да се смета за сигурно.
„Имаме одредена бодовна предност во однос на конкурентите, но во Кореја добивме многу убав пример за тоа како нештата можат многу брзо да се сменат во текот на трката“, свесен е 29-годишниот лидер во шампионатот. „Ред бул е фаворит на секоја патека. Беа доминантни во текот на целата сезона. Очекуваме тешка борба со нив и со Мекларен“.
Алонсо знае дека една грешка или дефект на моторот, што посебно го загрижува Ферари имајќи ги предвид таквите проблеми во почетокот од сезоната, би можеле да ја стопат неговата предност. Наполно можно е водечката четворка во првенството да ја дочека последната трка во Абу Даби на 14 ноември со разлика од едвај три поена меѓу нив. За да се случи тоа потребно е Алонсо да не ја заврши трката во Бразил, Фетел да победи, Хамилтон да биде втор, а Вебер петти.
„Најдобро е Фелипе да победи, бидејќи во таков случај ќе ги однесе 25. поени од другите“, додава Алонсо, кој се надева дека нема да има потреба да го престигнува Маса на неговото домашно гран-при.
Вебер, кој замина за Бразил од Лондон во средата наутро, победи во Интерлагос минатата година откако не освои ни поен во претходните седум настапи на патеката позната по променливите услови и по ненадејниот силен дожд. Во сезоната во која водството во вкупниот поредок веќе осум пати го смени сопственикот тој лесно би можел да го повтори успехот од 2009.
„Цела сезона имаме брз болид и извонредни квалификации, но не и доволно добри резултати на трките за удобно водство во генералниот пласман“, вели Австралиецот. „Но, сите тимови имаа недостиг од среќа годинава. Можеме да бидеме брзи овде и се' уште имаме шанса да ги освоиме и двата шампионата“.
И покрај фактот дека Фетел заостанува 25 бода зад Алонсо, Ред бул е внимателен во однос на ставањето на сите јајца во еден кош, како што направи Ферари кога Алонсо забележа контроверзна победа со тимска наредба во јули во Германија.
„Невозможно е да се предвиди крајниот епилог“, вели тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер. „Затоа и сметам дека најдоброто нешто што треба да го направиме е да се фокусираме на нашите возачи, да се погрижиме тие да бидат на чело и потоа да видиме како ќе изгледа математиката“.
Хамилтон, кој својата титула во 2008 година ја освои токму на Интерлагос, каде што минатата година заврши трет, уверен е дека ќе остане во трка за титулата.
„Лани тука имавме извонредна трка, а чувствуваме дека годинашниот болид ни е дури и подобар. Навистина мислам дека имаме иста шанса овој викенд, како и во следната трка“, изјави Британецот.
Бразил ќе му го донесе вториот старт сезонава на Австриецот Кристијан Клин со болидот на дебитантскиот тим Хиспанија. Тој ќе му биде партнер на Бразилецот Бруно Сена, заменувајќи го Јапонецот Сакон Јамамото. Претходниот настап сезонава на Клин, кој има возено и за Јагуар и за Ред бул, беше во Сингапур во септември. |