Шестгодишната Ангела како да пропадна в земја
Ова е единствената фотографија на Ангела сликана со мобилен телефон која ја објави А1 телевизија
Со денови трае потрагата во Дуње, а во МВР се пријавени исчезнувања на уште три лица
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Драма се случува со денови во прилепското село Дуње откако мистериозно исчезна шестгодишно девојче на пат кој својот дом. Полициски екипи со денови го пребаруваат селото, но и околните места. Се вршат проверки и на соседните села, но нема ниту трага ниту глас од шестгодишната Ангела Ѓорѓиеска. Хеликоптери го прелетуваат село Дуње во надеж дека ќе се најде некаква трага од девојчето. Роднините се сомневаат дека можеби е киднапирано. Во селото кое брои шеесетина постари жители, сите се чудат од страв и неверување. Девојчето едноставно како да пропадна в земја.
Случајот со малата Ангела не е единствен што е регистриран во полициските билтени. Последнава недела, три лица се пријавени за исчезнати од поширокиот регион на општините Прилеп, Македонски Брод, но и Скопје. Станува збор за Сенија Селимоска (19) од село Пешталево, 73-годишен маж Б.Б., за кого не се знае каде е, а татко викендов го пријавил исчезнувањето на својата 15-годишна ќерка Лиријана Адеми. Таткото пријавил во полициската станица дека девојчето го снемало околу 21 часот од плоштадот „Македонија“. Од МВР велат дека работат на расветлување на случаите, но засега немаат други детали.
Сепак, исчезнувањето на Ангела ја разбранува не само прилепската туку и пошироката македонска јавност. Девојчето е родено во Дуње и живеело во селото, поради што нејзините најблиски велат дека е невозможно да се загуби.
Селото Дуње е оддалечено од главниот пат кон Витолиште, а до него води селска напуштена патека. Селото, како и останатите села во мариовскиот крај, е населено со постари жители и е сосема запуштено. Освен роднините на жителите и повремени рибари, други намерници во селото речиси нема. Оттаму и дилемата како никој не чул и не видел што се случило со шестгодишното дете. Во Дуње сите се познаваат и комуницираат постојано. Што и да се случило, Ангела можела да влезе во сечиј двор и да побара помош, коментираат селаните.
„На грабнување, ете, на тоа се сомневам. Не може дете кое е родено и растено овде да се загуби“, категорична е бабата Драгица Шиклоска. И таа и ќерката Анастасија, која е мајка на исчезнатото девојче, се во шок. „Не знам, не знам што се случило. Дали од рака е фатена или нешто друго се случило, кажете ми вие, не знам“, повторува избезумена мајката Анаста��ија, задушена во солзи од болка.
И сестричката Ѓорѓина и братчето Бошко ја чекаат Ангела. Целото семејство, велат, требало за еден месец да се сели во Прилеп, за да може Ангела да го започне своето школување, бидејќи во селото нема училиште.
Откако се случи мистериозното исчезнување, сите жители на Дуње се вклучени во потрага по девојчето. „Ден и ноќ, бараме, лутаме, со стапови во рацете, на сите страни. Постојано ја бараме, да не е падната некаде, во некој дол, да не ја каснала змија, да не и' се слошило од жешкото, но детето го нема. Каде ни отиде Ангелчето наше, секој ден ми идеше во дворот, да не' види, да не' посети нас, старите“, вели Грозда Петкоска од селото.
Цело село тагува по девојчето кое последен пат е видено како го испраќа неговата прва братучетка Стојна, на 200 метри оддалеченост од нејзиниот дом.
„Оттогаш до денес не најдовме ни парталче од девојчето. Но, еве, и најлошото да се случеше, да знаеме каде е, да си го најдевме детето“, вели баба Петра Трајкоска, која живее веднаш до куќата на Ѓорѓиески.
Сепак, надежта на Ѓорѓиески продолжува, како и на семејството Селимоски од прилепското село Пешталево. Тие веќе пет дена трагаат по исчезнатата 19- годишна ќерка Сенија. Исплашени за нејзината судбина, членовите на семејството одбиваат да зборуваат јавно, но, сепак, велат дека би биле среќни ако знаат дека таа е на безбедно место.
Од полицијата велат дека девојката била во љубовна врска со момче од Прилеп, но родителите не ја одобрувале врската, па постојат сомнежи дека девојката можеби и избегала со момчето. МВР трага по Селимоска, а жителите на Пешталево речиси не знаат што се случило.
Во село Крапа, Македонски Брод, пак, пријавено е исчезнување на 73- годишен маж. Прилепската полиција интензивно работи на расветлување и на овој случај, додека скопската полиција утврдува што се случило со петнаесетгодишно девојче од Скопје, кое пред неколку дена исчезнало од видикот на татка си, на плоштадот „Македонија“. |