ДПА најавува повлекување од прегласувањето
Доколку ДИК ги уважи жалбите само на ДУИ ќе се повлечеме, тврди висок функционер на ДПА
Светлана Унковска
ДПА се закани дека ќе се повлече од прегласувањето идната недела доколку Државната изборна комисија не им ги уважи и нивните жалби кои се однесуваат на нерегуларности во Втората изборна единица и во Чаир. Ова вчера го потврди висок партиски функционер, кој рече дека се' ќе зависи од тоа какви одлуки ќе донесе ДИК, чиј рок за постапување по жалбите истече синоќа во 19 часот.
„Доколку ДИК донесе политички одлуки и ги уважи жалбите само во Првата и во Шестата изборна единица каде што ДУИ има поднесено жалби, ќе сметаме дека таквата одлука е тенденциозна и ние ќе се повлечеме од прегласувањето идната недела, а од оваа комисија ќе го повлечеме и нашиот член Илјаз Ибиши“, тврди висок функционер од партијата на Мендух Тачи.
Во ДПА владее уверувањето дека ДИК е политички инструментализирана од Груевски, кој попушта на притисоците на ДУИ поради атмосферата што ја создала партијата на Ахмети дека за изборните нерегуларности е виновна исклучиво ДПА, а како што велат од партијата, се пренебрегнува фактот дека на изборите токму партиските војници на ДУИ со пукањето врз полицијата, пукаа врз институциите на државата.
Никола Груевски во завчерашното интервју за албанската телевизија Топ ченел рече дека како свој партнер во идната Влада ја гледа онаа партија која барем на прегласувањето нема да направи никакви инциденти. Тој посочил дека и натаму има желба да ја продолжи коалицијата со ДПА, но истовремено не ја исклучил и можноста за соработка со ДУИ.
Груевски за изборните инциденти што се случија во неделата, генерално, ги обвини албанските партии за предизвиканите сериозни проблеми и за уривањето на угледот на Македонија во светот, притоа исклучувајќи ја одговорноста на државните структури. Тој нагласи дека идното коалицирање со албанскиот партнер ќе зависи исклучиво од тоа како ќе се одвива повтореното гласање.
„Нормално е да речам дека сакам да ја продолжам соработката со ДПА. Но, по сет она што се случи не може да стане збор за коалиција, без да се повторат изборите онаму каде што имало нерегуларности. Само по нивно завршување може да се говори за коалицирање. Главен критериум за коалицирање е чистиот мандат, бидејќи ние сакаме албанската популација да биде претставена од сериозен партнер“, истакнал Груевски.
Ваквите изјави во ДПА се толкуваат како директна атака врз нивниот лидер Тачи, за кого Груевски преку одредени медиуми се обидел да го смени од лидерската функција, а наводно тоа го барале странските дипломати.
|