Стотина верници го ловеа светиот крст
Традиционално, најмасовно беше во Охрид, а илјадници граѓани го следеа фаќањето на крстот и во Скопје, годинава на мостот кај „Холидеј ин“
Неколку стотици православни верници вчера традиционално скокаа по крстот во осветените води на Вардар, Охридското Езеро, реката Радика, Брегалница... , одбележувајќи го христијанскиот празник Богојавление-Водици. Најсреќните што успеаја да го фатат крстот беа полни со надеж дека тој ќе им донесе здравје, среќа, љубов и благосостојба ним и на нивните блиски. Најмасовно и годинава Водици се одбележа во Охрид каде што осветениот крст се обидоа да го фатат неколку стотици од 1.300 пријавени верници од Охрид, Битола, Неготино, Кавадарци, како и група од Поградец, кои скокаа по светиот крст. Сепак, најсреќен беше 21-годишниот охриѓанец Јован Делов.
„Пресреќен сум што го фатив крстот. Скокам седми пат, оваа година ми се исполни мојата животна желба да го фатам светиот крст. Водата беше ладна, борбата под нивото беше жестока. Имав желба и среќа да го фатам крстот. Ова е голема чест за мене и за моето семејство како пр��вославни христијани“ изјави возбудено Делов.
На манифестацијата во Охрид, која од година во година прераснува во верско-туристичка атракција, вчера присуствуваа многубројни угледни гости, 12 градоначалници од Македонија и соседните држави, министри, политичари, претставници на дипломатскиот кор...
Масовно фрлање на крстот имаше и во Скопје, каде што централната манифестација првпат се одржа на мостот кај „Холидеј ин“ поради градежните работи што се одвиваат кај Камениот мост. Најсреќен од 160 верници што се обидоа да го фатат осветениот крст, кој традиционално го фрла г.г. Стефан, беше 25-годишниот Љубиша Џепиќ од Волково, кој досега трипати го фаќал крстот во населбата. Годинава првпат се пријавил за да си ја проба среќата на централната манифестација во Скопје.
„Очекувам да ми донесе љубов, вера и надеж, тоа што не може да го купиме, туку само да го добиеме од Бога “ кусо изјави Џепиќ видно возбуден. Традиционално, најсреќниот доби подароци од годинешниот кум на „Водици 2011-Скопје“. Џепиќ беше и даруван со лаптоп од премиерот Никола Груевски, а традиционално градоначалниците на Скопје и на Општина Центар на најсреќниот му подарија златник, односно икона.
До насобраните верници што го следеа осветувањето на водата на реката Вардар на мостот кај хотелот „Холидеј ин“ порака упати поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, со традиционалното христијанско честитање на празникот „Бог се јави!“.
Масовно Водици се одбележа и во непосредна близина на манастирот „Свети Јован Бигорски“. Таму по осветувањето на реката Радика што го изврши игуменот архимандритот Партениј, крстот се обидоа да го фатат триесетина момчиња. Најсреќен беше 24-годишниот Томислав Гавриловски од долнореканското село Ростуше.
„Пресреќен сум што и годинава по четврти пат едноподруго го фатив крстот. Во силна конкуренција бев најбрз и најсреќен и со Божја волја го фатив светиот крст“ изјави Гавриловски.
Инаку, празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. (У.В.) |