Израелската офанзива ја срамни Газа и уби 280 луѓе
Саботата и неделата беа едни од најкрвавите 24 часа во 60-годишниот конфликт меѓу Палестинците и еврејската држава
ГАЗА - Израел вчера, втор ден едноподруго, изврши воздушни напади врз Газа, зголемувајќи го притисокот врз Хамас по еден од најкрвавите денови во 60-годишниот конфликт меѓу Палестинците и еврејската држава, во кој загинаа над 280 луѓе.
Израелските лидери истакнаа дека кампањата е одговор на речиси секојдневниот ракетен и минофрлачки оган од милитантите на Газа, што се интензивираше откако Хамас, исламистичка група одговорна за крајбрежната енклава од која Израел се откажа во 2005 година, го оконча шестмесечното примирје пред една недела. „Сега не размислуваме за крај на борбите“, рече израелскиот секретар во кабинетот, Овед Јехезкел, за Израелското радио. „Имаме време, трпеливост и средства да го вратиме животот во јужен Израел во нормала“. Израел мобилизира воени резервисти за да помогнат во нападите врз појасот Газа, што е под контрола на Хамас, јави вчера секретарот на кабинетот на премиерот Ехуд Олмерт. „Израелските одбранбени сили во наредните денови ќе повикаат повеќе резервисти“, рече Овед Јехезкел за новинарите по седницата на кабинетот на која се дискутираше офанзивата што започна во саботата. Израелски одбранбени претставници и некои резервисти веќе се мобилизирани за да помогнат во заштитата на заедниците на границата со Газа од одмазднички ракетни плотуни на Палестинците. „Новите резервисти би помогнале да се завршат подготовките на оружените сили за можна ескалација на борбите“, рече претставник на одбраната.
Во утринските часови беше извршен израелски воздушен напад со кој беше уништено седиштето на телевизиската станица Ал Акша на Хамас, која продолжи да емитува програма од непозната локација. Израелските авиони, исто така, нападнаа објект за обука на борците на Хамас. Палестинските милитанти продолжија со ракетните напади преку границата, при што една ракета падна на отворена територија околу 30 километри во јужен Израел. Притоа, немаше жртви. Десетици израелски оклопни возила се распоредени по должината на границата со Газа поради можна копнена инвазија, додека Советот за безбедност на ОН вчера изутрина побара прекин на насилството.
Израелските воени коментатори јавија дека целта на израелската офанзива не е да се преземе појасот Газа или да се уништи владата на Хамас на таа територија - амбициозни цели кои би можеле да се покажат тешки и политички ризични за остварување пред парламентарните избори во Израел на 10 февруари. Наместо тоа, истакнуваат тие, Израел - по воздушната кампања во саботата - сака да ја зајакне својата моќ на заплашување и да го принуди Хамас на ново примирје, кое би довело до долгорочен прекин на прекуграничните ракетни напади. Израел истакнува дека воените авиони извршиле околу сто напади во саботата и дека палестинските милитанти истрелале околу 70 ракети врз еврејската држава, при што загина еден Израелец.
Палестински медицински извори вчера јавија дека во 24-часовните израелски напади загинале 280 Палестинец. Повеќе од 700 се повредени во саботните напади, додадоа тие. „Палестина никогаш не видела поголем масакр“, рече лидерот на Хамас, Исмаил Ханиех. Неговата исламистичка група, која го контролира појасот Газа од јуни 2007 година, вети одмазда, вклучувајќи самоубиствени напади врз кафулињата и улиците на Израел. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак изјави за телевизијата: „Постои време за мир и време за борба, а сега дојде времето за борба“.
Изразувајќи национално единство, водечките политички партии на Израел ги суспендираа активностите за гласањето на 10 февруари, на кое, според анкетите за јавното мислење, се предвидува дека ќе победи десноориентираната партија Ликуд на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху. Израелската министерка за надворешни работи, Ципи Ливни, претседателка на владејачката центристичка партија Кадима, побара меѓународна поддршка против „екстремистичката исламска организација која е поддржана од Иран, главен непријател на Израел.
Администрацијата на американскиот претседател Џорџ Буш во последните недели од мандатот го префрли товарот на Хамас за да се спречи ново насилство. Хуманитарните групи стравуваат дека израелската операција би можела да доведе до хуманитарна криза во сиромашната крајбрежна енклава, каде што живеат 1,5 милион Палестинци, од кои половина зависат од помошта во храна. Болниците во Газа јавија дека остануваат без медицински материјали поради долгорочната блокада на Израел.
Во саботата, црн чад се издигаше над градот Газа откако Израел бомбрдираше над 40 безбедносни објекти. Униформирани тела на загинатите беа собрани на куп, а повредените се превиткуваа од болки на церемонијата за промовирање нови регрути што ја организираше Хамас. Билансот на жртвите во саботата е најголем за еден ден во израелско-палестинскиот конфликт од 1948 година, кога беше воспоставена еврејската држава. Хамас, која победи на парламентарните избори во 2006 година, но е избегнувана од западните сили поради одбивањето да се откаже од насилство и да го признае Израел, проценува дека најмалку 180 члена на безбедносните сили биле убиени, од кои најмалку 15 биле жени и деца.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, чии сили Фатах беа поразени во Газа кога Хамас презеде контрола минатата година, рече дека акцијата на Израел е „криминал“ и побара од светските сили да интервенираат. Абас вчера ја обвини ривалската исламистичка група Хамас дека ги предизвикала најкрвавите напади на Израел врз Газа, бидејќи не го продолжила шестмесечното примирје со еврејската држава. Абас, чија група Фатах е ривал на Хамас, рече дека одржувањето на примирјето можело да им помогне на Палестинците да ги избегнат израелските напади. „Зборувавме со нив (Хамас) и им порачавме: ’Ве молиме, бараме од вас, не окончувајте го примирјето. Нека продолжи примирјето, а не да прекине’, така што можевме да го избегнеме она што се случи“, рече тој во Каиро. (Ројтерс)
Муслиманите добија наредба да ги бранат Палестинците
ТЕХЕРАН - Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, вчера упати верски декрет до муслиманите во светот, наредувајќи им да ги бранат Палестинците од израелските напади врз Газа, јави државната телевизија. „Сите палестински борци и сите побожни луѓе од исламскиот свет се обврзани да ги бранат незаштитените жени, деца и луѓе во Газа, на секој можен начин. Кој и да загине во таа легитимна одбрана се смета за маченик“, јави државната телевизија, цитирајќи ја изјавата на Хамнеи. Иран одбива да го признае Израел, кој ја обвинува исламската држава дека ги снабдува исламистите на Хамас со оружје. Техеран го негира тоа тврдење, истакнувајќи дека обезбедува само морална поддршка за групата. Хамнеи, исто така, критикуваше некои арапски влади поради нивниот „охрабрувачки молк“ за израелските напади врз Газа. (Ројтерс) |