Конечно, „македонско претседателство 2010“
Советот на Европа не можеше да одлучува за придавката „македонски“
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Дипломатското надмудрување околу тоа под кое име ќе претседава Македонија со Комитетот на министрите на Советот на Европа заврши со решението за кое се залагаше македонската дипломатија - „македонско претседателство 2010“. Тоа е официјализирано на 5 мај на подготвителниот состанок за министерската сесија, закажана за 11 мај кога Македонија го презема претседателството од Швајцарија.
Република Македонија ќе претседава со извршниот орган на Советот на Европа под логото на кое се наоѓа стилизираното македонско знаме со логото на Советот на Европа, придружено со текстот на англиски јазик „македонско претседателство 2010“, придружено од десната страна со официјалното лого на Комитетот на министрите на Советот на Европа.
На состанокот одржан во Стразбур зад затворени врати во средата, 5 мај, не се дискутирало и не е донесена одлука за тоа под кое име Македонија ќе претседава, бидејќи Советот на Европа не може да спречи една земја-членка да ја користи придавката што ја сака. Со други зборови, Комитетот на министрите го прифати логото и именувањето „македонско претседателство 2010“, како што беше предложено во официјалниот документ доставен од Министерството за надворешни работи на Македонија за приоритетите на македонското претседавање со Комитетот на министрите. Документот дополнително носи и соодветна ознака својствена за сите службени документи на Комитетот на министрите, а тој беше придружен со покривна страница на која се наоѓа референцата што се користи за привремено ословување на државата во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност 817 од 1993 година, без да бидат направени никакви промени во содржината на документот, што го содржи официјалното лого и именувањето на оваа функција во Советот на Европа како „македонско претседавање 2010“. Во самиот документ на повеќе места се зборува за „македонско претседателство“, „македонски власти“ или „македонска влада“.
Приоритетите на македонското претседавање со Комитетот на министрите, што начелно беа прифатени, официјално ќе бидат претставени од страна на министерот за на��ворешни работи Антонио Милошоски на 120. министерска сесија.
Во јавноста се појавија недоразбирања за тоа под кое име ќе претседава земјата, односно кој ќе биде насловот на претседателството со именувањето на земјата. Во Советот на Европа Македонија е примена во 1995 година под привремената референца и таа е запишана под англискиот азбучен ред, односно под буквата Т (привремената референца се прецизира во СЕ дека почнува со малата буква т) – првата буква од привремената референца. Затоа Македонија ќе претседава веднаш по Швајцарија (под буквата С) и веднаш пред Турција. Па, и македонското знаме се вее пред палатата на Европа во Стразбур меѓу швајцарското и турското. Под оваа референца Македонија ќе биде заведена и именувана во организацијата во очекување решение за проблемот со името. Во Резолуцијата (95)23 на Комитетот на министрите со кој нашата земја е примена во Советот на Европа, никаде не се спомнува користењето на придавката „македонски/а/о“, што се темели на Резолуцијата на ОН во која, исто така, не се спомнува користењето на придавката.
Во тој контекст во документите на Советот на Европа се користи референцата „поранешна југословенска република Македонија“, додека придавката „македонски/а/о“ се користи во документите што се однесуваат на нашата земја за именувањето на народот, јазикот или културата или, пак, за малцинствата во соседните земји.
Во 2004 година во Советот на Европа беше направен обид официјално да се залепи придавката „словенски“ кога стануваше збор за македонскиот јазик, култура, население, традиции итн. Тогаш, во Стразбур се појави еден внатрешен документ со кој на секретаријатот на оваа паневропска организација му се советуваше како да се однесува кога станува збор за државјаните на Република Македонија и употребата на придавката „македонски(а),(о)“. Така, за државјанството место „македонско“ беше советувано да се употребува „државјанин на поранешната југословенска република Македонија“. Потоа следуваа советите за јазикот, културата, за традицијата итн. на кои, според интерниот документ, требаше да им се додаде придавката „славомакедонски“... Додека за македонското малцинство во соседните земји да се додава терминологијата „како што самите тие се определуваат“.
По откривањето на документот и силната мобилизација на јавното мислење во Македонија, во Стразбур се негираше неговото постоење, а тогашниот генерален секретар Валтер Швимер, чиј директор на кабинет го потпиша документот, ги нарече овие настани „бура во чаша вода“.
Според наши извори во Стразбур, не е исклучено грчката делегација да реагира и да протестира на секоја употреба на функцијата „македонско претседателство“, на што ќе следува одговор од македонска страна, како на пинг-понг натпревар. Важно е овој проблем, за кој засега се преговара во Њујорк да не го засени претседателството што се случува еднаш во четврт век, што треба да послужи како место за важна промоција на нашата земја во Европа и во светот.
|