Дали Вељаноски ќе му го одземе мобилниот на премиерот

Пратениците нема да можат да се шетаат со транспаренти, да свират со свирчиња и труби, да ја пеат „Земјо македонска“
Оливера Војновска
Што ќе стори претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, кога премиерот Никола Груевски во пленарната собраниска сала на седниците за пратенички прашања ќе пишува пораки на мобилниот телефон? Само ќе го опомене дека не го почитува кодексот за однесување во парламентот и тоа ќе го објави на веб-страницата на Собранието. Или, пак, ќе побара од собраниското обезбедување да му го одземат телефонот на Груевски!
А министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ќе седи немоќно во седиштето веднаш зад премиерот, разочарана што нема да може да ги повика вооружените мускулести момчиња во маички да ги фатат за врат луѓето од официјалното собраниско обезбедување. Бидејќи, нели, шефот на парламентот се грижи за редот во законодавниот дом и не дозволува полицајци во цивилка и без беџови да се шетаат во Собранието.
Тој самиот, пак, веројатно, нема да го носи со себе мобилниот телефон за да не падне во искушение да напише некоја СМС-порака, како што често му се случува додека седи на претседавачкото место во парламентот. И пратениците сигурно ќе го следат неговиот пример. Ќе доаѓаат во собраниската сала без телефони, само ќе ги убие љубопитноста колку ли восхитувачки и охрабрувачки пораки добиле по маестралните настапи од собраниската говорница.
Но, што е со алкохолот, веќе нема да се точи во Клубот на пратениците и во собранискиот ресторан? Или, пак, виски и коњак ќе пијат во пратеничките канцеларии, ама само кога нема собраниска седница. Бидејќи на влезот во собраниската сала пратениците ќе мора да минат алко-тест. Во деновите кога ќе заседава Собранието пратениците ќе имаат здрави навики, ќе пијат природна негазирана вода и цедени сокови.
И, се разбира, убаво и достоинствено ќе се однесуваат, токму како што му прилега на еден највисок претставнички дом на граѓаните. Нема да го попречуваат текот на седницата со телефонски разговори и нема гласно да коментираат додека гледаат фотографии на лаптопите. Нема да им падне на ум да го прекинат говорникот и да дофрлуваат од место, особено недолични и навредливи ��борови на лична основа. Нема да можат да се шетаат со транспаренти, да свират со свирчиња и труби, да ја пеат „Земјо македонска“, ако случајно се ограничат дискусиите за буџетот на пет минути, како пред седум години.
Можеби, сега откако Вељаноски се досети на пратениците да им подели кодекс за етичко однесување, во Собранието ќе има вистинска дебата.
Пратеничката од првиот собраниски состав Ѓулистана Марковска (од некогашниот Сојуз за реформски сили, а потоа независна и дел од ВМРО-ДПМНЕ), не верува дека состојбите во парламентот можат да се подобрат со кодекси и правилници за убаво однесување.
„Ние немавме кодекс, но имавме вистинска идеја за независна Македонија. Ни се разликуваа гледиштата како да стасаме до независност и поради тоа често заседававме до доцна во ноќта. Дебатиравме и се расправаме меѓу себе, но немаше навреди или погрдни зборови и најголем дел од пратениците, без оглед на партиската припадност, создадоа лични контакти, дури и семејни“, вели Марковска и се потсетува на духовитите настапи на поранешниот пратеник Митко Анастасовски - Врапчето и неговата позната реплика: „Вечерва ќе ја венчаме невестата (Македонија)“, од времето на референдумот за независноста.
„Митко беше своевиден херој на тој парламент, неговите досетки ја разбиваа монотонијата и никој не ги доживуваше лошо“, раскажува Марковска. Таа жали што сега, по 20 години парламентарна демократија, од собраниската говорница се зборува со говор на омраза и омаловажување. „Зад параванот за доброто на Македонија секој си гради личен имиџ. И, за жал, навредливото однесување се сфаќа како голема ораторска вештина. Тоа, сепак, се должи на лошото домашно воспитување“, смета Марковска.
Долгогодишниот претседател на Собранието, либералот Стојан Андов, кој со парламентот раководеше во три мандати, укажува дека треба да се отстранат вистинските пречки во работата на законодавниот дом. „Не е до кодексот, атмосферата во Собранието не е добра. Всушност, во парламентот не доаѓаат суштинските теми, тој е оставен надвор од главната линија на политиката што треба да ја води земјата. Место Собранието да ги дава основните насоки, тоа јалово ја тера работата и во една таква фрустрирачка состојба избиваат на површина личните навреди“, смета Андов.
Тој не памети дека во првиот парламент имало ситуации кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ се навредувале меѓу себе како на вонредната собраниска седница. „Дури ни Александар Флоровски, кој знаеше да води жестоки дискусии, никогаш не одеше со лични навреди. На една седница особено беше напаѓан Денко Малески. Тогаш се кажаа тешки зборови, но не до тој степен како што сега се навредуваат“, се потсетува Андов, кој е изненаден од настапите на некои колеги-пратеници.
„Ме чуди ваквото однесување, па тие луѓе многу убаво комуницираат меѓу себе надвор од салата“, вели Андов. (О.В.) |