И Македонија имаше свое рударско Чиле
Како биле спасени 26 рудари заробени на 300 метри под земја од рудникот „Саса“ во 1987 година
Иван Бојаџиски
Штип – Рударската приказна со среќен крај од Чиле кога по 69 дена принуден престој длабоко под земја, живи и здрави беа извлечени 33 рудари, не наведе да истражуваме дали такво нешто може да им се случи и на нашите рудари во македонските рудници и какви се можностите за спасоносна интервенција ако дојде до такво нешто. Трагајќи по одговор на прашањето за безбедноста во македонските рудници, наидовме на неверојатен пример од нашата историја, сличен на оној во Чиле кога во рудникот „Злетово“ траела грозничава битка за спас на 26 рудари, кои останале заробени на околу 300 метри во утробата на земјата. На тој настан, кој имаше среќен крај и кој поминал само со двајца повредени рудари, и денес живо се сеќава Душко Николовски, човек, кој кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век бил генерален директор на „Злетово“ и кој директно ја раководел операцијата за спасување на рударите на кои им се заканувала опасност од задушување.
„И сега, додека ги гледав сликите од рудникот во Чиле и на херојската борба за спасување човечки животи, сликите ми се вратија на 1987 година кога и ние во „Злетово“ водевме трескавична борба за животите на 26 рудари. Тогаш, неочекувано за условите што ги имавме во рудникот, ни се случи невозможна несреќа каква што никогаш дотогаш не се имаше случено во кој било рудник за метали во светот. Ни се случи пожар во јама, во лесно пристапна просторија што бргу стана непристапна, бидејќи за миг беше исполнета со голем, густ отровен чад од јаглероден моноксид и јаглероден диоксид. Чадот се сврте кон јамата во која работеа 26 рудари, со што влезот во неа стана невозможен. Во тоа време технолошките услови не ни овозможуваа директна комуникација со рударите во јамата, па ние немавме никакви информации за нивната состојба, за тоа дали чадот стигнал до нив, во која насока тргнале да бараат спас“, вели Николовски.
Во рудникот веднаш бил формиран штаб за спасување на рударите на чие чело бил нашиот соговорник. Била активирана четата за спасување во јамски услови, но сите што работеле на спасувачката мисија се соочиле со голем проблем.
„Никој од нас немаше никакви сознанија за тоа како да се постапува во случај на вакви несреќи, бидејќи се' до тој момент се сметаше дека во рудници за олово и цинк пожари не може да има, па затоа нашата спасувачка чета не беше обучена за тоа. Сепак, во еден миг дојдовме до спасоносната идеја - проветрувањето на јамата што се извршува со моќни вентилатори да го насочиме спротивно од просторот на кој бевме сигурни дека се нашите заробени рудари. Во исто време затрупавме еден од ходниците, кој, според наши стручни процени, водеше во насока од која доаѓаше чадот, со тоа спречивме рударите да тргнат кон сигурна смрт. Една група се зафати со откривање нови пристапни патишта преку кои сметавме дека можеме да дојдеме до информации за тоа на која кота се наоѓаат рударите. За секој случај, упативме повик до Рударскиот институт во Белград итно да ни испратат експерти, бидејќи оваа институција долго време се занимаваше со проблематика на заштита и спасување во рудниците во тогашна Југославија. Тие се качија на првиот авион и експресно дојдоа во рудникот“, појаснува Душко Николовски.
Вклучените во процесот за спасување на рударите се договориле да се направи технички спој меѓу два хоризонта и да биде активирана една слепа ускопина (нагорнина) во вид на бунар, со што требало да се воспостави врска со рударите. „Рударите беа на местото на кое ние предвидувавме дека ќе бидат. Со помош на јажиња и скалила успеавме да ги извадиме сите рудари живи, а само двајца од нив имаа здравствени проблеми. Сепак, по престојот во болница, се вратија кај своите семејства“, вели Николовски.
Рударите останале под земја 25 часа. За тоа време пристапот до рудникот бил најстрого забранет за сите, освен за спасувачките екипи. Дури и новинарите не успеале да дознаат за големата борба за спас на заробените рудари. Не им бил овозможен пристап ниту на роднините на заробените рудари, а денес се смета дека тие и не знаеле за целиот настан. „Никој во Пробиштип не знаеше за големата драма, тогаш немаше толку медиуми како што има сега, па вестите не можеа толку брзо да се пренесат до јавноста“, оценува Николовски.
Рударскиот експерт смета дека и во рудникот во Чиле заробените рудари биле спасени благодарение на тоа што воздушното струење во јамските простори навреме било пренасочено во спротивна насока. „Сето потоа беше прашање на време, на психофизичките способности на рударите да останат подолго време во утробата на земјата и на можностите на современата техника да се изврши операција за спасување на толку големи длабочини. Ние денес, во нашава држава, немаме технички можности, а немаме ниту вистински служби за спасување во вакви тешки услови. Ниту еден рудник нема машина за дупчење полни профили и тоа е голем минус“, потенцира нашиот соговорник.
Марин Александров, доктор на геолошки науки, долгогодишен главен геолог во рудникот „Саса“, сега стручен соработник што води истражни работи на минерални суровини за странска компанија, вели дека ние немаме изградено култ кон рударите, рудниците и рударството воопшто, што е една голема македонска трагедија.
„Кај нас рударството се смета за една сосема обична професија, иако рударите работат во исклучително тешки услови на различни нивоа, дури и до 600 метри под земја. Рудниците се темелот на националната економија, извозно ориентирани се и имаат незаменливо значење за нашата економија, но државата кон нив нема никаква стратегија. Ние денес немаме ниту стручни екипи ниту каква било технологија за да можеме да дејствуваме во ситуации каква што беше во Чиле. Ние имаме случаи кога затрупан рудар ,кој се бори за живот, да не можеме да го извлечеме ниту за 48 часа. Тоа се тие црни точки во нашето рударство над кои мора да има контрола и државата, без оглед на тоа дали рудниците се во раце на странски или на домашни инвеститори, односно дали се во сопственост на државата. Недозволено е да имаме случаи како оној во бетонскиот колектор на рудникот „Бучим“ кога пет дена мртво тело на човек лежи во него, а ние немаме капацитет, соодветна спасувачка служба, која ќе ја изведе операцијата за најмногу два часа. Тој настан беше најдобар и најнов сигнал дека на нашите единици за спасување им треба спас и тука рудниците, но и државата, имаат одговорност да интервенираат и перманентно да ги подобруваат можностите за постапување во услови на несреќи во нашите рудници“, потенцира Александров. (И.Б.)
|