„Мајки“ на фестивалот во Сао Паоло
Четвртиот филм на Милчо Манчевски „Мајки“ ќе се прикаже на 34. Интернационален филмски фестивал во Сао Паоло, Бразил, кој ќе се одржи од 22 октомври до 4 ноември. По неговата светска премиера на фестивалот во Торонто, кој се смета за најголем северноамерикански фестивал, филмот на Манчевски ќе ја има својата премиера и на најголемиот фестивал во Јужна Америка.
Како што пренесуваат од неговата продукциска куќа „Банана филм“, Милчо Манчевски е многу популарен во Бразил, каде што досега биле прикажани сите негови филмови, и на фестивалот во Сао Паоло, а секогаш оделе и во дистрибутивната мрежа. Во 1994 година филмот „Пред дождот“ ја освоил наградата на публиката, а по прикажувањето во киносалите, бил прогласен и за филм на годината.
Европската премиера на „Мајки“ ќе се одржи на 61. Берлински филмски фестивал во програмата „Панорама“. Според пропозициите на овој фестивал, „Мајки“ до Берлин не може да биде прикажа�� на друг европски фестивал, освен во матичната земја. Така, македонската публика ќе има можност да го види „Мајки“ веќе од овој месец, и тоа не само на свечената премиера на отворањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, туку и во киносалите во Скопје и низ Македонија. Неговата редовна дистрибуција тргнува од 16 октомври. (С.У.) |