Последната кражба кобна за момчето од Тетово
Арбен Асанов, кој идната недела требало да наполни 15 години, зад себе има извршено 70 кражби
Горан Адамовски Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Четиринаесетгодишниот Арбен Асанов од Тетово е момчето што завчераутро почина во несреќен случај во трафика во центарот на Скопје. Како што соопштуваат од полицијата, станува збор за малолетник, кој зад себе веќе има седумдесетина кражби. Неговите блиски потврдуваат дека момчето потекнувало од дисфункционално семејство, чиј татко моментално одлежува 16-месечна затворска казна поради кражби и трговија со дрога. Според дедото и бабата на момчето, не биле ретки случаите кога таткото и синот еден од друг барале дрога.
Според полицијата, Асанов починал во моментите кога се обидувал да побегне од трафиката „Тобако“, лоцирана до студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
„Тој ноќта кога трафиката не работела, успеал да влезе преку просторот за вентилација и од фиоката зел неколку ваучери за мобилен телефон, а потоа сакал да излезе по истиот пат“, велат од полицијата.
Но, при излегувањето, како што покажала истрагата, се лизнал и се повредил во пределот на вратот. Како што тврдеа очевидци, некаде пред седум часот наутро го слушнале момчето, кое било заглавено во металните шипки, како бара помош. Сепак, починал пред да пристигнат Брзата помош и полицијата.
Арбен Асанов, иако дури идната недела требало да наполни 15 години, веќе имал богато полициско досие зад себе. Бил пријавуван за 70-ина кражби, најчесто во продавници и во трафики. Специјалност му биле отворените прозорци, каде што поради конструкцијата на телото (тенок и еластичен), лесно се протнувал. Освен тоа, полицијата се сомнева дека учествувал и во уште триесетина кражби, но тие допрва треба да се расветлат.
Како е можно момчето да имало десетици и десетици пријави, а да не биде институционализиран - не знае никој. Од СВР - Тетово велат дека неколкупати поднеле пријави до тетовскиот суд и до Центарот за социјални работи, но дека момчето и натаму останувало на слобода. Во тетовскиот ЦСР не сакаа да зборуваат за случајот. Но, заменик-министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристевски, во изјавата за „Утрински весник“ вели дека момчето им е добро познато на социјалните служби.
„Станува збор за дете со исклучително нарушено однесување, малолетен деликвент за кого постои сомневање дека консумирал дрога. Потекнува од асоцијално семејство, за што од страна на социјалните служби се преземени сите мерки за негово згрижување“, вели Ристевски. Детето, според него неколкупати било запишувано на училиште, но бегало оттаму. Надлежните испратиле до судот и барање за изрекување на мерка сместување во ВП-домот Тетово, но оттаму не добиле повратен одговор.
Според извори од истрагата, момчето заминало од дома во понеделникот околу 20,30 часот. Не му било првпат. Тој честопати знаел да ја напушти трошната барака каде што живеел со мајка си и со помалиот брат, кој имал 10 години. Имал и повозрасна сестра, која била мажена во Германија.
„Станува збор за дисфункционално семејство, кое често ги менувало адресите на живеење, односно две во Тетово и една во Скопје“, велат од тетовската полиција. Десетина часа откако се случи несреќата, мајката, веројатно наслушнувајќи за лошите вести, заминала во тетовската полиција да го пријави исчезнувањето на својот син.
Во бараките каде што живеат Асанови, ги затековме ужалените баба и дедо на Арбен. Мајката заминала во Скопје да го преземе телото на починатиот син.
„Го советувавме да престане да краде, да не се дрогира, ама тој тераше по свое. Немаше родители да му укажат на добро и на лошо, да го изведат на прав пат“, зборуваат бабата Емине и дедото Алија.
Како што велат, момчето почнало да краде од својата седма година. Од тринаесеттата веќе почнало да се дрогира.
„Имаше од кого да научи. Татко му Дејан е веќе три месеци в затвор, а треба да одлежи уште 13 месеци поради кражби и дрога. Имаше случаи кога Дејан и Арбен си бараа дрога еден на друг. Ги пријавуваме и во полиција, баравме внукот да биде згрижен во Дом, ама реакцијата изостана“, велат бабата и дедото. Како што велат, живеат во мизерни услови, зависни од социјалната помош од 2.000 денари што не стига за ништо.
|