11.06.2013, 12:43 Дуке Бојаџиев ќе соработува со оскаровецот Џонатан Деми
Филмот на Деми е инспириран од театарскиот текст на Хенри Ибзен и зборува за архитект заробен во сопствените фантазии
Македонскиот композитор Дуке Бојаџиев, кој живее во Њујорк, ќе соработува со холивудскиот режисер и оскаровец Џонатан Деми, кој ја работи постпродукцијата на својата најнова драма „Страв од паѓање“.
Филмот на Деми е инспириран од театарскиот текст на Хенри Ибзен и зборува за архитект заробен во сопствените фантазии. Улогите ги толкуваат: Валас Шон, Џули Хегерти, Лиза Џојс и Лери Пајн.
Дуке Бојаџиев, кој 12 години живее и твори во големото јаболко, ја предводи листата автори на музиката за ова филмско остварување.
„Пред две години кратко соработував со Деми на еден пилот-телевизиски проект, што се покажа како одлична прилика за Џонатан да се запознае со мојата музика“, вели Бојаџиев. „Така, бев поканет да бидам дел од музичкиот тим за неговиот најнов филм. Освен што напишав дел од музиката, поголемиот материјал од комплетната музика исто беше снимен во моето студио, бидејќи на Деми и продукциски му се допадна тоа што го работам, па инсистираше и другите теми да се снимаат кај мене. Навистина имав прекрасно искуство со еден врвен режисер, отворен и прекрасен човек, полн со креативен набој.“
Режисерот на „Филаделфија“, „Манџурискиот кандидат“, „Вистината за Чарли“..., во 1992 година доби оскар за филм и за режија за трилерот „Кога јагнињата ќе стивнат“, за кој златни статуетки добија и актерите во главните улоги Ентони Хопкинс и Џоди Фостер и авторот на адаптираното сценарио Тед Тели.
Инаку, Дуке Бојаџиев ја компонираше музиката за филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, а во моментов работи на музичкото обликување на уште еден македонски филм. (Т.И.)
|