Деца во канџите на проституцијата
Полицијата откри синџир на малолетничка проституција каде што децата со пари и со подароци биле намамувани во кревет
Даниела Трпчевска Иван Бојаџиски
ШТИП – Парфеми, облека, картички за мобилни телефони, прошетки и пари. Ова се најчестите подароци со кои се намамуваат малолетни девојчиња, н�� и момчиња во синџирот на проституција во земјава. Познавачите на состојбите велат дека станува збор за прикриени форми, кои тешко се откриваат, но испливуваат на површина кога некој ќе се одлучи да проговори за тоа. Последниот случај на полицијата, реализиран за време на празниците, откри мрежа на малолетничка проституција во Штип, во која биле вплетени бизнисмени и моќни лица. Засега се приведени тројца мажи од Штип и од Кочани, кои намамиле две девојчиња на возраст под 14 години, имале недозволени сексуални односи со нив, им давале пари и подароци, а се претпоставува и дека ги подведувале на свои пријатели и познаници.
Познавачите на состојбите алармираат дека малолетничката проституција е во пораст, а во неа не се вплеткуваат само девојчињата, туку се' почесто стануваат жртви и машките деца. Тие бараат надлежните институции да преземат мерки со цел да се спречи ширењето на ваквата девијантна појава и да се заштитат децата. „Јавниот морал тоне, потребно е итно да се заштитат децата“, апелираат познавачите на состојбите, кои укажуваат на загрижувачки податоци за порастот на малолетничката проституција, но и сексуалната злоупотреба на деца во земјава.
Шокантниот случај во Штип почна да се отплеткува по приведувањето на штипјанецот Т.Г. (65), познат бизнисмен во градот. Тој заврши во притвор, а полицијата приведе и двајца негови пријатели - Ќ.И. (42) од Штип и П.Т. (63) од Кочани, кои се претпоставува дека учествувале во скандалот со подведување и сексуално искористување малолетнички.
Шеесет и петгодишниот бизнисмен, според досегашните сознанија, во текот на април и на мај годинава преку мобилен телефон на две штипски осмоодделенки им закажал средба на градскиот плоштад, од каде што ги однел во својот стан и им пуштил порнографски филмови. Притоа, едното од девојчињата го однел во спалната соба каде што имал сексуални односи, а другото девојче го оставил во дневната да се чести со разни слатки производи. Девојчето ја искористило ситуацијата и со мобилниот телефон ја снимило дневната соба на бизнисменот, а сликите ги ставила на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според штипската полиција, Т.Г. продолжил со своите перверзни дејства при што во неколку наврати имал односи со другото девојче, а во една пригода и со двете во исто време. Тој за услугите на малолетничките им плаќал по 3.000 и по 4.000 денари. Откако полицијата го привела, се утврдило дека тој ја играл и улогата на макро, при што девојчињата им ги нудел и на други свои познаници – бизнисмени од градот и од регионот.
По сведочењето на девојчињата, полицијата ја прошири истрагата. Една од малолетничките во присуство на родителите, во штипската полиција го пријавила Ќ.И. дека во јануари во неговото возило на споредна уличка на излезот од Штип кон Велес, извршил полови дејства врз неа. Во тој момент девојчето немало наполнети ниту 14 години. Истиот ден и нејзината врсничка во полицијата го посочила П.Т., бизнисмен од Кочани, со кој во јули годинава имала сексуални односи.
Приведениот Ќ.И. во полиција тврдел дека ги познава двете малолетнички, дека им давал пари, сим-картички и пари, но дека немал сексуални односи со нив. Второпријавениот пак, П.Т., се бранел со молчење. Полицијата ја продолжува истрагата, а децата се испратени на гинеколошки прегледи.
Како ќе се одмотува случајот натаму, се' уште не се знае, но надлежните укажуваат дека станува збор за сериозен проблем, кој зема се' поголем замав во земјава.
Според судијката за малолетничка деликвенција, Василка Божиновска, загрижувачки е тоа што проституцијата со деца е во постојан подем. „Станува збор за проблем со кој особено се соочуваат земјите во транзиција, каде што лошите социјални и материјални услови во кои живеат младите, се' почесто ги втурнува децата во канџите на проституцијата, како најлесен начин за заработка, за обезбедување егзистенција, купување облека, храна или дрога“, вели таа.
Во изминативе години најчесто јавноста беше информирана за случаи на девојчиња од источниот дел на Македонија, кои при рациите во Тетовско и во Гостиварско беа пронаоѓани во тамошните барови, каде што под превезот на келнерки и танчерки, всушност, беа продавани на клиенти за сексуални услуги.
Но, според познавачите на состојбите, постојат и други притаени форми на малолетничка проституција во земјава, кои тешко се откриваат, се' додека некој не се одлучи да проговори и да го пријави случајот во полиција. Некои од децата се проституираат за да набават дрога, други се лажат за парфеми, облека, прошетка до Охрид, која не можат да си ја дозволат и да си ја платат.
„Најчесто станува збор за деца од семејства што имаат финансиски проблеми или за дисфункционални фамилии, кои лесно потпаѓаат во замката на проституцијата. Но, и за деца од имотни фамилии, каде што родителите не водат доволно грижа за нив и бркајќи бизнис ги запоставуваат обврските кон своите деца“, укажува Божиновска, врз основа на нејзините долгодишни искуства во областа на малолетничката деликвенција.
Се' поголем замав зема и сексуалната злоупотреба на машки деца, па судиите се соочуваат со случаи каде што како жртви на изживување на возрасните се јавуваат и 4,5-годишни деца. „Социјалните работници и невладините организации треба да се поприсутни на теренот и да веднаш да алармираат за ваквите појави со цел навреме да се интервенира и да се спречат“, вели нашата соговорничка.
На СОС-телефонот на првата Детска амбасада во светот – „Меѓаши“ минатата година имало пријави за само три случаи за малолетничка проституција, што е уште еден показател дека станува збор за прикриени форми, кои тешко се откриваат.
„Двете јавувања се однесуваа за индивидуални случаи на малолетничка проституција, додека во третиот случај стануваше збор за синџир каде што малолетни девојчиња се носеле во скриени објекти. За овие појави ги алармиравме надлежните институции од каде што добивме повратна информација дека се постапува по пријавите“, вели Ангелина Чалакоска, координатор на СОС-телефонот на „Меѓаши“.
Нашите соговорници укажуваат дека отсуствува позитивната комуникација меѓу родителите и децата, што е еден од главните фактори за ваквите појави. Тие потенцираат дека станува збор за адолесценти, кои лесно можат да потпаднат под влијание на возрасните, а притисокот од лошата економска состојба е само дополнителен фактор за да се вплеткаат во водите на проституцијата.
„Отсуствува комуникацијата меѓу родителите и децата, тие се' почесто се чувствуваат несфатени, нема кој да им даде совет за секојдневните проблеми, но што е најважно, се чини се' повеќе отсуствува контролниот механизам кај родителите, кои како да ги имаат испуштено децата од своите раце“, велат познавачите на состојбите.
Од почетокот на годинава јавноста беше згрозена од случајот кога таксист намамил две девојчиња на возраст од 17 години и од Велес ги донел во Скопје, каде што потоа со денови беа сексуално злоупотребувани од повеќе лица. Во 2008 година, пак, медиумите известуваа за случајот во Гевгелија кога газда на кафеана и неговата сопруга организирале трговија со малолетни девојчиња на возраст од 14 до 17 години, кои биле продавани на клиенти во неговиот кафе-бар.
|