Нобелова за мир на кинески дисидент
Лиу Ксиаобо затворен во 2009 година на 11 години за субверзија, ја доби наградата за ненасилната борба за човекови права
ПЕКИНГ - Лиу Ксијаобо затворен во 2009 година на 11 години за субверзија, ја освои наградата за неговата еднодецениска ненасилна борба за човекови права, ставајќи го кинеското досие за човекови права во центарот на вниманието во време кога најнаселената земја почнува да игра поголема улога на глобланата сцена.
Кинеските продемократски дисиденти веруваат дека доделувањето на Нобеловата награда за мир на еден од нив би можело да донесе промена во најнаселената земја во светот, изјави неговата сопруга.
„Неговите пријатели во неколку наврати ми кажаа дека многу повеќе сакаат тој да ја добие наградата, отколку што тој самиот го сака тоа, бидејќи сметаат оти тоа би било можност за промена на Кина“, изјави таа во телефонскиот разговор за Ројтерс.
Норвешкиот Нобелов комитет го награди Лиу за неговата „долга и ненасилна борба за фундаменталните човекови права во Кина“. Кинеските власти ја окарактеризираа наградата како „безобразност“ што е против целите на наградата и предупредија дека тоа би им наштетило на односите меѓу Кина и Норвешка.
Лиу беше уапсен во 1989 година поради приклучување на штрајкот со глад во знак на поддршка на студентските демонстрации за демократија на плоштадот Тјенанмен во 1989 година, кои беа задушени на 4 јуни со големи жртви. Во Кина движењето за демократија во голема мера е заборавено, голем број Кинези го напуштија активизмот и наместо тоа се фокусираа на материјализирање на економските реформи.
Пекинг драматично се промени од 1989 година и економскиот бум овозможи да ја надмине Јапонија како втора економија во светот. Комунистичката партија продолжува да има монопол врз политиката и ја отфрла демократијата во западен стил. Кинеските власти строго ги контролираат медиумите и Интернетот.
„Слушав директен пренос по телефон и не можев да поверувам кога го слушнав името на Ксијаобо“, изјави Лиу Ксија. Таа за Ројтерс во неделата изјави дека се сомневала во тоа оти нејзиниот сопруг има некакви шанси за освојување на наградата поради се' поголемата дипломатска и економска сила на Кина.
Лиу Ксијаобо беше затворен како водечки автор на Поглавјето 08, манифест издаден од кинеските интелектуалци и активисти во кое се повикуваше на слобода на говорот и повеќепартиски избори. Пекиншката полиција се понуди да ја однесе Лиу Ксија во затворот во Џинжу во североисточната провинција Лијаонинг, каде што е затворен нејзиниот сопруг, во очигледен обид да се спречи странските новинари да разговараат со неа. „Тие ме принудуваат да го напуштам Пекинг“, изјави Лиу Ксиа додека нејзините браќа и' ги пакуваа торбите, а полицајци во цивилка ја чекаа пред домот. „Тие сакаат да одам во Лијаонинг да го видам Ксијаобо. Тие сакаат да ме дистанцираат од медиумите“, изјави таа. (Ројтерс) |