Бесмислените проекти на ЕУ
Домашен хеликоптер, ловиште за „порше“, магаре ТВ-ѕвезда...
Никој не знае кому може да му помогне „танцовиот проект“ во Буркина Фасо, за кој ЕУ издвоила речиси половина милион евра, или проектот вреден десет милиони евра за изградба на центар за вработување на Мали, каде што работа пронашле вкупно шест лица. Британската јавност е бесна, зашто смета дека ЕУ растура пари во време на криза
„Мајкоптер“, проект за „воздушен автомобил“ со кој луѓето би можеле да се превезуваат на помали оддалечености, од јануари годинава се развива на германскиот институт за биолошка кибернетика „Макс планк“. Европската унија вложила досега во овој потфат 4,2 милиони евра, но не треба премногу да се вложуваат надежи во овој проект. Научниците предвидуваат дека тој би можел да биде завршен најбрзо за 30 години. Личните воздушни возила (ПАВ), како што е официјалниот назив на проектот што ја подели европската јавност, би требало да го реши проблемот на сообраќајните метежи и да овозможи едноставен и брз начин на превоз во воздухот. Британската јавност е бесна, зашто смета дека ЕУ растура пари во време на криза. Но „Мајкоптер“ е само еден од проектите што ги помага ЕУ, а за кои многумина тврдат дека се бесмислени. На пример, никој не знае кому може да му помогне „танцовиот проект“ во Буркина Фасо, за кој ЕУ издвоила речиси половина милион евра, или проектот вреден десет милиони евра, за изградба на центар за вработување на Мали, каде што работа пронашле вкупно шест лица.
Тоа е само дел од низата бесмислени проекти што ЕУ се одлучила последниве години здушно да ги помогне финансиски.
Финансиските „куриозитети“ на ЕУ продолжуваат со проектот од 7 милиони евра, каде што едно магаре патува низ Холандија и се сретнува со учениците од основните училишта. Целта на проектот е „создавање одраз на сите европски идентитети“, а магарето Асино патем „пишувало“ и блог. „Ноќеска спиев под дрво. Кога се разбудив, сите животни зјапаа во мене. Сега разбирам како луѓето од различни култури можат да се чувствуваат во Холандија“, „напишал“ Асино.
Илегалните хотели на Канарските Острови: „Тиманфаја палас“, „Принцеза Јаиза“ или „Натур палас“, иако се изградени без дозвола, добиле 7.000.000 евра за изградба, а некои никогаш не се изградени. Парите отишле во рацете на сопственикот на „хотелите“ - сопруг на канарската сенаторка Марија дел Мар Агуеро.
Неименуван фармер во Шведска добил 200 евра субвенција за земјиште на кое одгледува канабис. Одгледувањето и продажба на канабис или марихуана во Шведска се илегални, но не и ако станува збор за одгледување во индустриски цели - на пример, за изработка на мрежи. Услов е количеството на ТХЦ (опојните состојки од канабисот) да не преминува 0,3 отсто. Но, проблем е што фармерот ја искористил „дупката“ во европската регулатива, зашто не постои никаква обврска тој да ја извести ЕУ за тоа што направил со парите и за какви цели го одгледува канабисот.
Парите бесмислено ги трошел и Европскиот парламент, кој во 2008 година дал 41 милион евра за канцеларија за информации, каде што 17 луѓе работат полно работно време за да им одговараат на граѓаните на ЕУ на сите нивни прашања. Вработените имале просечни годишни плати од 90.000 евра, па, сепак, не знаеле да одговорат на некои основни прашања - како она за шемата на вториот пензиски столб.
Волфганг Порше, главен директор на „Порше“, добил 2.500 евра од ЕУ за развој на својот мал имот во Баварија, каде што оди на лов. Парите му се доделени од Фондот за регионален развој.
По 11 септември 2001 година и терористичкиот напад на САД, ЕК издвоила 725.000 евра за шест скенери, кои требало да бидат поставени на аеродромите низ Европа. Но, европските парламентарци гласале против поставувањето скенери и сега тие скапуваат во подруми.
Мис на Севилја, Ангела Кристина Канас Дуран, која во 2006 година победила на локалниот избор за мис во шпанската Севилја, од андалузиската канцеларија на ЕУ добила 7.087 евра за почетни трошоци за развој на својата компанија.
Третиот шведски град по големина, Малме, во 2008 година добил дури 80.000 евра од даночните обврзници на ЕУ за развој на својот виртуелен дупликат во се' попопуларната апликација „Втор живот“. Проектот е згаснат поради критиките.
|