Пандев со СМС-пораки ги бодри соиграчите во Ла Вела
Македонија утре (19 ч.) на гости кај Андора во третиот меч во квалификациите за ЕП 2012
Сашко Ѓ. Димовски
„Момци, не грижете се. Со вас сум. Не се откажувам од репрезентацијата. Одиграјте како што знаете и победете. Ќе ве гледам на ТВ и ќе ве бодрам, жалам што не можам да ви помогнам“, гласи СМС пораката што нашиот најдобар фудбалер и капитен на националниот тим, Горан Пандев, им ја испрати на репрезентативните соиграчи во Андора пред петочниот дуел со аутсајдерот во групата Б во квалификациите за Европското првенство во 2012 година. На „Комунале“ во Ла Вела, Македонија ја очекува првата победа во циклусот, четири дена подоцна ќе се обиде да стигне и до втората против Русија во Скопје за покривање на бледиот старт во рутата кон Полска и Украина, несреќниот пораз во Братислава од Словачка и ремито што ни го подарија Ерменците на националната арена „Филип Втори“ на почетокот на септември.
Од репрезентативниот табор порачуваат дека атмосферата е добра и покрај низата откажувања поради повреди и, како што велат, погрешната интерпретација на Пандев во разговорите со италијански и македонски новинари. Потврдуваат дека играчите се незадоволни од односот на публиката во Скопје и бараат таа да биде нивни 12 играч и ко��а им оди и посебно кога се јавува криза во играта.
„Точно е дека разговарав со новинари на тема односот на дел од фановите на македонската фудбалска репрезентација. За мене е несфатлив навредливиот однос кон играчите и кон мене во моменти кога имаме криза во играта. За тоа барам и ќе барам нешто да се смени во тој поглед бидејќи репрезентативниот дрес за мене бил, е, и ќе остане светост. Верувам дека е така и за моите соиграчи и секогаш со гордост ќе настапувам за Македонија. Но, репрезентацијата мора да биде почитувана и од навивачите, а од неа ќе се откажам само во залез на кариерата или пак кога би бил под притисок на повреди. Со душа чекам да се вратам во државниот дрес“, вели Пандев, кој најави дека ќе пристигне во Скопје во недела и лично да ги поздрави соиграчите пред дуелот со Русија. и дополнува:
„Она што го барам е само трпение и разбирање. Во овој квалификациски циклус влеговме со големи амбиции за кои тврдам дека беа реални. Се однесуваа на поправање на впечатокот и пласманот во однос на претходните квалификациски циклуси и воедно атак на првите две места во групата. Затоа и на состанокот на Малта одлучивме да се откажеме од премии за победи за секој меч посебно и се договоривме да се валоризира само вистинскиот успех - пласман на едно од првите две места на табелата“.
Пандев во моментот е во Милано и се опоравува од повреда за која, по направената магнетна резонанца, лекарската комисија на европскиот шампион, Интер, препорача мирување во наредните три недели. Но, во Андора се тренира без уште тројца играчи (Горан Попов, Дарко Тасевски, Дарко Тофилоски) кои фигурираа во првиот список на селекторот Мирсад Јонуз. На стендбај во Романија е голманот Кристијан Наумоски. Тој би дошол во Скопје во сабота само под услов ако излезе нешто непредвидено кај голманскиот двоец Нурединовски-Богатинов. На место на повредените Јонуз не планира дополнително да повика нов фудбалер. Мечот меѓу Македонија е Андора во петок на стадионот „Комунале“ во Ла Вела со почеток во 19 часот (главен судија ќе биде Литванецот Гедиминас Мазеика).
„Бев изненаден. Лично контактирав со Пандев. Ми кажа дека во ниту еден момент не рекол дека се откажува од настапи во репрезентацијата туку дека се запрашувал за кого да игра и како да игра ако навивачите се однесуваат така како што се однесуваа во мечот со Ерменија, дека публиката е потребна да биде 12 играч на македонскиот тим, а не да исвиркува, навредува и омаловажува и него и неговите соиграчи, но не споменал одлука дека се повлекува од националниот тим“, ни изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Харалампие Хаџи-Ристески. |