Изградбата на спомен-куќата на Тоше тапка в место
Крушевчани велат дека веќе неколку недели е запрена изградбата на куќата. Надлежните тврдат дека се' оди според планот
Катерина Шекеровска Даниела Трпчевска
Молк на градилиштето на познатото крушевско Гумење каде што до крајот на годинава треба на никне спомен–куќата во чест на познатиот македонски пејач Тодор Проески, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во Хрватска. За неколку месеци ќе биде обележана тригодишнината од трагичниот настан, а се' уште не се знае дали дотогаш ќе биде изградена спомен-куќата, со што земјава ќе и' оддаде достојна почит на балканската музичка ѕвезда.
Калиопи Бојчиновска, директорка на Историскиот музеј во Крушево, тврди дека нема никаков застој во градежните работи и дека спомен–куќата ќе биде готова во предвидениот рок, а тоа е 15 декември годинава. Но, дека, сепак, има одложувања во градежните работи, вчера ни потврди хрватската градежна фирма, која е задолжена за изведба на објектот.
Коментар побаравме од одговорните луѓе во „Конструктор инженеринг“ со седиште во Сплит. Во изјавата за „Утрински весник“ директорот на подружницата на „Конструктор инженеринг“ во земјава, Чедо Радомировиќ, потврдува дека работите доцнат поради испораката на специјално калено стакло од Германија, кое ќе биде искористено за изградба на покривната конструкција.
„Застојот е поради најновата промена на проектот за покривната конструкција, со која место од обично стакло, беше решено покривот да биде направен од калено. Стаклото е порачано и платено, но доцни со испораката. Нашиот добавувач ’Прототип‘ го порача од Германија. Да бидам искрен, стаклото требаше да пристигне уште минатата недела. Секојдневно вршиме притисок, но ги имаме сите уверувања и докази дека причината за доцнење е од фирмата производител во Германија. А со оглед на тоа дека без покрив не може да се работи на друго како инсталација, озвучување и слично, моментално тапкаме в место. Набавката на стаклото не' кочи веќе три недели, но, како и да е, финалниот рок за изградба на објектот е 15 декември и се надеваме дека пред Нова година се' ќе биде завршено“, ни изјави Чедо Радомировиќ.
Крушевчани велат дека веќе две недели не се слуша звукот на лопатите и џагорот на работниците што се ангажирани за изградба на спомен-куќата. Чаршијата коментира дека поради недостиг од пари, најверојатно, се запрени сите активности околу изградбата, а кога би можеле да продолжат, никој не знае!
„Се' е замрено, се' е стишано. Веќе две недели како не гледаме работници да доаѓаат на објектот, чија изградба не е стасана ниту до половина. Слушаме дека немало пари за градба, па работниците поради тоа често си заминувале од градилиште. Дури се зборува дека досега три фирми работеле на спомен-куќата, ама сите си заминувале. Зошто, никој не знае“, вели едно дваесетгодишно момче од Крушево, вработено во познат локал во центарот на планинското гратче.
Разоч��раност, но и револтираност се чувствува во гласот на младите крушевчани, оние малкумина што останале да живеат во градот, кој се наоѓа на највисока надморска височина на Балканот.
„Се постави само осветлување до манастирот ’Св. Преображение‘ и се работеше нешто на патот. И толку, за другото како да не е мрднато со прст“, коментираат постарите жители на градот, седнати на попладневна починка на клупите кај Гумење, кои од левата страна гледаат кон вечното живеалиште на Тодор Проески, а десно кон недоизградената спомен-куќа на младиот пејач.
Но, Калиопи Бојчиновска, директорка на Историскиот музеј во Крушево, е децидна дека работите течат според предвидениот план и со утврденото темпо. Таа вчера тврдеше дека лично отишла на градилиштето за да се увери дека изградбата на спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење е во тек.
„Не знам од каде ви се тие информации дека има застој. Еве, штотуку се вратив од местото каде што се гради куќата и на кое се одржува состанок со градежниците и со претставници на Министерството за култура. Работите течат, нема никаков застој во изградбата на куќата. Работниците се постојано на терен, се' се одвива тековно и како што најави министерката за култура, спомен-куќата на Тоше Проески се очекува да биде завршена до крајот на годината“, вели Бојчиновска.
Објектот се гради според проектот на Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски, а градежните работи ги изведува „Конструктор инженеринг“ ДД Сплит. Камен-темелник беше ставен еден ден пред роденденот на Тоше, на 25 јануари 2009 година, а планирано е да биде готов до 15 декември, а во спомен-куќата ќе бидат сместени сите лични работи на Тоше од неговиот живот и од кариерата. Спомена-куќата, која е поставена на височинка, се гради на две нивоа и се протега на површина од 1.200 квадратни метри.
Покрај спомен-куќата, државата планираше да изгради и меморијален споменик во чест на Тоше Проески, но одлуката завчера на собраниската седница беше пролонгирана за две години. Споменикот требаше да биде готов до 31 јули, но со новата одлука, изградбата се пролонгира поради „објективни причини, односно имотно-правни пречки“.
За пратеникот на СДСМ, Јани Макрадули, вистинската причина се крие зад недостигот од пари, бидејќи „за доизградбата на овој меморијален споменик во предвидениот рок недостигале уште 15.000 евра“.
„Си поигрувате со ликот на Тодор Проески, бидејќи споменикот требаше да биде готов, а досега нема ништо. Нехумано е да се скратат средства за најголемата личност што ја имала Македонија“, реагираше завчера Макрадули, барајќи да се пренаменат средства од други владини проекти за доизградба на споменикот.
Ваквата одлука е пречекана со доза на разочараност кај крушевчани, кои ја поздравуваат изградбата на патот до манастирот „СВ Преображение“, каде што Тоше го наоѓаше својот душевен мир, како и осветлувањето на објектот, но сметаат дека треба да се забрза изградбата и на другите планирани објекти во градот. |