Kорумпирај и гради
Третина од предметите во Антикорупциска комисија се за корупција во градежништвото
Билјана Ангеловска
Корупцијата како вирус ги има зафатено сите сфери на урбаното планирање, но таа е длабоко навлезена и во градежништвото, бидејќи заработувачката во овој бизнис е над 100 проценти, што значи има доволно пари и да се профитира и да се корумпира оној што треба. Дали вината за тоа треба да се бара во локалната или во централната власт? Кој треба да ја сноси одговорноста и што треба да се стори да се искорени оваа појава? Ова беа главните точки на кои најмногу се дебатираше на вчерашната трибина „Корупција во постапувањето на државните органи и единиците на локалната самоуправа во областа на урбанизмот и градежништвото“, што се одржа во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Дури една третина од вкупниот број предмети што доаѓаат до Антикорупциската комисија се однесуваат на корупција во градежништвото. Поточно, од просечно 1.000 предмети колку што доаѓаат годишно, околу 300 до 350 се од градежништво и урбанизам и тоа од сите фази, од изготвување на урбанистичките планови, преку издавање одобренија, толерирање бесправна градба, нејзино вметнување во планови, па се' до нефункционирање на градежната инспекција“, рече Илми Селами, претседател на Комисијата, прашувајќи дали оние кои работат во државните надлежни органи работат за инвеститорите или за државата и за интересите на граѓаните.
Селами потенцираше дека за разлика од развиените земји во кои борбата против корупцијата во оваа област е на врвот на антикорупциските органи, кај нас, таа како да спласнува. „Сите надлежни органи треба да се алармираат и да бидат агилни, оти корупцијата во градежништвото се зголемува особено откако ингеренциите потпаднаа под локалната власт“, рече претседателот на ДКСК.
„За Кинескиот ѕид сите ја обвинија градоначалничката Аларова. Но, кој беше на чело на Советот на Општината, кој го донесе ДУП-от, кој правеше ревизија на планот, какво беше мислењето на Градот за планот, на Министерството за транспорт? Има тенденција целата одговорност да се сведе на градоначалникот, што е сосем погрешно. Некоректно е да се фрли анатема врз градоначалникот, кога процесот има повеќе чинители“, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Споед него главниот проблем за појавата на корупција во урбанизмот и градежништвото не е персонален, туку системски, бидејќи, како што рече, во последните четири години се донесени многу лоши закони кои создаваат системска корупција. За Јакимовски недозволиво е со ДУП да се интервенира во ГУП, или со локална планска документација да се менува детален план.
Градоначалникот на Велес, Горан Петров, пак, смета дека проблемот е наследен од 2005 година, од кога датираат и најголем број дивоградби. Дотогаш ингеренциите беа во рацете на државата, а децентрализацијата доведе до усложнување на проблемот.
„Како може еден дивоизграден објект да биде приклучен на струја и на вода. Сите ли се слепи дека е тоа дивоградба? Најголем дел од ваквите објекти функционираат сосем нормално, ги имаат сите дозволи, освен онаа за градба“, потенцира Петров.
Директорот на Државниот градежен инспекторат, Сашо Дукоски смета дека локалната самоуправа на чело со градоначалникот има обврска да ги спроведе законите што ги носи државата, а причината за бесправното градење треба да се бара токму во начинот на кој функционираат локалните органи. Т��ј смета дека градоначалниците се трудат да ги прогласат за неодговорни сите други, освен оние што, всушност, ги издаваат документите.
Бившиот заменик министер за транспорт и врски, сега началник за урбанизам во Општина Тетово, Скендер Палоши е на став дека честите измени на законите се главна причина за појава на корупција. Вели дека од 2005 година до денеска пет, шест пати е интервенирано во законите за просторно и урбанистичко планирање и за градење.
„Честото носење планови отвора можност за недоследности кои, пак, оставаат простор за корумпираност. Секој урбанистички план поминува низ повеќе филтри, планер, ревидент, секој со лиценца за својата работа и со своја одговорност. Затоа, не може еден човек да биде одговорен за се', секој си има своја одговорност“, смета Палоши.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации потенцираше дека од 2005 година до денес ништо не е сменето на полето на корупцијата во градежната сфера. Укажувајќи дека на запад присуството на корупција се цени според тоа колку често се менуваат законите и урбанистичките планови, тој апелираше во законот за легализација на дивоградбите да има јасни критериуми за тоа кои и колку бесправни објекти ќе можат да се легализираат. |