Сребрен медал за тандемот Фучкар - Маер
Во поединечна конкуренција на Светското првенство во Австрија, елиминирани и Бенедик и К. Манев
Миодраг Мицковиќ
Македонските куглари постигнаа голем успех на Светското првенство што се одржува во австрискиот град Ризинг освојувајќи сребрен медал во дисциплината тандем-микс. Дамир Фучкар и Леонарда Маер успеаја да се пласираат дури во финалето каде загубија од хрватската двојка Булка-Лиовиќ со 2:0. Нападот до финалето Дамир Фучкар и Леонарда Маер најпрвин ја победија австриската двојка Гердених - Лонар, потоа беа подобри од двојката од Чешка Питлих - Виде��манова, во третото коло успеаја да ја совладаат унгарската двојка Каршаи - Конгради, за да во полуфиналето со 2:0 бидат подобри од словачката двојка Томка - Кучарева.
Во двојки настапија и Бенедик и Гиевска, меѓутоа, уште во првото коло загубија од Киш-Драјко (Унгарија), а исто така беа поразени и Урош Стоклас и Трпковска од Питлих - Видерманова (Чешка).
Многу очекувавме и во поединечна конкуренција од Костадин Манев и Борис Бенедик кои се пласираа во третото коло и верувавме дека ќе се најдат во четврт-финалето. Меѓутоа, за жал, Бенедик не успеа да го победи Австриецот Хубер од кого загуби со 3:1 додека Костадин Манев беше послаб од Словакот Иво Чех со поразот од 2,5:1,5. Натпреварите на Светското првенство продолжуваат во натпреварите во спринт во машка и во женска конкуренција, но сепак со сребрениот медал на тандемот Фучкар - Маер можеме да бидеме задоволни бидејќи е освоен во мошне силна конкуренција на најдобрите двојки во светот. |