Од бележникот на репортерот
Средба со минатото во Романија
Димитар Чулев
Во Хунедоара имаше стотици Македонци кои беа протерани од Грција, сега ги има само неколкумина
Хунедоара, Романија - Кога последен пат ја видов, Данка имаше шест години и темни сини очи. Денес, 46 години подоцна, таа се' уште е помлада една година од мене, има сопруг, ќерка по име Мируна и дваесет минути пауза напладне за да се видиме во Хунедоара, град некаде во централна Романија каде што и двајцата сме родени.
„Крени рака да видам кој си“, ми вели на мобилен откако љубезните соседи од Блокот Т-3 на булеварот „Трајан“ ми го дадоа нејзиниот број, иако бевме на помалку од три метри растојание еден од друг. Данка или Слободанка, како што и' е вистинското име, од мајка Доста и татко Кузе, е можеби последната Македонка по род во Хунедоара. Дете е на родители, некогашни протерани деца по Граѓанската војна во Грција во пролетта 1948 година, кога над 25.000 деца на возраст од шест месеци до 12 години беа „дислоцирани“ во источните земји во спасувачката операција пред финалниот пораз на Демократската армија на Грција. Илјадници деца беа распределени во Југославија, Унгарија, Чехословачка, во Полска... Илјадници и во Романија, од кои сто��ина во Хунедоара, индустриски град каде што се калеше комунизмот паралелно со 15 милиони тони челик годишно.
„Моите не ги добија книгите (документите) навреме за да заминеме. Јас се заљубив во Аурел (сегашниот сопруг) и останавме“. Зборува тешко македонски, многу полошо од пред 46 години. Прашува за Ирина и Арети, мои братучетки и нејзини другарки кои се денес во Скопје. Нема солзи, само тажни темносини очи додека разменуваме телефонски броеви во последните секунди од паузата.
Минав, благодарение на мои пријатели од Романија, дури 18 часа во градот во кој се родив. Во вторникот Хунедоара изгледаше некако инаетчиски иста, иако помина половина век откога заминав „за стално“ во 1964 година. Ми приоѓа жена на свои 70 години, заинтересирана дека гледам во зградата чија фасада не се промени ни приближно толку колку јас во овој период. Вадам фотографија на која сме ние двајцата, но сликани во некое друго време. Не верува, почнува да плаче...
Олга Здуку, Гркинка, чиј татко загина на страна на ДАГ, заедно со мајка си Афродити и сестра си Викторија, живееја заедно со нас во станот број два од 40 квадрати во влезот 2 и во Блокот 2 на улицата „Јон Лука Караџале“. Една соба за татко ми, мајка ми и јас, другата за нив. Кујната и тоалетот беа заеднички. Никогаш не се вратија во Грција, зашто никој од роднините таму не им подаде рака. „Нема веќе со кого да зборувам ни грчки“, ми вели. Во целиот влез во тоа време имаше само едно семејство Романци... Мојот другар Елвир Попеску одамна заминал, Никос, момчето од соседниот стан, стана добар фудбалер и кариерата ја заврши во грчки „Панатанаикос“. Шабанови заминаа во Бугарија, во 1960-тите кога оние што се враќаа во Југославија беа етикетирани како „титоисти“.
„Што стана со Тиби“, прашувам тукутака. Олга без збор се јавува на телефон и за помалку од минута на врата се појавува ќелав господин, на 56 години, со побелен остаток од косата и скромен пивски стомак. Тиби или Тиборг Келер, Унгарец по мајка и Германец по татко, ми беше другар и идол со своите „зрели“ десет години во дамнешната 1964. Остана во градот и во „мојата“ зграда, живее како предвреме пензиониран електричар во Комбинатот, има ќерка и астма. Поради ова второво, не може дополнително да заработува.
Металуршкиот комбинат „Хунедоара“, со капацитет за производство од 15 милиони тони челик, во педесеттите години беше вистинска мека на социјалистичката изградба на земјата. Многу млади луѓе од сите професии заминуваа да бидат дел од 20-илјадниот колектив. Од етнички измешаната Романија многумина беа привлечени во градот каде што се калеше челикот. Унгарци, Германци или Саси, Грци и Македонци од Егејска Македонија во сонот за подобро утре. На улиците се комуницираше на сите јазици. Ние, децата, растевме како билингвисти или трилингвисти. На госпоѓа Келер, Унгарка, секогаш и' се обраќав со „серек чоколом“ или „ви бакнувам рака“, што е традиционална форма на обраќање кон дами. Без разлика на возраста.
Оние што сакаат да ја видат и позитивната с��рана на трагедијата на протераните од Егејска Македонија мора да признаат дека егзодусот од зафрлените села со сменети (нови грчки) имиња и строго контролирани со механизмите на грчкиот национализам не беше и хендикеп. Напротив, во Романија, како и во другите земји од бившиот социјалистички лагер, тие добија образование, занает, имаа можност да научат странски јазици, да ја почувствуваат и практикуваат културната различност. Хендикепот е единствено што и генерацијата родена во тие земји се соочува со истата траума – да бара виза за да го посети местото на раѓање.
„Никогаш не се гледавме како туѓо ткиво овде“, ми вели Олга, иако е разочарана што и по толку години, официјално ја водат како политички емигрант од Грција. Имала осум години кога дошла во Романија, без татко, се омажи, но сопругот Георги, Македонец, почина по една повреда на работа. Гркинката по род, мајка на деца-Македонци по татко, кои стапија во брак, од старото друштво во зградата го има само Тиборг.
„Можеби нема да веруваш, но пред неколку дена набројувавме кој се' си замина одовде“, ми вели Тиби. Го прашувам за Адријан Настасе, легендата на романскиот ракомет и актуелен селектор на романската ракометна селекција, кој, исто така, е роден во Хунедоара во 1957 година. Констатираме дека, најверојатно, бил во другата група во градинката во која одев.
Во седумдесеттите години градот Хунедоара достигна до бројка од 87 илјади жители. Олга, хемичар по струка со 35 години работен стаж, ми вели дека само челичарницата во Галац со своите 56.000 вработени беше поголема на Балканот. Градот има своја железна предисторија: откако Дачија (старото име на Романија) во 105 година од новата ера падна пред императорот Трајан и под римска управа, регионот богат со железо го привлече вниманието на Римјаните кои тука почнаа сериозно производство на драгоцениот метал. Во 13 век градот е веќе познат центар на производство и трговија со луѓе, кои Римјаните ги нарекувале „natas ibi, ubi ferum nascitur“ или „родени таму каде што се раѓа железото“.
Изгледа неверојатно, но првата висока печка за производство на железо била изградена токму во Хунедоара, во 1750 година, а половина век и втората. За време на комунизмот, градот го доживува својот процут. Фудбалскиот клуб „Корвинул“, наречен така по династијата Корвини, која во 15 век го изгради монументалниот замок во готски стил, кој денес е туристичка атракција, станува трета фудбалска сила во националната лига... Сепак, последните години од режимот на Чаушеску не беа благонаклони кон градот на челикот... Над десет илјади луѓе го напуштија градот кој сега брои малку над 70.000 луѓе. Трансформацијата, приватизацијата и половичните мерки што беа преземени доведе до умирање на Комбинатот. „Арцелор Митал“ сега е газда на мал дел од она што функционира на маргините на некогашниот и сега мртов гигант.
|