Првачињата влегоа во светот на книгата
Министерот Стојановски им посака среќа на 23.000 првачиња порачувајќи дека бројките и буквите се најинтересните играчки
Оливера Војновска
Основните училишта во државата вчера ги отворија вратите за над 23.000 првачиња - сите на возраст од околу шест години, кои ќе ја означат втората генерација на деветтолетката. Првоодделенците вчераутро придружувани од родителите (некои и од цели делегации од поширок состав на семејствата), дотерани во најубавите облеки, но и вознемирени, со нетрпение го очекуваа почетокот на првиот училиштен час.
Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, на сите ученици им посака успешен почеток на новата учебна година, а на првоодделенчињата успешен влез во светот на книгите. Првиот училиштен ден министерот ги посети скопските основни училишта „Лазо Ангеловски“ и „Рајко Жинзифов“.
Изразувајќи се сликовито и во обид да ги релаксира, Стојановски им кажа на првачињата дека „училиштето, всушност, е голема игротека, бројките и буквите – најинтересните играчки“. Убеден дека децата засекогаш ќе го паметат првиот училиштен ден, министерот изрази надеж дека „знаењето што ќе го стекнат во образовниот процес ќе им создаде вештини и вредности со кои ќе можат да се соочат со предизвиците што ги носи животот“.
Од оваа учебна година новина е воведувањето верско образование за основците и стартот на проектот задолжително средно образование. Според податоците што ги соопшти министерот Стојановски, 11.300 петтоодделенци одбрале да учат веронаука, а 6.300 историја на религиите.
Петтоодделенците ќе можат да избираат меѓу веронаука или историја на религиите. Уште на стартот на веронауката се појавија првите реакции на родители кои тврдат дека во некои училишта не им е оставен простор да изберат еден од двата предмета, туку им се наложува веронауката.
Потпретседателот на Либерално-демократската партија, Андреј Жерновски, вчера пред Министерството за образование и наука соопшти дека трите проекти на Владата во областа на образованието „Компјутер за секое дете“, „Задолжително средно образование“ и „Веронаука во училиштата“ доживеале фијаско уште во самиот почеток. Жерновски го критикуваше проектот „Веронаука“, нагласувајќи дека „нема ниту учебници ниту наставници, а обуката се прави ден пред почетокот на учебната година и тоа само 30 минути“.
Одговарајќи на нападите од ЛДП, Стојановски на вчерашната прес-конференција изрази жалење што овој „свечен чин за основците и за средношколците беше злоупотребен за политички цели“.
„Беа злоупотребени чувствата на над 11.300 ученици и родители кои избраа во петто одделение да изучуваат веронаука, на над 95.000 средношколци кои од денеска имаат компјутер пред себе. Овие 11.300 ученици се од 87 отсто обработени податоци, а околу 6.300 петтоодделенци се пријавиле за предметот историја на религиите. До среда, како што рече Стојановски, ќе бидат познати дефинитивните податоци и врз основа на нив ќе биде одредено колку наставници ќе бидат ангажирани. На обуката биле поканети околу 180 теолози, но не значи дека сите ќе бидат ангажирани“, изјави Стојановски, појаснувајќи дека обуките што се одржаа за идните вероучители биле само за да се објасни кодексот на однесување во училиштата и водење на педагошката евиденција.
Во однос на проблемите со учебниците за трето и за шесто одделение, Стојановски изјави дека за третоодделенците учебниците се веќе испечатени и пуштени во продажба, додека за шестоодделенците ќе излезат во продажба меѓу 20 и 29 септември.
Во првата година во средните училишта се запишани околу 25 илјади завршени осмоодделенци. Министерот за образование и наука информираше дека наставата е започната во сите училишта, освен во неколку средни училишта, каде што имало одредени технички проблеми кои во текот на денот се надминати. Според Стојановски, решен е проблемот со албанските паралелки во медицинското средно училиште „Панче Караѓозов“, како и проблемот со петте паралелки од „Цветан Димов“ кои требало да бидат префрлени во „Арсение Јовков“.
По августовскиот уписен рок незапишани во средно останаа околу 2.700 ученици. Според процените на Министерството за образование и наука, дел од нив се очекува образованието да го продолжат во приватните средни училишта. За останатите уписот континуирано трае, а Министерството најави стимулативни мерки за родителите кои не ги запишале децата во средно. Во спротивно, ќе важи Законот за средно образование кој предвидува казна од 1.000 евра. Бесплатни учебници ќе добијат учениците од семејства приматели на социјална помош, за што Министерството обезбеди 250 милиони денари. Од наредната учебна година учебниците ќе бидат бесплатни за сите ученици во основното и во средното образование.
Вицепремиерите задолжени за европски прашања и за спроведувањето на Рамковниот договор, Ивица Боцевски и Абдулаќим Адеми, пак, на првиот училиштен ден беа во средните училишта „Никола Карев“ и „Зефљуш Марку“ во Скопје, порачувајќи притоа дека образованието останува врвен приоритет на Владата. Вицепремиерот Боцевски информираше дека учениците од Државното средно училиште „Зефљуш Марку“ за петнаесетина дена ќе започнат да посетуваат настава во новата училишна зграда. Со тоа и официјално по 35 години, ова средно училиште и гимназијата „Никола Карев“, во чија зграда сега се одвива наставата, физички ќе бидат одвоени. |