На Попова Шапка наврнаа 100 литри на квадратен метар
Времето од утре ќе се стабилизира,п но ќе биде постудено
Снежана Калабакова
Влажните бранови што ја зафатија Македонија од завчера условија обилни врнежи од дожд, кои на Попова Шапка достигнаа 100 литри на квадратен метар. Хидролозите на мерното место Пожаране измерија 74 литри, во Тетово 70, во Скопје на Зајчев Рид наврнаа 58, додека во Петровец 48 литри на квадратен метар. Четири литри помалку имаше во Куманово, 39 литри на Ѓуриште и 34 во Дебар. Помалку од триесетина литри имаше само во Штип.
Врнежите нема да имаат негативно влијание во земјоделството, велат агрометеоролозите, туку, напротив, тие се добредојдени за почеток на есенската сеидба. Според некои од нив, пак, врнежите сега ја отежнуваат жетвата на оризот.
Проблеми може да се очекуваат и ако дождот продолжи да паѓа во наредните денови поради што ќе дојде до прекумерно зголемување на влагата во почвата, а механизацијата тешко ќе може да влезе на нивите. Но, прогнозите велат дека се очекува стабилизирање на времето.
Земјоделските експерти смируваат дека паѓањето на утринските температури под нулата нема негативно да се одрази врз земјоделските култури. Според нив, врнежите моментално се повеќе од добредојдени и одличен предуслов за поче��ок на работите околу есенската сеидба, особено поради фактот дека летото беше сушно и немаше доволно влага во почвата. Додаваат дека оптималните рокови за сеидба на есенската пченица, околу 15 октомври, се' уште не се почнати.
Според информациите од УХРМ, утре, задутре и в недела се очекува стабилизирање на времето, но и пад на температурите под нулата во повисоките места, Берово, Делчево, Крива Паланка. |