Македонија побогата за седум милиони дрвца
На 80 локации низ целата држава, заедно садеа ученици, пензионери, деца со мајки...
Македонија од вчера е позелена за седум милиони садници. На 80 локации низ целата држава, заедно садеа ученици, пензионери, деца со мајки. „Шестата акција ’Денот на дрвото’, под мотото ’Садиме за нас’, е успешна“, рече вчера маестро Борис Трајанов, еден од иницијаторите. Тој информираше дека досега се насадени над 35 милиони дрва, а голем дел се забележливо пораснати. Како и минатите две години, повторно се облагородуваа голините во околината на населените места, но вчерашната акција во голем дел се одвиваше и во урбаните средини.
Во околината на Скопје се садеше на три локации. Премиерот Никола Груевски и градоначалникот Коце Трајановски засадија млади дрвца кај Милениумскиот крст на Водно. „Кој еднаш засадил дрво, никогаш нема да исече друго“, рече Груевски, поздравувајќи ја свеста и масовноста на граѓаните. Зафатеноста на дрвцата од досегашните пет акции е над 70 отсто, што е висок процент и голем успех според Груевски.
„Садењето дрвца е обврска и за сегашните и за идните генерации“, порача вицепремиерот Зоран Ставрески на Средно Водно, нагласувајќи дека само човек што сака да создаде подобри услови за иднината е подготвен да сади дрво.
Акцијата се реализира во сите општини во државата, а се садеше и покрај езерата, автопатите и граничните премини. Во Дојран беа пошумени 20 хектари опожарена површина, а во Кумановско, на месноста Вуевска Карпа, се засадија 260.000 садници. Шест хектари со багреми се садеа и во Струмичко, а во Битолско традиционално се садеше бел и црн бор. Во Гостивар беа засадени 210.000 садници, а во Кочани се пошумија 20 хектари со чемпреси и брези.
Последната акција беше поддржана и од бугарската музичка телевизија Балканика, која медиумски ја промовираше кампањата. Менаџерот Красимир Георгиев истакна дека „Македонија и Македонците им покажаа на сите Балканци како да гледаат напред во садењето на иднината“. (С.Н.)
|