Вести од естрада
Десет кантавторски песни на новиот албум
ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ
Поп-пејачот и кантавтор Ѓорѓи Крстевски, кој неодамна ја промовираше својата истоимена продукција, во своето музичко студио забрзано работи на песните што ќе се најд��т на неговиот нов албум, кој е предвидено да излезе по Нова година. На албумот ќе се најдат десет нови песни, чиј комплетен автор е самиот, како и актуелниот сингл „Заборави се“, кој слушателите можат бесплатно да го симнат од неговата веб-страницата www.gorgikrstevski.com. Непосредно пред објавувањето на албумот Крстевски најавува и промоција на уште еден нов сингл.
СИНГЛ
„Сам ме остави“ - балада на „Браво бенд“
„Браво бенд“ интензивно работи на нова песна, балада со наслов „Сам ме остави“. Таа е дело на Александар Тасевски, текстот го напиша Сања Николиќ, а аранжманот е на Атанас Алексов. Песната се очекува да излезе во етер за две недели, а потоа за неа ќе се снима и видеозапис.
„СКАНДАЛ САСТАФ“
Промовиран новиот сингл „Немој никаде“
„Скандал састаф“ го промовираше вториот видеозапис за песната „Немој никаде“, за кој музиката и аранжманот ги направи Славиша Киброски, а текстот е на Огнен Неделковски. Токму со оваа песна бендот го освои и првото место од жири-комисијата на овогодинешниот фестивал „Охрид фест“. Спотот е снимен во Скопје во видеостудиото на „К-тим“ продукција, а е правен во 2-Д анимација. Во меѓувреме „Скандал састаф“ продолжува со свирки низ дискотеките и клубовите во земјава.
„ГОЛЕМИОТ БРАТ“
Вики и Карло раскинаа
Пукна љубовта меѓу ѕвездите на реалното шоу „Големиот брат“, Македонката Виолета Ралева и српскиот бербер Карло Загорац. „Од куќата па се' до пред неколку дена цело време бевме заедно. На годишнината од нашата врска - раскинавме“, изјави Карло за српски „Блиц“. Причина за раскинувањето, најверојатно, била разликата во години - Карло има 33 години и еден брак зад себе, а на дваесетгодишната Вики ова и' била прва посериозна врска.
КЛУПСКА ШЕМА
Диџеј Миста Микс за старт на клубот „69“
Од недела (10 октомври) почнува новата сезона во клубот „69“ каде што ќе се случуваат хип-хоп и ар-ен-би организирани од Шур-Шот ентертеинмент. На самото отворање покрај диџеј Шорти П. главен збор ќе го има њујоршкиот артист диџеј Миста Микс, кој доаѓа од Бруклин. Организаторите најавуваат атмосфера слична на најдобрите забави низ клубовите во Њујорк со одлично технички подготвен диџеј.
СУЗАНА ЃАВАЗОВА
„Лудо лето“ за почеток на есента
Фолк-пејачката Сузана Ѓавазова во изминатиот викенд сними видеозапис за нејзината најнова песна „Лудо лето“ со која победи на фестивалот „Охрид фест“ оваа година. Музиката и аранжманот за песната ги направи Дејан Момировски, а текстот е на Борче Нечовски. Спотот е снимен во Охрид во клубот „Куба либре“, а во него се појавува Сузе во секси стајлинг за кој се погрижи Монси. Специјално за снимањето на спотот таа се капеше во Охридското Езеро во 5 часот наутро. Зад записот стои режисерот Дејан Момировски и „Бокс продукција“, а неговата промоција се очекува деновиве. |