Пожар во Израел - 41 загинати
ХАИФА - Билансот на жртвите од најголемиот пожар досега во Израел вчера достигна 41 лице, а противпожарни екипи и опрема почнаа да пристигнуваат од цел свет за да помогнат земјата да се справи со катастрофалниот пожар. Пожарот, поради кој се раселени илјадници луѓе, се' уште беснее во шумите во северен Израел, како и во предградијата на третиот најголем град Хаифа.
Откако беше упатен повикот за помош во Израел пристигна досега невиден конвој со меѓународна помош. Израелски претставници јавија дека пристигнале околу 100 пожарникари од Бугарија, како и сили од Јордан и од Грција. Противпожарни авиони се на пат од Велика Британија и од Кипар, како и помош од САД, Русија, Египет, Шпанија, Азербејџан, Романија и од Турција - кои ги оставија настрана неодамнешните тензии за да подадат рака. Министерот за надворешни работи, Авигдор Либерман, изјави дека севкупната меѓународна помош се очекуваше да стигне вчера попладне. Во интервју за израелското радио тој изрази надеж дека пожарот би можел да биде локализиран до ноќните часови. (АП) |