Ветерот ги однесе ветерниците
Иван Бојаџиски
ШТИП - Ветерот над Штип секојдневно дува ама од одамна најавуваните ветерници во овој крај нема ништо. Еуфоријата за инсталирање полиња на ветерници е стивната речиси цела година. Нема ни трага ни глас од заинтересираните инвеститори од Израел, Белгија, Русија, Австрија, Холандија, Германија, Англија. Само шпанската компанија „Инвал“, која во нашава држава формира фирма под името „Инвал Македонија“, се' уште искажува некакви намери да инвестира во ветерници и тоа во штипско-радовишкото подрачје.
„Освен шпанската фирма ‘Инвал‘, последнава година, никој од друга земја не пројавил интерес за инсталирање ветерници. Шпанската компанија има отидено најдалеку во оваа насока. Имено, постави инструменти и изврши мерење на силината и константноста на ветерот на подрачјето на општините Штип - Радовиш – Конче“, изјави штипскиот градоначалник Зоран Алексов.
Според Алексов, „Инвал“ бил подготвен на спомнатото подрачје, кое било детектирано како мошне поволно за производство на електрична енергија, да инсталира 66 ветерници. Од нив 48 би биле на подрачјето на општината Штип. Секоја од ветерниците ќе била со јачина од три мегавати, што значи дека од ова подрачје македонскиот енергетски биланс ќе биде зајакнат за вкупно 198 мегавати. Се разбира, под услов да се реализира инвестицијата.
Нешто чудно се случува со приказните за ветерот и ветерниците во нашава држава.
Откако во 2008 година оваа проблематика стана топ-тема во јавноста, а кај нас, главно, во источниот дел на државата се изредија голем број заинтересирани странски компании за инвестирање во овој бизнис, последнава година исчезнаа. Едноставно ги нема, макар и оддалеку, да ги кажат конечните намери.
Есента 2008 година австриската „Нова енергија“ во Радовиш бараше погодна локација за инсталирање на 15 ветерници. Локација им беше дадена ама тие повеќе не се појавија во оваа општина. Најинтересен, односно најскокотлив беше настанот на англиско-израелската компанија, која истата година дојде во Свети Николе, најавувајќи инвестиција од една милијарда евра во производството на електрична енергија преку користење на енергијата на ветерот и на сонцето. Израелецот Дејвид Браун, прв човек на компанијата, тогаш изјави дека источниот дел на Македонија е најпогодното место во Европа за производство на таканаречена „зелена“ енергија.
„Светот е пред вистинска енергетска револуција. Се свртува кон таканаречената ‘зелена‘ енергија, каква што е енергијата на сонцето, ветерот, геотермалните води, биогасот. Подготвени сме ургентно да инвестираме в�� инсталирање на поле од 90 ветерници од по три мегавати, а потоа да го прошириме тој бизнис. Наша генерална цел е југоисточниот дел на Македонија да го покриеме со сончеви колектори за производство на струја. Во тоа сме подготвени да инвестираме една милијарда евра“, порача тогаш Дејвид Браун.
Од таа година, која се сметаше за многу надежна во поглед на заинтересираноста на странски инвеститори да вложат големи пари во ветерници, досега не се направи ништо. На оваа тема се обидовме да поразговараме со одговорните во „Инвал Македонија“, но тие ја спуштија телефонската слушалка и останаа недостапни за разговор.
Се чини дека над Штип и на другите места во источниот дел на државата ветерот ќе продолжи да си дува како и досега, но во исто време постои и реален страв дека некој друг ветер ги „издува“ можните инвеститори од Македонија. |