Старата инсталација ги пали училиштата
Во ОУ „Вера Јоциќ“ во скопски Хиподром се средува хаосот по неделниот пожар. Годинава, ова е трет пожар што избувна во скопските училишта поради дотраена електрична инсталација
Горан Адамовски
Изгорени греди, искршени прозорци, опожарени училници, поплавени простории... Ова сега е инвентар на ОУ „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром по пожарот што избувна во неделата попладне во празното училиште.
Работници од една приватна фирма што ја најми Општина Гази Баба вчера ги чистеа остатоците од пожарот. Мирис на изгорено се ширеше речиси до главната улица во населбата.
„Изгоре една третина од училиштето, односно централниот тракт“, вели директорката Лилјана Малковска-Крстевска, која заедно со наставниците и со другиот персонал се обидува да ги стави работите во нормала.
Вкупно 510 ученици од прво до осмо одделение добија продолжен викенд. И денеска ќе добијат слободен ден, но веќе од утре би требало да се вратат на настава. Кровот, трите училници, работилницата, наставничката канцеларија и санитарните јазли, кои директно беа погодени од пожарот, како и уште две училници што се поплавени по гаснењето на пожарот, ќе бидат изолирани.
„Ќе имаме посебни врати за влез, а проблемот со опожарените тоалети ќе го решиме на тој начин што ќе ги користиме оние од фискултурната сала, а ќе ставиме и монтажни“, објаснува директорката на ОУ „Вера Јоциќ“.
Старата и дотраена електрична инсталација се споменува као причина за пожарот. Се' уште се утврдува дали огнената стихија избувнала од работилницата или, пак, од училницата отспротива.
„Ова не е првпат да се случи ваков инцидент. Ова е централно училиште во населбата, тука секоја година се' школуваат стотици деца, минале генерации и генерации, затоа е редно да имаме едно убаво ново училиште. За среќа, пожарот се случи во недела кога училиштето не работи“, велат станари на околните згради, кои во „Вера Јоциќ“ учеле пред дваесетина години.
Основното училиште „Вера Јоциќ“ е изградено во 1974 година и тоа, како што вели поранешен советник во Општина Гази Баба, со материјал, кој веќе бил користен во гимназијата „Георги Димитров“. Уште лани била поведена иницијатива за изградба на нова училишна зграда на два ката.
„Се трудевме колку што можеме да го разубавиме училиштето, бидејќи го чувствуваме како свој втор дом. Заедно со родителите на децата ја подновивме фасадата, бојосавме, го сменивме паркетот, прозорците, таванот. Токму затоа сега јадот е уште поголем“, зборува Малковска-Крстевска. |