Хипо Алпе Адрија годинава со загуба до 700 милиони евра
Виена - Австриската Хипо Алпе Адрија банка годинава може да има загуба меѓу 600 и 700 милиони евра, тврди виенскиот дневен весник „Стандард“.
Претседателот на Управниот одбор на Хипо банка, Готвалд Кранебитер, вчера пред истражниот одбор најави дека банката годинава ќе има „големи загуби“.
Хипо, која минатата година мина во државна сопственост, во 2009 година имаше загуби во висина од 1,6 милијарди евра.
Виенскиот неделник „Тренд“ во почетокот на неделата тврдеше дека државата размислува на банката да и' даде нови државни гаранции за активностите со пресметани загуби што и' претстојат. Во врска со ова банката соопшти дека за нејзиниот биланс годинава нема да има потреба од државни гаранции и оти евентуалните гаранции можат да бидат потребни за некои идни, неочекувани загуби. (МИА) |