Кој нишанел кон Гошев и Поповски?
Никој засега не ги потврдува информациите дека несудениот премиер и првиот директор на Агенцијата за разузнавање биле цел на атентат
Александра М. Митевска Даниела Трпчевска
Нови мистерии за обиди за атентати што се случиле во минатото за наводни обиди за ликвидирање видни личности од политичкиот живот во земјава, повторно испливаа на површина и ја брануваат јавноста. Иако најчесто станува збор за информации што тешко може да се расветлат оти се случиле пред многу години, но и ретко некој се осмелува да посведочи за нив, тие, сепак, се наметнуваат како тема, на која јавноста бара одговори.
Последното сведоштво на поранешниот јавен обвинител, Ставре Џиков, отвори низа дилеми кој и зошто сакал да ги заплаши или, пак, да ги тргне од политичката сцена ексгувернерот Петар Гошев и некогашниот министер Владо Поповски.
Дваесет години по наводните обиди за атентат на Гошев, познатиот скопски адвокат Џиков првпат во разговор за магазинот „Публика“ зборува за првите години од независноста и за опасностит�� што го демнеле тогашниот кандидат за премиер и лидер на СКМ-ПДП и неговото семејство.
„Во текот на договарањето меѓу позицијата и опозицијата, во еден момент како член на изборната комисија се најдов во Собранието и тогаш директно од секретарот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, добив информација дека тие денови бил изведен атентат врз Петар Гошев преку исценирана сообраќајка во која учествувало целото негово семејство“, раскажува Џиков.
Тој вели дека веднаш потоа се сретнал со Гошев и дека тој му ја потврдил информацијата. Наводно, Гошев се сомневал во тајната полиција, која во почетоците на плурализмот се' уште работела под влијание на комунистичката идеологија.
„Утрински весник“ вчера го контактираше Гошев, кој во 1992 година по растурањето на експертската влада на Никола Кљусев, го врати мандатот за формирање на новиот кабинет што му го додели тогашниот претседател Киро Глигоров. Тој ниту ги демантира ниту ги потврдува информациите за обид за негова ликвидација.
„Не сакам да говорам на таа тема. Можеби ќе зборувам во некоја друга пригода“, ни рече доскорешниот гувернер на НБРМ.
Борис Змејковски, кој е споменат во приказната за обидот за ликвидирање на Гошев, вели дека е изненаден и дека прв пат слуша за такво нешто.
„Ова е најголема глупост што сум ја чул досега. Ваквата изјава доаѓа како гром од ведро небо од едноставна причина што Гошев никогаш не бил на толку битна позиција за да биде толку загрозен. Кога веќе измислуваат вакви приказни, барем нека не спомнуваат други имиња“, вели Змејковски за „Утрински весник“.
Тој додава дека не знае зошто е инволвиран во целата работа.
„Никогаш не сум имал блискост и таква комуникација со Џиков за да му дадам такви сознанија. Според мене, станува збор за политички мртви личности што сакаат да воскреснат и ова го прават за лична афирмација“, реагира Змејковски.
Неколку пати во текот на вчерашниот ден се обидовме по телефон да го добиеме и Џиков, но не успеавме да стапиме во контакт со него. Недостапен беше и професорот Владо Поповски, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање кај шефот на државата, за кого Џиков во „Публика“, исто така, вели дека бил цел на атентат. Наводно, во разговор во врска со истрагата за атентатот за Глигоров, Поповски му рекол на Џиков дека „од некои сили од северната граница“ имало обиди и за атентат врз него.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, кој работеше во полицијата од 1976 до 2000 година, вели дека додека тој бил во МВР, не наишол на информација за обиди за атентат на Гошев и на Поповски.
Такви информации, според него, не се испраќаат до државниот обвинител, туку најчесто пристигнуваат во МВР и кај разузнавачките служби, а ако е потребно, и кај највисоките државни функционери.
„За 25 години што ги поминав во МВР не сум слушнал дека имало закани за животот на Гошев или на Поповски“, вели Трајанов. Како што вели тој, полицијата во периодот додека тој работел таму, се соочувала со разни закани упатени кон политичари и државни функционери.
„Сите тие закани се проверуваа, но речиси сите беа несериозни. Исклучок беа заканите упатени кон поранешниот претседател Глигоров, кому подоцна и навистина му беше извршен атентат“, објаснува Трајанов. На пример, раскажува тој, на една прослава на Нова година на масата на претседателот Глигоров била оставена салфетка, на која пишувало дека нема да ја дочека следната нова година и дека ќе биде ликвидиран.
Такви закани за животот на првиот претседател на независна Македонија имало повеќе. Емигранти, претставници на разни организации и приврзаници на различни каузи им испраќале закани и на други политичари, но, тие, за среќа, не се реализирале. Сите тие се покажале како лажни и несериозни дојави. (А.М.М.-Д.Т.) |