Уметниците во дворот на „Света Софија“. Парите се поважни
Црквата и Министерството за култура со спротивни тврдења за забраната на концерти во охридскиот храм
Тина Иванова
ОХРИД - Забраната за одржување концерти во црквата „Св. Софија“ ќе значи и крај на фестивалот „Охридско лето“. Ова е мислењето на сите кои на каков било начин се врзани за најголемата културна манифестација во земјава. Звучи радикално, но симбол на „Охридско лето“ е токму величествениот храм „Св. Софија“. А не Античкиот театар.
„Охридско лето“ точно пред 49 години почна токму во „Св. Софија“ со концертот на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ и во тој прекрасен амбиент со одлична акустика до денес продолжија да се редат концертите на врвни музички уметници и камерни ансамбли, ѕвезди како што се Рихтер, Навара, Погорелиќ, Ојстрах, Ростропович...
Забраната од страна на надлежните црковни лица, во вторникот навечер, да не се одржи концертот на квартетот флејти „Сиринкс“ внатре во „Св. Софија“, уште еднаш го наметна проблемот меѓу институциите, конкретно меѓу Министерство за култура и Дебарско-кичевската епархија, кој тлее со години наназад. Но, наспроти очекувањата црквата да излезе во пресрет на потребите на „Охридско лето“, зашто е неизоставен дел од фестивалот, публиката се соочи со затворени врати.
А овој храм, како што е познато, секогаш се користел за концерти на врвни уметници од светот, а во него се случува и централниот дел од „Струшките вечери на поезијата“ - доделувањето на „Златниот венец“.
Причината што квартетот флејти „Сиринкс“ беше ставен пред свршен чин и за својот настап можеше да го користи единствено предворјето на „Св. Софија“ е прозаична. Министерството за култура, наводно, не го испочитувало договорот со Дебарско-кичевската епархија, ��е ги исплатило парите за користење на овој атрактивен простор и надлежниот архијереј - митрополитот Тимотеј одговорил со неодобрување за користење на црквата за потребите на „Охридско лето“.
„Кога ќе ги исплатат средствата, црквата ќе може да ја користат во договорените термини, вака - не“, дециден е г. Тимотеј. Самиот вели дека оваа мерка е крајно непопуларна, меѓутоа, штом Министерството за култура си дозволува ваков однос и непочитување на договореното, ова бил единствениот начин сериозно да се предупредат. „Ако ’Св. Софија‘ навистина им е неопходна за неколку концерти и ако можат да им исплатуваат хонорари на сите учесници за настап на ’Охридско лето‘, тогаш Министерството за култура мора да си ги намири и обврските кон Дебарско-кичевската епархија“, вели надлежниот митрополит. Г. Тимотеј не сакаше да открие за колкав износ пари станува збор, но нагласува дека договореното мора да се испочитува.
Министерството за култура, пак, го тврди спротивното. Забраната за одржување концерти во црквата „Св Софија“ во рамките на манифестацијата „Охридско лето“, се вели во реакцијата испратена до нашиот весник, нема никаков обврзувачки договор што имплицира финансиски или други обврски кон Дебарско–кичевската епархија поврзани со реализацијата на програмата на фестивалот „Охридско лето“. „Сакаме да подвлечеме дека не постои никаков документ потпишан од поранешните министри Илиријан Беќири и Арификмет Џемаили, како и од сегашниот министер Елизабета Канческа-Милевска, кој го обврзува Министерството на исполнување на барањата на Дебарско-кичевската епархија кои се однесуваат на плаќањето надомест за користење на црквата ’Св. Софија‘ за потребите на манифестацијата. Министерството за култура поседува договор потпишан на 29.5.2006 меѓу поранешниот министер Благој Стефановски и Дебарско-кичевската епархија и се однесува на учество во финансирањето на проектот ’Просторно уредување и симпозиум во манастирот ’Св. Наум‘ – Охрид. Согласно со овој договор, кој е склучен на вредност од 1.500.000 денари, со решение се исплатени 1.000.000 денари од страна на поранешниот министер. За исполнувањето на обврските и правата од овој договор од двете страни, надлежните служби во Министерството за култура вршат анализа“.
Во реакција на Министерството, исто така, се вели дека „користењето на црквата ’Света Софија‘ за реализација на програмата на фестивалот ’Охридско лето‘ е предмет на договарање меѓу Дирекцијата на фестивалот и Дебарско-кичевската епархија“.
Според Министерството, црквата „Св. Софија“ е споменик на културата од прва категорија и дека надлежноста за нејзина заштита ја има Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид. Министерството за култура оваа година издвои сума од 1.400.000 денари за санација и поправка на покривот на црквата „Света Софија“. Работите околу санацијата се започнати.
И пред неколку години соработката на Црквата и Министерството за култура беше доведена во прашање, но забраната на користење на овој храм се објаснуваше со поинакви аргументи. Тогаш надлежните во црквата тврдеа дека посетителите на концертите небрежно се однесувале кон фреските, се потпирале на нив и ги оштетувале, а на фрескоживописот негативно влијаеле и блицевите од фотоапаратите. Сепак, под притисокот на јавноста поради тоа што токму „Света Софија“ е синоним за фестивалот „Охридско лето“, Црквата попушти.
Музикологот Марко Коловски, претседател на СОКОМ, кој е долгогодишен проследувач на настаните на „Охридско лето“, за значењето и поврзаноста на црквата „Св. Софија“ со фестивалот вели: „Добро ја познавам неговата историја и ги знам сите мени и промени. Но, знам дека на сиот тој пат кон врвот на нашата и европската култура има една константа без која ниту почетокот во 1961 (кога Ана Липша го слушна небаре неземскиот одглас на својот глас меѓу нејзините ѕидови), ниту тој величествен од немаше да бидат можни: тоа е величествената и акустички ненадминлива ’Света Софија‘. Тоа, впрочем, во изминатите децении го потврдија многумина. Критичарот на варшавски ’Експрес вјечорнс‘ (1.10.1977), во еден вдахновен текст, напиша дека ’седите бради и глави на некои светци се толку внимателно исчешлани како да се специјално облечени за концертот на Леонид Коган, а трансот на Рави Шанкар многумина ги натера да помислат дека тој е светец кој се заборавил во својата религиозна катарза и слегол од фреските за да ги допре струните на инструментот‘. ’Не можам да не настапам уште еднаш во црквата ’Св. Софија‘, меѓу тие божествени ликови на фреските што, кога пеам, ми даваат чувство како да летам во друг свет. Тоа ме воодушевува‘, напиша Елена Обрасцова во 1986 година. ’Може човек да се праша дали е неопходно да се патува во Охрид за да се чуе Игор Ојстрах. Па тој патува низ целиот свет‘, пишуваше новинарот на ’Виенер цајтунг‘ (18.8.1978). ’Но, во Охрид тој свири во црквата ’Света Софија‘... меѓу владиците и светците кои со своите сериозни очи гледаат од далечното минато во денешницата... во божјата куќа што е претворена во концертна сала‘. Ете затоа велам дека ’Охридско лето‘ и ’Св. Софија‘ се во нераскинлива врска. Тажно е кога ќе се чуе дека овој, сега веќе не само божји ами и уметнички храм, некој го гледа низ призмата на парите. Дека нема чувство оти сето тоа - и црквата, и уметноста, и културата се дел од темелите на овој народ и дека никакви рентиерски договори не може да бидат над тоа во што сите се колнат, а тие најмногу. Слушајќи ги деновиве информациите за даровите што и' ги дава државата на црквата, се прашувам на ваков начин ли се возвраќа? Не само на државата, ами и на сопствениот народ?“, истакнува Коловски.
Ако, пак, ги прашате уметниците, ќе ви кажат дека чувството да се свири во „Св. Софија“ е неповторливо. Амбиентот, акустиката, мирисот на традицијата, на историјата, го прават чинот на концертирање уште повеличествен.
Александар Герасимовски од Музичката младина на Македонија, чиј камерен оркестар концертира на фестивалот „Охридско лето“ повеќе од 30 години, вели: „Најголемиот дел од овие концертни претставувања се одржале во прекрасниот простор на ’Св.Софија‘ - единствена акустика во светски размери - сакрален објект од огромно културно значење. Во овој простор МММ ги сними во живо своите први носачи на звук - особено оној првиот на Симон Трпчески - носачи на звук што го обиколија светот и ја промовираа македонската култура и уметност.
Несомнено е дека особено на младите, но се разбира и сите други уметници кои настапувале во овој воодушевувачки простор, како дел од програмата на Фестивалот, длабоко ја ценеле не само акустичноста и единственоста на овој простор туку и неговата сакралност. За мене ’Св. Софија‘ не е само сакрален објект од исклучително значење, туку и концертен подиум единствен од ваков вид во светот. Со затворањето на овој прекрасен и единствен објект иманентен за програмите на Фестивалот - губат сите, особено идните генерации кои ќе немаат прилика да музицираат и да ја претставуваат својата уметност, покрај уметноста на фреските од црквата“, вели Герасимовски.
Концерт на Валериј Ојстрах на „Охридско лето“
Рускиот виолинист Валериј Ојстрах вечерва во 21 часот ќе настапи во црквата „Св. Софија“ во рамки на „Охридско лето“. Во пијано-придружба на Франческо де Ѕан од Италија ќе изведе дела од Моцарт, Бетовен, Витали и Сен-Санс.
Ојстрах потекнува од музичко семејство. Концертот во Охрид ќе му го посвети на својот дедо, славниот руски виолинист Давид Ојстрах.
Својата музичка кариера Валери Ојстрах ја започнал на 14 години. Настапувал како солист со филхармониите на Москва и на Санкт Петербург, Берлинската филхармонија, симфонискиот оркестар на Лондон и други. Соработувал со врвни диригенти, како што се Курт Мазур, Генади Рождественски, Мухаи Танг, Владимир Феедосеев. Покрај концертната активност, Ојстрах работи и како професор на музичкиот конзерваториум во Брисел. |