Џо Бајден победи, но Сара Пејлин беше подобра од очекуваното
Кандидатите за иден потпретседател на САД во првата и единствена ТВ-дебата беа срдечни, но зајадливи
ВАШИНГТОН - Гувернерката Сара Пејлин имаше настап со постојана насмевка и народен начин на држење, со внимателно избрани поенти за пристојни „удари“ и политичка истрајност на потпретседателската дебата во четвртокот ноќта, додека нејзиниот ривал, сенаторот Џозеф Бајден се обиде да ја поткопа дебатата со срдечно искажани, но зајадливи критики.
Ако прашањата и ставовите беа познати за многу гледачи - за даноците и економијата, енергијата и нафтата, хомосексуалните бракови, Ирак и Авганистан - тогаш дебито на Пејлин во национално пренесуваната дебата направи невообичаен театар. Пејлин, поранешен градоначалник на мало место, беше поинаква од кој било кандидат за потпретседател во поново време, користеше фрази како „многу пеколно“ и „мејнстритери како мене“ за да ги привлече гласачите од работничката и од средната класа, кои се чувствуваат напуштени од Вашингтон.
Бајден, сенатор со шест мандати, кој два пати се кандидираше за претседателска функција, беше силен и прибран наспроти опонентката која се покажа тешка за напад, со оглед на тоа што е новодојденец и женски лик во арена на која долго време доминираат мажите. Фокусирајќи ги нападите на републиканскиот претседателски кандидат, сенаторот Џон Мекејн, Бајден само повремено губеше трпение поради тактиката на дебатирање на Пејлин, како кога таа ги употреби зборовите на Бајден против него.
На единствената потпретседателска дебата во кампањата, на Вашингтонскиот универзитет во Сент Луис, Пејлин ги надмина очекувањата во ова мошне очекувано директно соочување, иако тие очекувања беа мали откако таа се сопна на неодамнешните телевизиски интервјуа. Таа успеа да не потфрли на очигледен начин. Главно, се навраќаше и ги повторуваше поентите, осврнувајќи се кон Мекејн како „неконформист“, а републиканскиот список на кандидати како „тим на неконформисти“, додека во исто време не ги смири сомневањата кај гласачите за нејзиното ниво на знаење. Наместо тоа, Пејлин ги нагласи нејзините рурални квалитети и нејзиното учество во средната класа, за што таа и Бајден дебатираа повеќе пати во текот на нивниот 90-минутен дуел.
„Одете на детски фудбалски натпревар во сабота и прашајте кој било родител настрана ’што мислиш за економијата?’“, рече Пејлин. „И се обложувам дека ќе слушнете страв во гласот на тој родител, страв во однос на неколкуте инвестиции што ги имаат некои од нас на берзата - дали едноставно постигнавме голем успех со тие инвестиции?“
Стоејќи недалеку од пултот на Пејлин, Бајден одговори со една од неговите карактеристични стратегии во дебатата: прикажувајќи го Мекејн како незапознат или нетрогнат од проблемите на гласачите, и како сојузник на мошне непопуларниот претседател Џорџ Буш.
„Пред два понеделника Џон Мекејн изјави во 9 часот наутро дека основите на економијата се силни. Во 11 часот истиот ден, пред два понеделника, Џон Мекејн рече дека имаме економска криза. Тоа не го прави Џон Мекејн лошо момче, но укажува дека нема допир со реалноста. Луѓето од заднината го знаеја тоа пред два месеца“, рече Бајден.
Ретко се случува потпретседателска пресметка да биде оптоварена со толку политичко значење. Нестабилните настапи на Пејлин во неодамнешните интервјуа ја претворија оваа дебата во програма што не се пропушта, но, исто така, наметнаа прашања - меѓу другите, од конзервативците - за исправноста на одлуката на Мекејн да избере релативно ново лице како кандидат за потпретседател. Неодамнешните анкети сугерираа дека неговите променливи изјави околу разговорите за економски спас во Вашингтон, не убедиле некои од тие конзервативци што, пак, ги зголеми можностите Пејлин да упати сигурни, информирани одговори и брзи духовити коментари во дебатата.
Помошниците на Бајден беа загрижени пред дебатата, мислејќи дека еден негов гаф би можел да ја сврти одговорноста од Пејлин. Тие беа загрижени дека дури и најмала грешка во неговиот тон, говорот на телото и изразот на лицето би можеле да имплицираат попустливост или нешто полошо кон Пејлин, и тоа да биде сторија на ноќта. Додека двајцата кандидати одржуваа смиреност и љубезно одговараа еден на друг, со почесни изрази - Бајден во еден момент рече: „Сара Пејлин“, а потоа се коригираше со „гувернер Пејлин“ - постоеше одредена симетрија во дебатата.
И двајцата кандидати имаат синови кои се подготвуваат за учество во Ирачката војна. Секој пат кога се чинеше дека Бајден го критикува Буш, Пејлин ќе спомнеше „неконформисти“. А кога Бајден, во еден момент, ја критикуваше администрацијата на Буш, Пејлин одговори: „Кажи дека не е така, Џо. Еве, повторно, укажуваш на нешто од порано“. И двајцата кандидати беа соочени со лични предизвици: најмалиот син на Пејлин има Даунов синдром, додека Бајден во 70-тите години ги загуби сопругата и ќерката во сообраќајна несреќа. Кога се потсетуваше на тоа време и речиси умирањето на еден од неговите синови, Бајден за кратко време се вознемири - и тоа беше единствениот момент на сурови емоции во инаку стабилната дебата меѓу двајцата мошне дисциплинирани кандидати. „Впечатокот е дека, на некој начин поради тоа што сум маж, не знам како се одгледуваат две деца сам, не знам како е да се одгледува дете за кое не сте сигурни дека ќе преживее. Исто така ги разбирам, со должна почит, гувернерката или кој било друг, како им е на оние луѓе кои седат на таа маса. И знаете што? Тие бараат помош“, рече Бајден.
Невообичаениот интерес за настапот на Пејлин ја издигна дебатата речиси на ниво на културен настан. Гледачите ги посетија нивните страници на „фејсбук“ и „мајспејс“ за да ги критикуваат нејзините одговори, нејзината прибраност, па дури и изгледот; други го жалеа изборот на сенаторот Барак Обама, на Бајден наместо сенаторката Хилари Родам Клинтон, која агилно води дебати и би настапила рамо до рамо во однос на полот против Пејлин. Дури на Интернет во оптек имаше картичка „Пејлин бинго“, при што учесниците требаше да ги забележуваат препознатливите зборови што ги изговараше Пејлин, како „лоши момчиња“, „во текот на животот“, „градоначалник“.
Ако Пејлин страдаше во медиумските интервјуа со брзи напади, во кои таа беше единствената личност во центарот на вниманието, таа помина многу подобро во дебатата во четвртокот навечер, при што половина од прашањата прво му беа поставени на Бајден - што пак значеше дека Пејлин има 90 секунди да го подготви нејзиниот одговор или противудар. Всушност, во нејзините политички кампањи во Алјаска, Пејлин помина толку самоуверена како што беше во поголемиот дел против Бајден. „Ги почитувам вашите години поминати во американскиот Сенат, но мислам дека Американците копнеат по нешто ново и различно, а таа нова енергија и тие нови заложби ќе стигнат со реформи. Мислам дека поради тоа треба да го испратиме неконфор��истот од Сенатот и да го ангажираме во Белата куќа, а јас со задоволство ќе му се приклучам таму“, рече Пејлин.
Како одговор на прашањето за нејзиниот став околу стратегијата за повлекување од Ирак, Пејлин ја бранеше поддршката на Мекејн за „бранот“ американски војници во Ирак; го поздрави „големиот американски херој“ генерал Дејвид Петреус; и го нападна гласањето на Обама во Сенатот против федералното финансирање на војниците во Ирак, кое Бајден, исто така, еднаш го критикуваше. Потоа Бајден се сврте кон модераторот и рече: „Гвен, со сета должна почит, јас не слушнав план“. „Вашиот план е бело знаме на предавање во Ирак“, возврати Пејлин. „Вашите момци беа против бранот, бранот функционира, Барак Обама се' уште не може да признае дека бранот функционира“. (Обама изјави последниве недели дека бранот бил над очекувањата на повеќето луѓе)
По 55 минути во дебатата, се чинеше дека Бајден го загуби трпението откако Пејлин потсети, како неколку пати претходно, дека Бајден ги поздравувал ставовите или акциите на Мекејн во минатото и додаде: „Ве почитувам што го признавате тоа“. Бајден одговори поврзувајќи го Мекејн со Буш поостро отколку претходно во дебатата.
(Интрнешенел хералд трибјун) |