„Тупаница полна со љубов“ ќе го отвори Чернодрински
Наградите за животно дело оваа година им припаднаа на Ратка Чоревска, Мите Грозданов и Чедо Христов
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Фестивалскиот живот на Прилеп и прилепчани започнува вечерва во 18 часот кога, според најавите, на повеќе отворени сцени во центарот на градот, музички групи и културно-уметнички друштва ќе ги забавуваат граѓаните најавувајќи го свечено почетокот на јубилејното 45. издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Планирано е градскиот плех оркестар да изведе свечен марш низ булеварот. Во 20 часот на штиците што живот значат во Центарот за култура „Марко Цепенков“ на годинешните добитници, актерите Ратка Чоревска од Битолскиот театар, Мите Грозданов ��д Драмски и Чедо Христов од МНТ ќе им бидат врачени наградите за животно дело.
На истата сцена потоа МНТ со изведба на претставата „Тупаница полна со љубов“ од Дејан Дуковски, а во режија на Санди Лопичиќ, ќе го означи почетокот на официјалниот натпреварувачки дел од фестивалот.
Во официјална конкуренција, според изборот на уметничкиот директор Петар Темелкоски, во текот на еднонеделниот фестивалски живот ќе бидат изведени уште десет претстави на македонските театри.
„Стриндберг, досие по татко“ во режија на Владо Цветановски е проектот со кој ќе се натпреварува струмичкиот театар. Во сабота во 22 часот ансамблот на градот домаќин ќе ја изведе претставата „Кафкаски круг со креда“ од Брехт, во режија на Мартин Кочоски, а во недела ансамблот на кумановскиот театар ќе ја изведе претставата „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, во режија на Кирил Петрески.
Истата фестивалска вечер албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Генерал на мртвата војска“ од Исмаил Кадаре, по драматизација на Јетон Неизириј, а во режија на Дино Мустафиќ.
Во понеделник во 19,30 на репертоарот ќе биде „Жената како воено поле“ од Матеј Висниек, во режија на Владлен Александров, а во изведба на Драмски театар од Скопје. А, во 22 часот велешкиот театар ќе ја изведе претставата „Баханалии“ од Горан Стефановски ,под режисерска палка на Наташа Поплавска. Наредниот фестивалски ден е резервиран за претставата „Госпоѓица Јулија“ од Стриндберг, во режија на Александар Поповски, со која ќе конкурира Турскиот театар, додека штипскиот театар со „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, во режија на Стојан Стојановски. На полноќ, пак, тетовскиот театар ќе ја изведе претставата „Куќата на граница“ од Мрожек, во режија на Арбен Тхачи и Петрит Незири.
Битолскиот театар ќе учествува со „Браќа Карамазови“ од Достоевски, во режија на Дејан Пројковски, претстава која ќе биде изведена во среда во 22 часот на сцената од Центарот за култура.
„Радосно е што оваа година има разновидност во репертоарот на театрите, квалитетот бележи нагорна линија. Се гледа дека нашите театарски работници ги следат сите нови тенденции во Европа, се занимаваат со една модерна естетика која навлегува во сите пори од театарскиот живот. Се надевам дека театарската публика ќе биде задоволна“, истакнува Темелкоски и додава дека поголем дел од претставите се од камерен карактер.
Вон конкуренција ќе бидат изведени уште 6 претстави, а театарски експерти ќе дебатираат на теми кои го засегаат развојот на македонскиот театар.
Во чест на наградените во четврток, прилепскиот ансамбл ќе ја изведе претставата „Крпен живот“ во режија на Владо Цветановски, а наградената претстава на „Војдан Чернодрински“ ќе го затвори фестивалот на античката драма во Стоби. |