Нашите во Белгија, Авганистанците кај нас
Само годинава 94 странски државјани побарале политички азил во нашата држава, а најмногу од нив се Палестинци и Авганистанци
Додека македонските граѓани масовно бараат подобар живот во Белгија, Германија, Шведска, Италија и во други земји на ЕУ, има и такви кои гледаат светла иднина во Македонија.
Само годинава 94 странски државјани побарале политички азил во нашата држава, а најмногу од нив се Палестинци и Авганистанци, земји што се познати по тероризам и политичка нестабилност.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, дури 46 Авганистанци во изминатите десет месеци побарале спас од војната кај нив - во нашата земја, иако наши војници учествуваат во меѓународните напори за мир кај нив.
Овој факт може да се сфати и како добра вест за Македонија, по лошиот имиџ во земјите од тој регион по убивањето на осумтемина Пакистанци во времето на воениот конфликт во Македонија. Тие беа пречекани како терористи, иако од Исламабад тврдеа дека биле само економски имигранти.
Македонија, по се' изгледа, е оаза на мирот и за 22 Палестинци, а на списокот се наоѓаат баратели на азил и од други земји зафатени со безредија или војни, односно од Сомалија, Еритреја, Алжир, Судан, Ирак, Иран и поради некоја друга причина од Русија и БиХ, па и три од Косово.
Од МВР, сепак, оценуваат дека крајната дестинација и цел не им е Македонија, туку со постапката за азил само сакаат да избегнат депортација, по обидите илегално да преминат преку Грција и нашата земја во Западна Европа. Според портпаролот Иво Котевски, само неделава се фатени две групи илегалци, поточно 17 Палестинци и четворица Сомалијци, кои преку нашата држава сакале да влезат во земјите на ЕУ.
Нашата Влада повеќепати се жалела до Брисел поради практиката на Грција од своите илегалци да се ослободува пропуштајќи ги тенденциозно во Македонија, а потоа одбива да ги прими назад и покрај спогодбата за реадмисија што ја имаме со Унијата, и која не е еднострана. Таквата практика иритирала уште повеќе, така што во исто време за македонските азиланти се крена огромна врева во Унијата. Со оглед на тоа дека процедурата не е многу дарежлива кон оние што бараат азил во Македонија, односно далеку е од тоа што го даваат Швајцарија, Белгија, Австрија или Шведска, бројката на баратели на азил е многу голема. Нашиот закон предвидува сместување, згрижување, здравствени и прави услуги за азилантите, но не и дневници, па единствен мотив да аплицираат се очајот и шансата преку нашата територија да транзитираат во Западна Европа. (С.Ј.)
|