Број 3093  четврток, 24 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Прашајте ја Редакцијата

Љупчо Поповски - главен и одговорен уредник



Поповски е еден од петтемина основачи на „Утрински весник“. Неговата новинарска кариера е долга 25 години. Пред формирањето на „Утрински весник“ во 1999 година, 15 години работеше во „Нова Македонија“, каде што ги помина сите скалила, од Скопска рубрика, преку репортер во Надворешнополитичка рубрика, па помошник на главниот и одговорен уредник и беше дописник од Прага четири години во средината на деведесеттите и оттаму ја покриваше цела Средна Европа, пишувајќи за транзицијата на посткомунистичките земји.

Во „Утрински весник“ беше помошник на главниот и одговорен уредник и уредник на Свет, а од јануари 2008 е главен уредник на весникот. Има завршено Факултет за новинарство во Скопје
 

 

Ова се претходните прашања за главниот и одговорен уредник и неговите одговори

 

Прашање: Колку сте задоволни од комуникацијата со Владата и со политичките партии? Колку се тие отворени за новинарите?

Рада Марковска, Скопје

Одговор: Секоја влада има свој начин на комуницирање, иако сите имале портпароли кои треба да бидат врската со јавноста. Премиерите се особено различни. Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски беа тешко дофатливи за новинарите, Хари Костов во својот кус мандат повеќе гледаше како да се адаптира на местото, додека Владо Бучковски беше своевиден шампион. Бучковски беше достапен во секое време за новинарите. Сегашниот премиер Никола Груевски, освен за неколку медиуми, е речиси недостапен.

Генерално, комуникацијата на „Утрински весник“ со министрите (се разбира дека има исклучоци) е макотрпна. Кога сегашниот вицепремиер за евроинтеграции беше портпарол на Владата речиси секој контакт со министрите одеше преку него. Новиот портпарол изгледа дека уште не е свикнат на улогата и ги открива механизмите како да дојде до валидна информација од министерствата.

Законските обврски за достапност на информациите не се почитуваат. Можеш да чекаш со недели и месеци за информација што ја интересира јавноста и пак да не ја добиеш. Главната мана на сите политичари е дека тие мислат оти медиумите треба да им служат ним, а не тие на јавноста. Ова е една од рак-раните на македонската демократија. Ми се чини дека ќе треба да помине долго време ова да се надмине. Министрите кријат информации, како на пример - колку пари се потрошени за рекламните кампањи на Владата, како новинарите да бараат од нив да кажат дека потрошиле пари од нивниот џеб, а не средства што се собрани од граѓаните.

И во односот на Владата и партиите кон весниците се гледа дека македонското плурално општество е се' уште малолетно, без да знаеме кога ќе дојде моментот да созрее.

 

Прашање: Зошто весниците во поново време се концентрираат само на вести и информации. Репортажата, на пример, е идеална за викенд издание, кога човек може релаксирано преку слики и текст да прошета на места каде што никогаш не би стигнал. Ми се чини дека овој жанр во македонските медиуми замира, но не поради тоа што нема интерес, туку поради нешто друго. Можете ли да ми објасните зошто. Се сеќавам дека „Утрински“, за разлика од другите, го негуваше овој жанр, но во поново време многу ретко.

Милан Торновски, Велес

Одговор: Забелешката ви е точна. Македонскиот новински журнализам полека се претвори во телевизиско новинарство. Големиот пад на стандардот на населението ги намали инвестициите во новинските куќи, затоа што објективно е многу тешко да се продаде весник кога луѓето мислат на други важни егзистенцијални работи. Во таа напрегната секојдневна борба од весниците испаднаа многу жанрови. „Утрински весник“ се труди да ја зачува репортажата како специфичен новинарски жанр, но тешко оди кога се' помалку се патува во странство, освен за време на официјални посети на нашите државни функционери.

Сме напишале стотици репортажи од Македонија, но јас сум сигурен дека македонскиот читател сака да прочита нешто повеќе, на пример, од Романија. Но, трошоците за такви патувања се големи и нас ситуацијата не' става во менгеме при одлучувањето новинарите да се испратат на пат. Ова можеби ќе се сфати како оправдување, но навистина ситуацијата е таква. Во „Утрински“ има редица новинари кои прават одлични живи репортажи и тоа го правиме секогаш кога имаме можности. „Утрински“ ќе продолжи да ги негува сите жанрови затоа што нашата намера уште од почетокот на излегување беше и остана да правиме комплетен весник кој ќе понуди едно повисоко ниво на информирање, а не само пренесување на вестите и информациите.

 

Прашање: Комерцијална банка воведе провизија за водење трансакциска сметка. Сумата е минорна, 10 денари месечно, но ме револтира постапката. Дали е тоа легално? Државата не' обврзува да имаме трансакциски сметки и платите да одат преку тие сметки, а никако кеш на рака, а банката сега почнува да наплаќа провизија за тоа.

Бојан Петровски

Одговор: Со законските измени од почетокот на оваа година државата ги воведе трансакциските сметки за да ја намали сивата економија којашто подјадува голем дел од стопанството. Законот не предвидува дека мора да се наплаќа провизија за трансакциската сметка во текот на еден месец.

Сето тоа им е оставено на одлучување на самите банки. Некои од банките сметаат дека имаат зголемени трошоци со воведувањето на трансакциските сметки па вовеле таква, како што велите, минорна провизија. Други се откажале од таквата провизија. Секоја банка работи според својата усвоена деловна политика и јас не би сакал да кажувам дали се тие во право или не. Ова е пазарно стопанство и сите излегуваат на пазарот; тоа го правиме ние со весниците, истото го прават и банките. Прашање е на граѓанинот кого сакаат да изберат - дали ќе внимаваат повеќе на сигурноста и моќноста на банката, добрата услуга и прифатливите кредити и камати, или пак ќе бидат изнервирани од одредени постапки. Тука, секој граѓанин одлучува сам за себе.

 

Прашање: Добра работа е ова со рубрикава „Прашај го 'Утрински'“. Па, еве, покрај една констатација ќе следи прашањето. Јас како граѓанин сум дел од идејата на ВМРО, но не ДПМНЕ. Таа подразбира многу пошироки идеи од овие. Затоа престанав да го читам „Вечер“ и да гледам Сител, не ме интересираат лични успеси. Ме интересира колективниот успех, кој во една доза го препознавам овде -во „Утрински“. Но, забележувам дека правите фаворизирање на една друга платформа во политиката без за неа да стане критичен збор. Ако може да се констатира - забележувам дека се пуштаат главно коментарите кои се негативни за ДПМНЕ, додека во многу мал дел се објавува и пофалува некој успех. Зарем нашето ткиво е толку разделено па и тука се делиме на овие оние? Ако во СДСМ има криминал треба да се осуди, исто така и во ДПМНЕ.

Марјан Спасовски, Скопје

Одговор: Искрено ви благодарам за ова прашање. Основната задача на медиумите е да информираат и да укажуваат на аномалиите, криминалот, а и успесите и дострелите на општеството. Само така тоа општество може да се гради врз здрави темели. Во нашата држава има Влада, таа е најодговорна за нејзиниот развој. И апсолутно е најнормално медиумите првенствено да се занимаваат со работата на министерствата и другите државни институции, затоа што од нивната работа зависи напредокот на општеството. Ако тие грешат, последиците се за сите нас, ако воведуваат добри работи, сите ќе имаме корист. Затоа медиумите, пред се', се занимаваат со нивната работа. Сегашната Влада направи редица добри работи, но, се разбира, има и многу грешки.

И кога „Утрински“ пишува за тие грешки некои сакаат да кажат дека била против Владата. Која опозиција има механизми да владее со државата? Никаде, на ниедно место во с��етот. Кога опозицијата го напушти Собранието „Утрински“ пишуваше дека нивниот потег е многу лош затоа што го напуштија единственото место за политичка борба. Но, затоа пак не може да се премолчи дека во тој вакуум набрзина, како на трка од 100 метри, беа донесени над 150 закони во Собранието. Тоа на Македонија и' се врати како бумеранг во извештајот на Европската комисија.

Затоа, не е важно дали критиките биле многу или малку за Владата, туку дали се издржани и чесни, а не тенденциозни. Јас Ве уверувам дека во тие критики нема тенденциозност, туку само желба како да се дојде, како што велите, до колективниот успех.

 

Прашање: Македонскиот народ го одбра Груевски да владее уште четири години. Се прашувам дали згрешил или исправно постапил? Дали македонските граѓани ќе згрешат на локалните избори и во изборот за председател на Македонија во 2009.

Љубомир Тодоровски, Шведска

Одговор: Прашањето ви е на место, но одговорот не можам јас да ви го дадам. Јас сум само главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, а не проценувач на одлуките на македонскиот народ. Според целото плурално искуство на македонската држава, нејзините граѓани никогаш не донесле погрешна одлука на изборите. Граѓаните се врховниот арбитер и како ќе гласаат на следните избори ќе зависи од повеќе работи - ќе победи онаа партија која ќе има најдобро покажано чувство за нивните проблеми на локално ниво и ќе биде избран претседател за кого тие ќе мислат дека има најцелисходна визија за иднината. Кои ќе бидат тие, ќе видиме напролет

 

Прашање: Имам впечаток како „Утрински весник“ да е против акцијата за садење дрвца на голините на македонските планини. Се сеќавам на неколку поголеми текстови и репортажи што вашиот весник ги објави за начинот на којшто беше извршена акцијата пролетта. Сега беше и текстот за предупредувањата од Шумарскиот факултет дека акцијата пак ќе биде неуспешна ако нестручно се сади. Дали заради овие ваши текстови во „Утрински“ ги нема рекламните страници за сатницата за поаѓањето на предвидените автобуси за втората акција?

Ванчо Димитровски, Битола

Одговор: Редакцијата нема контрола врз огласите што се објавуваат во весникот. Тоа го прави маркетинг одделението кое работи сосема независно од нас и не се наоѓа во Редакцијата. За возврат, што мислам дека е уште поважно, маркетинг одделението нема и не може да има никакво влијание врз текстовите што се објавуваат во весникот.

Има една единствена причина зошто ја покриваме оваа акција на ваков начин - таа да успее. Како ретко која акција во општеството минатата пролет таа мобилизираше илјадници луѓе мотивирани да се направи заедничко добро за државава. Но, се испостави дека, иако беа потрошени огромни пари, нејзиниот ефект беше многу мал во однос на енергијата што беше вложена. Затоа, мислиме дека ако повторно се направат голем дел од грешките од пролетта ќе има мали ефекти од акцијата и потоа ќе биде исклучително тешко да се мобилизираат толку многу граѓани, иако нема да биде проблем да се најдат пари. Научните совети се најважни оваа навистина благородна акција да успее. Токму поради тоа, нејзините организатори треба да бидат благодарни на сите добронамерни согледувања, а не да помислуваат дека ако пишуваме за лошите ефекти од пролетната акција некој сака таа сега да не успее.

 

Прашање: Нели ви се чини дека сите медиуми, вклучувајќи го и "Утрински весник" претеруваат со цитирање на неименувани извори или извори од Владата или пак извори од Кабинетот на претседателот. Од каде ние може да знаеме дека тоа се навистина извори токму од таму?

Васка Стамеска, Прилеп

 

Одговор: Одлично прашање. Навистина се претерува во користењето на неименуваните извори. И тоа најмногу се случува во политиката. Нашиве политичари многу често немаат храброст да излезат со име и презиме да соопштат свои ставови, туку се кријат зад институцијата којашто ја претставуваат. Ова е уште малолетна држава во буквалната смисла на зборот. Има логика и тоа е новинарски исправно кога користиме извор којшто сака да остане неименуван, но кога нашиот новинар сам разговара со него и може секогаш да ја потврди валидноста на изворот.

Но е катастрофално кога се свикуваат десетина новинари и некој политичар држи брифинг и бара од сите нив тоа да биде оквалификувано како неименуван или висок извор. Медиумската сцена е одамна полнолетна во оваа држава, но знае често да се однесува како помлад тинејџер. Можам да ви набројам десетици примери за ова, а најсвежи се оние брифинзи околу спорот околу името. На неколку пати ние објавуваме кој навистина го кажал тоа и подоцна се соочувавме со своевиден бес кај тие политичари што биле цитирани. Дали е тоа страв или неодговорност нивниот збор да излезе со име и презиме? Од се' има по нешто, но сигурно не е од корист на вкупната политичка стварност.

 

Прашање: Дали може да одвоите некој текст на кој што сте особено горди што сте го напишале?

Владо Поповски, Скопје

 

Одговор: Искрено да кажам, сите ми се драги на свој начин, дали биле напишани пред 15, 20 години или сега. Но можам да ви кажам дека известувањата од два настани засекогаш ќе ги паметам. Едниот е кога известував од Денот на обединувањето на Германија, во октомври 1990 година од Берлин, една година по паѓањето на Ѕидот. Такво нешто нема да се повтори во наредните 30 години - пет милиони луѓе од двете страни на Бранденбуршката порта во ноќта кога се смени светот.

Другиот настан е интервјуто што заедно со неколкумина колеги од поранешните ју-простори го правевме со либискиот водач Моамер ел Гадафи 150 километри длабоко во пустината во еден шатор. Тоа беше на почетокот на крвавото распаѓање на Југославија. Гадафи е во самиот врв на харизматичните личности со кои што сум разговарал. Не зборувам за политиката што ја води, туку за аурата што оди со него. Тоа беше посебно доживување.



#