Стил
Марков манастир - раззеленета средновековна приказна
Покрај видливата надворешна убавина на Марков манастир, во неговата историска приказна се крие вистинската магија.
Јасминка Павловска На дваесетина километри од скопска џунгла на асфалтот, вгнезден во питома природа, Марков манастир опстојува во својата достоинственост на средновековен благородник. Некако на страна од главниот пат, на јужниот излез од Скопје, по фабриката ОХИС, претворен во индустриска зона, не многу далеку од бучната цивилизација, Марков манастир се чини како да е на дофат на раката, но, сепак, скриен од погледите. Додека се дојде до него, во последниот километар и пол на патот кон селото Маркова Сушица, не може да минат незабележано повеќе ексклузивни модерни вили со базени, дури и еден викенд-ресорт со базен и мини-голф игралиште... но, кога ќе се пристигне до Марков манастир, всушност, манастирот на црквата посветена на свети Димитрија, во смирувачката тишина во која се влева само жуборот на Маркова Река, веднаш ве обзема чувство како да влегувате во стара приказна, во која времето, сепак, не запрело.
Уште на влезот се констатира дека објектите на Марков манастир се обновени и реконструиран, според современи градежни стандарди, а елегантно уреденото зеленило во дворот ја нагласува смиреноста и достоинственоста на амбиентот. Марков манастир потсетува на дворците со кои се гордеат во Западна Европа. Всушност, одамна странците констатирале дека манастирите се наши македонски замоци. Дискретната љубезност на монахињите, сепак, укажува дека сте на место исполнето со духовност, но кое не ја игнорира модерната световност.
И покрај видливата надворешна убавина на манастирот, во неговата вистинска историска приказна се крие магијата. Марков манастир, всушност, еден од највидливите докази за постоењето на најопеаниот митски јунак на македонскиот фолклор, па и на балканскиот - Крале Марко. На надворешната јужна страна од црквата вештите во читањето на старословенското писмо можат да го прочитаат првиот дел од текстот на свитокот што го држи Марко, (живописан над јужната влезна врата на црквата, заедно со татка си Волкашин): „Јас, во Христа Бога благоверен крал Марко, го соѕидав и живописав овој божествен храм“...
Крале Марко, всушност, е вториот ктитор (градител) на манастирот, кој го почнал неговиот татко кралот Волкашин во 1345 година. Бидејќи во 1371 година Волкашин загинал на битката кај реката Марица, по која Османлиите навлегуваат во длабочината на Балканот, неговиот син Марко продолжува да владее во неговото мало кралство како османлиски вазал. Така и загинал, во 1395 година, во денешна Романија, борејќи се во османлиската војска, против мол��авските кнезови. Сепак, кралот Марко го завршува завештанието на својот татко, доградувајќи ја црквата за светиот великомаченик Димитрија во 1376/1377 година. Живописот и натписите во црквата (кои не смеат да се фотографираат без одобрение), се богат материјал за проучување до ден денешен и на историчарите на уметноста, но и на филолозите-слависти. Утврдено е дека фреските се живописани во различен период од различни тајфи - охридска и скопска.
По смртта на Крале Марко Македонија целосно потпаѓа под османлиска власт, но во Марков манастир низ вековите продолжува духовната активност, со која покрај духовниот, верскиот се зачувува и националниот идентитет. Во 15 век манастирот е еден од најпознатите скрипториуми, каде што монасите препишувале црковни книги. Во првата половина на 19 век игумен на Марков манастир е еден од најзначајните преродбеници - Кирил Пејчиновиќ, кој покрај тоа што во манастирот отворил училиште и создал богата библиотека, тука ја напишал и својата книга „Огледало“, отпечатена во 1816 година во Будим, со која почнува и македонската преродба.
Колку подлабоко се навлегува во (пре)откривањето на тајните на манастирот, толку се засилува чувството дека сте влегле во една важна приказна, иако на прв поглед питомоста на амбиентот не наведува на такво нешто.
Денес, во манастирот, во обновените конаци има и мал музеј, како и продавница за сувенири. Бунарот, старата манастирска воденица, трпезаријата, каде што има остатоци од фрески... сведочат за врската на манастирот со световниот живот некогаш, а денес се симпатични потсетници на некогашниот живот.
Еден ден во Марков манастир, во есенските денови пред нас, сигурно позитивно ја менува перцепцијата на стресното живеење.
|