Духовите на починатите ги прогонуваат живите на „Фејсбук“
Социјалната мрежа има решение за се', но не и како да ги исфилтрира починатите лица
Кортни Первин се шокираше кога го посети „Фејсбук“ во јуни. Веб-страницата предлагаше да го обнови контактот со стар семеен пријател, кој свиреше пијано на нејзината венчавка пред четири години. Пријателот почина во април. „Тоа ме вознемири. Беше како да се вратил од мртвите“, вели таа.
„Фејсбук“, најголемата социјална мрежа во светот, знае многу за своите приближно 500 милиони члена. Нејзиниот софтвер е брз со понудата на корисни информации за претстојните родендени и за пријатели со кои не сте контактирале некое време. Но, компанијата има проблеми со автоматското согледување кога починал некој од нејзините корисници. Тоа може да доведе до вознемирувачки или, едноставно, чудни моменти за корисниците на „Фејсбук“, бидејќи веб-страницата продолжува да го врти починатиот пријател низ нејзините социјални алгоритми.
„Фејсбук“ тврди дека се бори како да се справи со духовите во својата машина, но признава дека не пронашла добро решение. „Тоа е многу чувствителна тема“, вели Мередит Чин, портпарол на компанијата, „и, секако, да се видат починати пријатели како се појавуваат на екранот може да биде болно. Со оглед на големината на веб-страницата и тоа што луѓето починуваат секој ден, никогаш нема да бидеме совршени во ажурирањето на податоците“, додава таа.
Џејмс Е. Кац, професор по комуникации на универзитетот Руџерс, вели дека компанијата се соочува со проблем на стареење. „Голем број од првите корисници на „Фејсбук“ беа млади, а умирањето е ретко и премногу трагично“, додава Кац.
Сега луѓето над 65 години го прифаќаат „Фејсбук“ со побрзо темпо отколку која било друга возрасна група, при што 6,5 милиони се пријавиле само во мај, што е три пати повеќе во однос на мај 2009 година. Секако, луѓето над 65 години имаат највисока стапка на морталитет во земјата, така што проблемот само ќе се влошува.
Таму Таунсенд, 37-годишна техничка програмерка од Монтреал, вели дека редовно добива потсетувања да се поврзе со познаници и пријатели што починале. „Понекогаш е утешно кога ќе се појават нивните лица“, вели Таунсенд. „Но, во некој момент не е утешно да се види тоа. Мрежата ви кажува повторно да се поврзете со некого со кого не можете. Ако тоа е некој што починал неодамна, тогаш боли“.
Первин, 36-годишна наставничка од Плано, Тексас, вели дека откако го преболела првичниот удар кога го видела лицето на својот пријател, таа е среќна за останатите. „Тоа ме натера да зборувам за него и да размислувам за него, така што беше добро. Но, дефинитивно беше малку морни��аво“, додава таа.
Пристапот на „Фејсбук“ кон смртта на нејзините корисници се развиваше со текот на времето. На почеток веднаш би се бришел профилот на оној за кого има информација дека починал. Чин смета дека „Фејсбук“ сега го препознава значењето да се пронајде соодветен начин да се зачуваат тие страници како место каде што жалењето може да се сподели онлајн.
По престрелката на Универзитетот во Вирџинија во 2007 година, членовите бараа од компанијата да им дозволи да го одбележат споменот за жртвите. Сега профилите на членовите можат да се „комеморираат“ или да се претворат во страници за почит на кои се отстранети некои лични информации и не се појавуваат во резултатите од пребарување. Ожалостените пријатели се' уште можат да објавуваат пораки на тие страници.
Секако, компанијата треба да утврди дали некој корисник е починат. Но, со стапка од приближно 350.000 члена на секој вработен во „Фејсбук“, компанијата мора да најде начини да им дозволи на членовите и на нејзините компјутери да ја завршат таа работа.
За веб-страница со големина на „Фејсбук“, автоматизацијата е „клучна за социјалниот медиумски успех“, вели Џош Бероф, аналитичар од „Форестер рисрч“. „За да функционира тоа во случаи каде што машините не можат да донесат одлука, треба да се активираат членовите“, вели тој, мислејќи на копчињата на „Фејсбук“ што им овозможуваат на корисниците да означат материјал за кој сметаат дека е непристоен. „Еден од проблемите да се автоматизира дека некој е починат е да постои место каде што луѓето можат да го пријават тоа“.
Токму тоа го прави „Фејсбук“. За да се „комеморира“ некој профил, член на семејството или пријател мора да пополни образец на веб-страницата и да обезбеди доказ за смртта, како линк до некролог или напис во весниците, а потоа некој од кадарот на „Фејсбук“ ќе го провери тоа. Но, таа опција нема голем публицитет, така што многу профили на починати членови никогаш не се претворени во страници за почит. Тие луѓе и натаму се појавуваат на страниците на други членови како предлози за пријатели или опција за „реконектирање“, што ги вознемирува живите откако беше воведена во октомври минатата година.
Чин вели дека „Фејсбук“ размислува да употреби софтвер што би ги скенирал повторените постирања на фрази, како што се „Почивај во мир“ или „Ми недостигаш“ на страницата на едно лице, а потоа би го проверила тоа известување. „Ги испитуваме начините за примена на софтвер што ќе го реши тоа. Но, не смееме да згрешиме. Треба да го направиме исправно“, додава таа.
Пристапот за скенирање би можел да предизвика шеги - како што се случи со образецот за известување. Пријател на Сајмон Телборн, софтверски инженер што живее во Германија, најде некролог во кој се споменува некој со слично име и го достави до „Фејсбук“ во октомври минатата година како доказ дека Телборн е починат. Наскоро беше исклучен од сопствената страница. „Првиот пат кога ’починав’ ги прегледував страниците за помош на „Фејсбук“, но за жал, тие немаа опција ’Јас навистина не сум мртов, дали може да ми ја вратите страницата, ве молам?“, затоа избрав да го пополнам секој образец на нивната веб-страница“, пишува Терборн во електронска порака. Кога и тоа не профункционирало, Терборн отворил веб-страница и ја објавил информацијата на „Твитер“ се' додека не почнале да се шират вестите за настаната збрка на технолошките блогови и додека не реагирала компанијата. Тој добил извинување од „Фејсбук“ и му ја вратиле страницата.
Процесот на комеморација има и други апсурдности. На комеморативните профили не можат да се додаваат нови пријатели, така што ако родителите се приклучат на веб-страницата по смртта на детето, тие ќе немаат дозвола да ги видат сите пораки и фотографии што ги споделуваат пријателите на детето.
Тие се работи што „Фејсбук“, без сомневање, сака целосно да ги избегне. Но, секако, смртта е неизбежна и „Фејсбук“ мора да најде начин да ја интегрира во социјалните случувања онлајн. „Тие не сакаат да бидат носители на лоши вести, но, сепак, се чувари на тие сеќавања“, вели професор Кац од Руџерс. „Тоа е навистина депресивно за компанија што сака да биде позната по социјалната поврзаност и по добрите вести“. (Њујорк тајмс) |