Од Нова година нема општествени станови
За откуп на становите се аплицира до Нова година. Можат да се откупат во готово или, пак, на рати, на 40 години
Деспина Трајковска
Корисниците на општествени станови имаат обврска да ги откупат до крајот на годината, во спротивно или ќе плаќаат кирија или државата ќе ги исели.
Во државава има приближно уште околу 2.000 неприватизирани општествени стана. За 400 од нив се поднесени апликации за откуп, а стотина се во Скопје. Цената за откуп на квадратен метар за општествен стан во Скопје се движи од 180 до 250 евра, во зависност од староста на објектот.
Со потсетување на рокот и условите за откуп, на организирана трибина со корисници на такви станови министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и директорот на Јавното станбено претпријатие, Владимир Бахчовановски, вчера од Скопје почнаа кампања за откуп на државните станови. И граѓаните во другите градови преку кампањи ќе се информираат за откуп на општествените станови, а крајниот рок истекува на 31 декември годинава.
Јанакиески и Бахчовановски потенцираа дека, освен што становите сега се нуделе по поповолни услови, процената за вредноста на станот, која чини 1.500 денари, сега е на товар на државата. Корисниците на становите единствено имаат обврска да поднесат апликација до ЈПССДП во која треба да се изјаснат дали станот ќе го купат во готово или ќе го отплаќаат на рати, на 40 години. Оваа постапка треба да ја завршат најдоцна до крајот на годинава.
Министерот Јанакиески потенцираше дека рокот нема да биде пролонгиран, бидејќи досега тоа било правено во два наврата. Иако се свесни дека најголем дел од корисниците на становите се послабо ситуирани семејства, и Јанакиевски и Бахчовановски сметаат дека условите што ги нуди државата се „историска можност“ и „златна шанса“ за купување на становите.
„Согласно со последните измени во Законот за домување, се овозможува акумулираните долгови да бидат пресметани во основната главнина за станот. Оние што ќе се решат да го откупат станот во готово, ќе имаат попуст од 70 отсто, а оние што ќе го отплаќаат на рати, тоа ќе може да го сторат во рок од 40 години“, појасни Јанакиески.
Иако е свесен дека корисниците на општествени станови се во лоша материјална состојба, министерот, сепак, е убеден дека последните законски измени ќе ја олеснат целата постапка.
И за директорот на ЈПССДП, Бахчовановски, условите за откуп на становите се одлична прилика за решавање на станбеното прашање. „Становите можат да се откупуваат и со хипотекарен кредит. Една од новините што ја воведовме неодамна е тоа што процената за вредноста на станот, која чини 1.500 денари, сега е на наш трошок“, дополни Бахчовановски. |