Во министерствата се делат астрономски хонорари
Членствата во која било комисија се плаќаат, а тоа е многу доходовен бизнис
Катица Чангова
Комисиите за денационализација во Министерството за финансии не се единствените каде што последниве осум месеци се делат астрономски хонорари, дури и повисоки од една убава годишна плата. Џебовите на поединци се полнеле дури и со фантастични 6.000 евра месечно.
Државни службеници, кои сакаат да останат анонимни поради стравот за своите работни места, тврдат дека повеќе од добро била платена прекувремената работа во комисиите за нострификација при Министерството за образование и наука, во која за еден месец се земале дури и повисоки бонуси од 360.000 денари.
Не е тајна дека членствата во која било комисија се плаќаат. Но, таа работа, се чини, е прилично доходовен бизнис.
Народни пари редовно се испумпуваат и за хонорарна работа на други тела, кои со законски, подзаконски и интерни акти, редовно или повремено, се формираат во владините ресори.
Моментно никој не ја знае точната бројка на комисиите што работат во рамките на постојните 15 министерства, но повеќе од сигурно е дека ги има многу.
Во Министерството за финансии, на пример, покрај Комисија за контрола на предмети од денационализација, има и Комисија за утврдување надоместок, потоа Комисија за функционалност, Комисија за процени на имоти, Комисија за координација помеѓу комисиите...
Куриозитет е тоа што во Образование, на пример, има Комисија за попис на инвентарот што го користеле веќе починати лица, а чии членови добивале надоместок од 20.000 денари.
Решенијата за определување лица во комисии и износите на нивните хонорари вообичаено ги потпишува министерот, неговиот заменик, државниот секретар или овластен висок раководител од секторите за сметководство и финансии.
„Утрински весник“ пишуваше за скандалот во Министерството за финансии, каде што во десетчлената Комисија за контрола на предмети од денационализацијата за јуни 2008 биле исплатени хонорари од 6.000 евра.
Министерот за финансии, Трајко Славески, за „Утрински весник“ призна дека пропусти на тој план има и дека во пресметката на надоместоците биле направени грешки. Тој изјави дека имало погрешно толкување на решенијата, но вети дека целата работа ќе биде исправена, а сите членови на комисии кои зеле повеќе пари ќе ги вратат.
Што се однесува до обвинувањата за екстремни хонорари, Славески категорично ги демантира, квалификувајќи ги како измислици и злонамерни информации. Меѓутоа, чуварот на државната каса одбегна да и' соопшти на јавноста колкави се износите на надоместоците и кој ги потпишал решенијата.
„Точно е дека се исплатени поголеми суми, но не станува збор за екстремни надоместоци. Луѓето не се виновни, тие ќе ги вратат парите. За случајот со хонорари се алармирани сите контролни механизми. Наскоро посебна комисија за материјална одговорнос��, во која еден член е од Агенцијата за државни службеници, ќе испита што се случило“, најави Славески.
Неговиот претходник Никола Поповски е фрапиран од хонорарите во Финансии. Тој во својот мандат не памети да биле исплаќани толкави пари за работа на комисиите од денационализација. „Невозможно е да се даваат илјадници евра без знаење на министер. Кога го водев ресорот, знам дека имаше бонуси што се движеа од 10.000 до 12.000 денари“, вели Никола Поповски.
Речиси е извесно дека до крајот на неделава ќе се комплетира тричлена комисија за материјална одговорност која ќе ја утврдува одговорноста на државните службеници кои потпишале решенија за енормните хонорари во Министерството за финансии. Ова го потврдуваат во Агенцијата за државни службеници.
Методија Димовски, генерален секретар во Агенцијата за државни службеници, вели дека материјалната одговорност е обработена во Законот за државни службеници во десетина одредби. Според него, во случајот со скандалозните хонорари во Финансии министерот формира тричлена комисија за материјална одговорност, а во неа е и вработен од Агенцијата.
„Материјалната одговорност подразбира одговорност на конкретен државен службеник. За 60 дена треба да се донесе решение за случајот во Финансии ако комисијата се конституира до крајот на неделава. Ако комисијата утврди материјална одговорност, тогаш државниот службеник треба да ја надомести штетата во пари во рок од три месеци“, објаснува Димовски.
„Невозможно е првите луѓе во ресорите да не знаат колкави хонорари се исплатуваат за прекувремена работа, бидејќи тоа се прави со решение. Недозволиво да се исплатуваат екстра-хонорари на државни службеници со астрономски цифри“, коментираат во Агенцијата за државни службеници. Оттаму посочуваат дека проблемот за вакви скандалозни решенија е во управувањето. Според Агенцијата, прописите во државната служба се доста прецизни, но има многу подзаконски, интерни акти.
Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, најавува дека ќе ги преиспита сите решенија врз основа на кои се врши исплата на хонорарите на сите лица ангажирани во најразлични комисии. Притоа, тој нагласува дека голем дел од решенијата веќе укинал.
„Министерот има потпишано некој норматив врз основа на кој се врши вреднувањето на работата во комисии. Но, потребно е да се изготват дополнителни нормативи со кои попрецизно ќе се регулира што е опис на работна задача на работно место и кои задачи соодветствуваат со описот на работното место, а што е ангажираност на вработениот надвор од работниот ангажман“, објаснува Стојановски.
Според него, законите за државни службеници и за работни односи ја даваат можноста сите лица ангажирани за потребите на министерството за работи, кои не се составен дел од работата, соодветно да бидат платени.
„Тоа ќе треба да биде направено согласно со норматив кој реално ќе ја вреднува работата на тие лица. И никако не смее да биде нешто што ќе зависи од добрата волја на министерот“, додава Стојановски. |