Број 2811  вторник, 14 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Анализа

Европа - Балкан

Еуфорија и реторзија

Иван Торов

БЕЛГРАД - Србија во изминативе денови беше во знакот на два силни емотивни набоја. Најпрвин, во нескриената еуфорија поради дипломатскиот пробив што нејзината иницијатива Меѓународниот суд на правдата во Хаг (советодавно) да го процени правниот легитимитет на „еднострано прогласената косовска независност“ помина во Генералното собрание на ОН. Тој чин послужи за обновување и мобилизација на националната гордост поради постојаните долгорочни и краткорочни порази, но и како предворје за она што ќе уследи само еден ден подоцна, откако Црна Гора и Македонија во координирана акција, соопштија дека го признаа независно Косово. Епилогот е познат: Белград секавично им го откажа гостопримството на амбасадорите на двете соседни „предавнички“ и „поданички“ држави, порачувајќи им на нивните лидери дека одмаздата на Србија нема да се заврши на тоа. Војна засега се исклучува, но е повеќе од јасно дека таа може да се води и со други средства.

Бидејќи претераните емоции никогаш не се добар сојузник, а и многу можат да послужат (како кон крајот на осумдесеттите и во текот на деведесеттите) како подлога за форсирање на ирационална политика, чии реперкусии можат да бидат разурнувачки (ако не се зауздат благовремено) и, во крајна консеквенција, депримирачки за нејзините актери, сосема е логично што белградските официјални лица само за неколку дена пуштија во оптек вистински арсенал на меѓусебно конфронтирани мерки. Од првата, фрапантната изјава дека е „чиста и гнасна лага“ дека Скопје и Подгорица го признале Косово, водејќи сметка исклучиво за своите национални интереси што, инаку, е својствено за суверените држави, додека „вистинската и единствена вистина“ е дека така морале да направат „зашто ги притиснала многу помоќна сила“. До онаа последната, велат некои аналитичари, и најлицемерна одлука, паралелно со протерувањето на Анка Војводиќ и Александар Василевски, да соопшти дека српските амбасадори ќе ги врати во сите држави кои уште порано го признаа Косово. Овој подоцнежен потег, всушност, сугерира еден единствен заклучок дека спрема големите и моќните, оние кои одлучуваат за судбината на Србија мора да се постапува внимателно, толерантно, па ако треба, и снисходливо, спрема малите и понемоќните, пак, немилосрдно, арогантно и агресивно до точка кога реакцијата мора барем да заплаши. Само да се знае кој е главен во Европа, а кој на Балканот.

Во таа вешто создадена психоза, се раз��ира, нема никакво значење што од самиот почеток беше јасно дека Македонија и Црна Гора кога-тогаш ќе ја признаат „реалноста“, дека Белград благовремено е информиран оти Скопје и Подгорица повеќе не можат да го одлагаат „неминовното“. Откако, според националната матрица на двоецот Тадиќ-Јеремиќ, Македонија и Црна Гора и' „забија нож в грб“ на Србија со тоа што и формално ја верификуваа речиси еднодецениската реалност дека Србија го прокоцка Косово, проговори, со полна сила, по многу нешта, хистеричната Милошевиќева ксенофобично-националистичка Србија, за сите свои фрустрации поради првобитниот пораз и загуба да ги префрли на понемоќните од себе. Оттука и вистинската синхронизирана и хомогенизирана поплава на барања „на непослушните соседи да им се воведат економски санкции, да се сопре изградбата на автопатот кон Скопје, да се забранат летовите, да се конфискува имотот на црногорските политичари во Србија, на студентите од овие земји да им се наметне уште поостар третман, до оние најекстремни пораки до власта во Подгорица дека нема да и' се гарантира безбедност доколку стапне на почвата на Србија. Оттука и најапсурдното обвинение дека за губењето на Косово се виновни Македонија и Црна Гора. Власта досега со ниеден збор не се дистанцира од забревтаната одмаздничка атмосфера, што во извесна смисла сугерира заклучок дека сметала на таква реакција. А можеби и на амбицијата „предавството“ на Црна Гора и Македонија треба да се искористи како сјаен повод, по долги години принудна апстиненција, да даде малку оддишка на натрупаните национални емоции, резигнации и фрустрации.

Меѓутоа, останува дилемата до каде ќе се оди во тоа и нема ли - кога еднаш ќе се испушти духот од шишето - заострувањето на односите со соседите да продолжи да ескалира. Изјавата на српскиот премиер Мирко Цветковиќ дека Србија нема да презема економски мерки против Црна Гора и Македонија навестува дека во реторзијата нема да се оди премногу далеку, зашто тоа би можело на Србија да и' се врати како бумеранг. Сепак, Белград, како што изгледа, не се откажува од тезата дека владите на Црна Гора и на Македонија „не го послушале гласот на своите народи, кои со огромно мнозинство се против признавањето на сецесионистичко-криминалната творба Косово“, што може да се сфати и како амбиција да се поработи на создавање јаз меѓу власта и народот. Посебно кога станува збор за Црна Гора, која во српската националистичка оптика и натаму се третира како „второ српско око“, а нејзиното државо осамостојување потег со краткотрајно дејство. Барем додека некој или нешто не го собори „антисрпското“ владеење на Мило Ѓукановиќ. Затоа во белградските медиуми, речиси едногласно, деновиве на големо се обновува приказната за „нераскинливото историско, национално и културно братство“ на Србите и Црногорците, се поттикнува „српскиот карактер“ на државата, внимателно се следи секој чекор на српската политичка опозиција во Црна Гора, која најавува големи демонстрации, за црногорската власт да ја промени одлуката за признавање на Косово или да распише предвремени парламентарни избори.

Во таа медиумска и политичка едногласност, дури можеби поголема отколку во времето на Слободан Милошевиќ, дејствуваат речиси како залуден глас на одделни политички гарнитури во Србија кои практично се осамени во пораката дека протерувањето на амбасадорите е контрапродуктивна мерка со која натаму се нарушува позицијата на Србија, односно предупредува дека дополнително ќе ги загрози нејзините европски интеграции и повторно ќе го блокира развојот и обновувањето на односите со државите во опкружувањето. Во таа реакција, пред се', Либерално-демократската партија на Чедомир Јовановиќ, се истакнува дека најголем дел од политичките групации во Србија веќе со години не го разбираат фактот дека Црна Гора и Македонија се потполно независни држави кои самостојно ја креираат својата надворешна и регионална политика водејќи, пред се', сметка за сопствената европска и евроатланска ориентација.

И затоа, веројатно, во центарот на вниманието е дилемата како на најновото влошување на односите на Белград со Скопје и Подгорица ќе реагира Европската унија, дали ќе го игнорира во надеж дека српските политичари ќе се вратат на толерантниот дијалог. Ако се суди според најсвежата изјава на српскиот министер за одбрана, Драган Шутановац („Фигаро“) во која го опоменува Брисел дека, ако се продолжи со одолжување и опструкција на приемот во ЕУ - Србија ќе се сврти кон Русија, се чини дека о��носите на Белград и Брисел влегуваат во нова фаза на обострано преиспитување. Затоа и се смета дека Белград е повторно на потег, конечно да се определи дали му е и колку до европските интеграции, а над се', колку е подготвен со своето однесување (ЕУЛЕКС, односите со соседите) влијае на, нема сомневање, во меѓувреме влошената регионална стабилност.


Статијата е прочитана 835 пати.

Испрати коментар

Од: Ивец
Датум: 14.10.2008 02:23:54
Иване и ние и Србите имаме една иста поговорка.ПАМТИ ПА ВРАТИ!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Анализа