Скопје - град што се дели
Лопатите на политичарите го раскопуваат меѓуетничкиот јаз
Светлана Унковска
За заедничките концепти на соживот, базирани на интегрирани сфери на живеење и за тоа како да се унапредат меѓуетничките односи, детаљно се разговара на тркалезни маси организирани од меѓународни или од невладини организации. На нив, по правило, учествуваат и голем број поканети претставници од владејачките и од опозициските партии, секогаш согласни со темата на дискусијата дека за функционална Македонија е потребно постојано да се надградуваат мултиетничките, а не моноетничките политики. Но, кога ќе заврши дебатата и по неа ќе се затворат вратите, актуелните политички елити тргнуваат во градење, но не на соживот, туку на се' поголеми ѕидови што ги разединуваат граѓаните. Ако проектот „Скопје 2014“ со содржините на плоштадот беше критикуван дека во голема мера ќе придонесе за се' поголемо продлабочување на меѓуетничкиот јаз, а оние што беа најгласни во критиките сега се зафатија со изградба на плоштадот „Скендер-бег“. Мала надеж имаше кога лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ се договорија на плоштадот „Македонија“ да има и споменици на значајни личности од историјата на Албанците, но тоа кратко траеше. Сега почнаа плановите за копање нов плоштад, кој ќе донесе нови поделби, а со него, дефинитивно, ќе се закопаат и идеите за живеење еден со друг, а не еден крај друг.
Вицепремиерот Абдулаким Адеми ги отфрла тврдењата дека со изградбата на плоштадот „Скендер-бег“ ќе се продлабочи јазот меѓу Македонците и Албанците и оти Скопје ќе биде поделен град.
„Напротив, овој проект ќе ги обедини двата дела на Скопје, иако градот не е поделен. Наша цел е, пред се', да се урбанизира тој дел, да се промовира како дел од програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија и јас не гледам дека ние придонесуваме за поделби. Напротив, ние со ова придонесуваме да се инвестира во сите делови на градот Скопје“, убедува Адеми, објаснувајќи дека проектот е во идејна фаза, оти ќе се отвори јавна дебата од каде што ќе бидат земени предвид забелешките од експертската јавност и од граѓаните. Но, нејасна е идејата на Адеми дека овој плоштад ќе биде простор за средби на сите етникуми, бидејќи содржините што ги има, како што се споменикот на Скендер-бег и зградата на Државниот тетовски универзитет, не ја потврдуваат ваквата теза на вицепремиерот.
„Според идејата на градоначалникот и на Советот на општина Чаир, освен споменикот на Скендер-бег засега не се планирани други споменици. Доколку граѓаните одлучат поинаку, општината мора да ги земе предвид“, вели Адеми.
Експертите посочуваат дека градењето плоштади не би требало да претставува никаков проблем, но кога во основа се конструирани да прераснат во микросредини на одредени групи тогаш место позитивни и кохезивни дејства, тие продуцираат негативни. Социологот Илија Ацески, кој долго време ги анализира односите и состојбите во урбаните средини, особено во главниот град, вели дека ваквиот тек на настаните произлегува како одредена последица.
„Ако луѓето се делат на одредени микропростори во градот, тогаш тоа говори за една голема нетрпеливост и нетолеранција меѓу групите на културни, етнички и религиски разлики. Проектирањето плоштади, вакви какви што се, е само ограничување на простор што ја карактеризира една етничка, културна и религиска група и од тој простор почнува нешто друго. Бидејќи градот не води политика на заедништво, ние, всушност, имаме поделен град, а јас не познавам во историјата поделен град кој имал перспектива“, вели професорот Ацески.
Дали поради немањето доволно меѓусебна комуникација, двете партии на власт како да се наоѓаат на различни колосеци и секоја партија води своја политика за својот етникум. Така се однесуваат и пратениците во парламентот, особено од партиите на Албанците, кои дискутираат и се жестат исклучиво за прашања што се однесуваат и го засегнуваат нивниот етникум, но кога станува збор за прашања од други области тие се незаинтересирани. Така, главно, функционираат и министрите, со некои исклучоци, во медиумите постои силна поделба по етничка и јазична линија. И кога „Скопје 2014“ силно го брануваше морето на меѓуетнички односи, сега од другата страна на Вардар, како негов пандан никнува „Скендер-бег 2014“.
Иако се вели дека во секојдневниот живот Македонците и Албанците се почитуваат и како соседи и како бизнис-партнери, сепак, факт е дека случувањата во општеството имаат влијание во меѓусебните односи. Факт е дека досега малкумина политичари работеле на заедништво и на промовирање заеднички идеи, односно секој си води партиска или етничка агенда.
Аналитичарот Ибрахим Мехмети целосно се согласува со тоа дека етничките прашања никогаш не можат да се решат со територијализација ниту меѓуетничкиот баланс може да се постигне со компензација на еден простор со друг.
„Овде се политизира изградбата на плоштадот и се прави политички инструмент за политичко пазарење или добивање поени кај граѓаните. Се прави еден пазар ако ’Скопје 2014’ е на една партија ’Скендер-бег’ е на друга и сега сите треба да бидеме среќни. Но, тоа е банализација на политиката што, всушност, не решава ништо и пристапот е навистина погрешен“, вели Мехмети.
Професорот Ацески гледа на политичарите како на главни актери во правењето поделби меѓу граѓаните, при што смета дека таквата поделба воопшто не е површинска, туку е многу подлабока отколку што изгледа.
„Јас сум песимист околу ова прашање најмногу затоа што политичарите го користат за свои цели кога доаѓаат на власт на крилјата на популизмот и национализмот и тоа се' уште е најпрофитабилно. Мислам дека ’скопскиот ѕид’ не е толку проблематичен колку што е менталниот. Затоа што менталниот ѕид многу потешко се урива, тој е подлабок, поцврст и подолготраен“, вели Ацески.
|