Број 3440  среда, 24 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter
Култура

Блажевски и Ристовски селектирани на маркетот во Солун

Филмот „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски ќе бара копродуценти на „Кросроудс“, а „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски ќе има проекција

Сунчица Уневска

Годинава на познатиот маркет „Агора“ на Солунскиот филмски фестивал, кој ќе се одржи од 3 до 12 декември, селектирани се два проекта од Македонија и една копродукција, во која учествува и нашата земја. Филмот на Светозар Ристовски „Мојот брат Лазар“ влезе меѓу 15 проекти, одбрани да се претстават на копродукцискиот форум „Кросроудс“, додека „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, кој е готов, ќе биде прикажан заедно со уште десет проекти во рамки на програмата „Работи во прогрес“. Проекција во оваа програма ќе има и грчкиот филм J.A.C.E. („Just Another Confused Elephant“ или „Само уште еден збунет слон“) на режисерот и продуцент Менелаос Карамагиолис, кој е копродукција на пет земји, а меѓу кои е и Македонија односно продукциската куќа на Зоран Ристески „Гејзер“.

Копродуцентскиот форум „Кросроудс“ оваа година се одржува по шести пат. Замислен како интернационален настан во филмската индустрија, овој форум се обидува да ги поврзе проектите од земјите во Балканскиот регион и Медитеранот со продуцентите од целиот свет или, како што велат организаторите, тој се обидува да понуди можности за мрежно поврзување со глобалната филмска индустрија. Одбраните проекти, односно нивните продуценти ќе бидат претставени пред професионалци, и тоа дистрибутери, продажни агенти и консултанти, со цел да обезбедат финансии и да ги комплетираат своите проекти. Годинава се селектирани 15 проекти, кои доаѓаат од: Македонија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Романија, Турција, Франција, Унгарија, Италија, Израел, Ерменија и Палестина.

Условот за да се влезе на овој форум е проектот да има комплетно сценарио и да има финансиски план, односно обезбедено копродуценти. „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски ја доби поддршката на македонскиот Филмски фонд во 2009 година, во висина од 400 илјади евра и досега има обезбедено поддршка од Хрватска и од Бугарија. За „Кросроудс“ е важно продуцентот или копродуцентот на филмот да бидат од балканскиот или медитеранскиот регион, или приказната да содржи релевантни елементи врзани со овие региони. Овој форум собира различни индустриски специјалисти од цел свет, а на него се одржуваат дебати, округли маси, работилници и тренинг сесии. Покрај Светозар Ристовски, на форумот ќе бидат претставени и: „Музика за странци“ на Ерик Назаријан од Ерменија, потоа, новиот проект на Огњен Свиличиќ од Хрватска, „Тивки луѓе“, како и Антони Дончев од Бугарија со „Жените на мојот живот“, а со по два проекта се застапени Турција, Израел и Грција.

Она што е особено важно, е дека „Кросроудс“ е поддржан од „Медија програмата“, а негови партнери се Продуцентската мрежа на Канскиот фестивал, „Софија митингс“ на фестивалот во Софија, Медитеранскиот филмски институт за сценарио - 2 филмски работилници, и за првпат „Кодак синелаб“ од Грција, кој ќе го поддржи победничкиот проект во неговата филмска продукција со материјали и сервиси во износ од 10.000 евра. Филмот кој ќе биде одбран, поточно неговиот продуцент, ќе добие акредитација за Канската продуцентска мрежа, а ќе биде презентиран и на „Софија митингс“ на мартовскиот фестивал. Додека Медитеранскиот институт за сценарио ќе даде стипендија на еден од проектите.

Филмот пак, на Владимир Блажевски „Панкот не е мртов“ влезе меѓу 11 проекти, кои на маркетот во текот на Солунскиот фестивал, ќе ја имаат својата проекција пред продажни агенти, дистрибутери и фестивалски селектори. Во рамките на секцијата „Работи во прогрес“ ќе бидат прикажани и грчкиот филм J.A.C.E., каде Македонија е копродуцент, а овој проект ја има и поддршката на „Еуроимаж“, како и омнибусот „Не ме заборавај, Истанбул“ на седум автори, меѓу кои се: Стефан Арсенијевиќ од Србија, Хану Абу Асад од Палестина, Аида Бегиќ од Босна и Херцеговина, кој е направен во копродукција меѓу Турција и Грција.

„Панкот не е мртов“ е поддржан од македонскиот Филмски фонд со 250 илјади евра, а направен е во копродукција со „Витаграф“ од Србија, кој вложи 80 илјади евра во филмот. Додека Ј.А.Ц.Е., кој е со постар датум, доби поддршка од македонското Министерство за култура, а нашето учество во овој филм е 100 илјади евра. Лани филмот во текот на две недели се снимаше и во Македонија.

„Работи во прогрес“, исто така, се однесува на земјите од Балканот и Медитеранот и неговата цел, како и на „Кросроудс“ и на другите активности во рамките на маркетот „Агора“, е поврзување и зголемување на филмската продукција во овој дел од светот, како и наметнување на нашите приказни и подигнување на нивото на квалитет и професионализам. Целта на „Работи во прогрес“ е да им овозможи на одбраните проекти, уште пред целосно да бидат комплетирани, да најдат дистрибутери и да бидат откриени од фестивалските програмери. А првпат „Граал“ и „Кодак синелабс“, водечка грчка постпродукциска куќа, ќе обезбеди сервис односно поддршка од 70.000 евра за победничкиот филм. И во двете секции има професионални жирија и сите овие работи се подигнати на високо професионално ниво и се одржуваат со голема поддршка на фестивалот и интерес од страна на многу фестивалски учесници. А она што е особено важно, е дека сето ова овозможува воспоставување линк меѓу медитеранскиот и балканскиот регион со светскиот и им овозможува на филмските професионалци од овој регион, веќе во стартот да излезат од локалниот пазар.


#
Статијата е прочитана 1173 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Раскошот на свинската марама во „ Јавна соба“
Презентација на граѓански искуства во заштита на наследството
Стефановски и Маџиров на литературна вечер во Лондон
Изложба на новинарски прилози за „Мал битолски Монмартр“
Срѓан Миќиќ изложува во „Спона“
Прва самостојна фотоизложба на Ана Котевска
Доделени наградите „Климент Охридски“
„Мјузик прогресив“ гостува во Србија
Промовирана монографија за Рубенс Корубин