Малверзации со земјиште во Штип
ШТИП – СВР-Штип поднесе кривична пријава против виш референт во ПE на Министерството за земјоделство. М.В. (51) се товари за злоупотреба на службената положба и овластување од позиција на непостојна функција -претседател на комисија за распределба на земјоделско земјиште. Иако не постоела таква комисија, М.В. склучила 600 договори за закуп на земјоделско и градежно земјиште, пасишта и шуми. Таквите договори М.В. ги заверувала со печат на ПE и со свој потпис како претседател на комисијата, која самата ја измислила. Така таа успеала противправно да издаде под закуп 406 хектари земјиште. Доколку земјиштето би се издавало по законска основа, по минимална цена би изнесувало 9,3 милиони денари, а биле наплатени само 646.000 денари. (И.Б.)
|