Број 3638  сабота, 23 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроник��
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Насловна








Site Meter
Забава

Гастроманија

Појадок кај „Пастел“

Кроасан - уживање на слатки патеки

Француското печиво е планетарно популарно меѓу сите генерации

Валентина Тодоровска

Едно утро, пишуваат биографите, Ив Монтан за подготвениот појадок и за готварските способности на својата Симон Сињоре и' упатил комплимент, споредувајќи ја со шефот на најдобрата француска кујна. Тогаш, вљубената жена почувствувала дека во нивниот дом се' ќе биде - како што било на почетокот!

Знаејќи дека на мажот патот до срцето води и преку желудникот, а имајќи ја секси Мерлинка за конкуренција, Симон била пресреќна, зашто популарните кроасани, чија кора била толку крцкави, а содржината толку сочна, погодиле директно во центар! Така, следните брачни кризи француската актерка ги решавала со типичен француски појадок. Кроасан и џус!

Па, и без брачна криза, францускиот појадок гарант ќе ви годи - за таа цел, се лоциравме во „Пастел“, пекарница и слаткарница, која функционира на база на самопослужување. Поради тоа што градот е претворен во големо градилиште, а ископаните тротоари тешко се поминуваат, сигурно ќе се одлучите да седнете внатре - ентериерот е во дрво, најверојатно, поради инспирацијата создадена од старите француски бистроа. Всушност, претставата дека се наоѓате некаде покрај Сена ќе се докомплетираше ако од звучниците се слушаше француска шансона, а не планетарните хито��и...

Ако сте мераклија на француските пекарски производи, на вистинско место сте - кроасани во солено-благи варијанти, лиснато тесто со пилешко (пате пуле), со џигер, француски пити со четири вида сирење, пити со праски, малини, јаболки, сливи, потоа сендвичи... Сето тоа и уште многу нешта можете да одберете за појадок и да не го оштетите домашниот буџет (100 денари.)

Се одлучив за галската традиција, која се копира и е популарна секаде низ светот, за неговото величество кроасанот, во солена и во блага варијанта - еден со сирење и пармезан, а друг со чоколадо (croissants au pains chocolat). Бидејќи самите си ја земате тацната, појадокот се случува, што би кажал Жак Превер, сега и овде.

Првото залаче и „опсервација“ - крцкаво и полно со вкус. Всушност, со толку многу вкус што посакувате утринската гозба никогаш да не заврши.

Која е филозофијата и магијата на кроасанот? Иако корените му се австриски, ова лиснато тесто станало познато во Франција благодарение на сопругата на Луј 16, Марија Антоанета, инаку ќерка на австриската царица мајка Терезија. Тоа австриско печиво, настанато за време на опсадата на Турците на Виена, тие го преименуваа во „Croissant de lune“. Главна состојка му е путерот, кој на тестото му дава ненадминлив вкус...

Секогаш се прашував како вработените во рестораните „непријатели на витата става“ немаат проблеми со килограмите. Така е и со девојките кои ненаметливо диктираат работна атмосфера во „Пастел“, а притоа не губат нерви додека ги објаснуваат содржините на понудените убави јадења. Напротив!

Французите се познати како народ кој знае и е склон кон уживање. Тие се ненадминливи во пиењето, гурмани во јадењето а со тек на време така ги учат и нивните деца. Подмладокот на Франција јаде полжави, а нашите деца хамбургери.

За тоа дека се декадентни мераклии кажува и фактот дека не се оптоварени со храна, ниту, пак, со големината на чиниите. На пример, оброкот на Американците е поголем за 25 отсто од просечната порција на Французите. Во оваа култура, луѓето повеќе уживаат во храна и затоа помалку и јадат. Тие ја почитуваат храната и кога јадат - ја слават, не зборуваат за ништо друго, туку се восхитуваат на секое залаче.

Затоа, не отфрлувајте ја идејата да го започнете денот со крцкаво лиснато тесто. Доволен е само еден кроасан....

Бон апетит!


#
Статијата е прочитана 1351 пати.

Испрати коментар

Од: Stepan
Датум: 23.07.2011 08:52:37
Kolumna posvetena na gastronomija vo makedonski vesnik. Ne sum ja zabelezal do sega, samo se nadevam deka kje bide redovna.
Од: :-))
Датум: 23.07.2011 10:07:14
Bravo!

Најди! во Утрински
Забава
Од сабота до сабота

"""