АМБО плус политички аматеризам
Ристо Никовски
(Повод: текстот „АМБО ќе почне да се гради кога Путин ќе го дозволи тоа“, „Утрински“, 30 мај 2008)
Со амбициозниот проект АМБО, иако маргинално, на некој начин бев рано поврзан. Додека работев во амбасадата во Лондон (1993-97), присуствував на промоција и разговори во врска со овој проект, кој силно го поддржував. Дури, сугерирав дека би било добро нафтоводот евентуално да се продолжи од Валона и до јужна Италија, заради зголемување на економичноста, а со тоа и на атрактивноста на целиот проект. Меѓутоа, бргу беше констатирано дека нема таков резон, бидејќи во тој дел на Италија нема рафинерија! Бидејќи зад иницијативата стоеше американски интерес и финансирање, посебен шмек на целиот проект му даваше можноста за блиска енергетска соработка меѓу САД и РФ на Балканот. Меѓутоа, бргу сфатив дека проектот цело време имаше една многу голема фалинка: не беше обезбедена нафта! Колку што разбирав, „таа ситница”, односно вклучување во проектот на РФ или на некоја земја од Централна Азија, заради обезбедување нафта, не беше воопшто третирана како приоритет од носителите на проектот. Во спротивно, тие секако ќе бараа помош и од владите на трите земји да се врши притисок на Русија или на некоја друга земја, да обезбеди нафта за АМБО. Тоа воопшто не беше правено. Силен беше впечатокот дека побитни им беа контактите со трите земји низ кои требаше да минува нафтоводот: Бугарија, РМ и Албанија, отколку клучното прашање - нафтата. Како потврда за таквиот впечаток е и фактот дека се закажуваа дури и термини за почеток на градбата без да се информира јавноста дека нафта - (се' уште!) не е обезбедена!
Во Москва (2004/06), се интересирав за АМБО и кај енерегетските компании, и во надлежните министерства, вклучувајќи го и МНР. Никаде немаше официјални информации за овој проект. Деновиве, кога го прочитав гореспомнатиот текст, првата помисла ми беше - каков, недозволив политички аматеризам! Член на Владата, иако моментално чиновничка, сосема неаргументирано јавно да ја нападне највлијателната личност на РФ е, во најмала рака - неодговорно. Оценката дека „Путин го контролира целиот извоз на нафта од Централна Азија“ е не само несоодветна туку и неточна (нафтоводот Баку - Чејхан). Изјавата дека „САД и Европа вршат значителен политички притисок да го тргнат АМБО од сферата на руското влијание и од агресивните обиди на Русија да ги контролира сите гасоводи и нафтоводи во регионот” е целосно контрадикторна. Од една страна, се осудува Путин дека не дозволува да се гради нафтоводот, а од друга страна се обвинуваат САД и Европа дека се обидуваат да го тргнат АМБО од руското влијание! Што треба да значи тоа: од сите страни заговор против АМБО?
Основно правило е, не само во политиката, доколку некого напаѓаш, а член си на некој форум, да прецизираш: зборуваш во свое име или во име на институцијата? Во овој случај, тоа свето правило не беше почитувано. Иако минатите години за реализација на овој навистина значаен проект беа вложени доста напори и средства од страна на трите земји, дури сега се гледа дека тој немаше реална основа. Можеби некој и профитираше врз сето тоа. |