„Како бебе“ на Милчо Манчевски ќе почне да се снима во декември
Режисерот Милчо Манчевски ќе почне да го снима својот најнов филм „Како бебе“ од 18 декември годинава, а премиерата се очекува напролет, соопшти денеска продукцијата „Банана филм“.Проектот е во фаза на подготовки, сценариото и визуелното обликување се готови, во тек е и кастингот. Документарните материјали и тестови се снимаат, ќе се одвиваат и во првата недела на октомври. Филмот е европска копродукција, ќе се снима во Скопје и на повеќе локации низ Македонија. Поддржан е од Министерството за култура и од Филмскиот фонд. Содржи три приказни, на село, во голем град и во мало место. Зборува за модерно живеење во една поинаква Европа.
„Станува збор за модерен мултинаратив, три прикаски кои се еден пресек на човечки судбини, една наша верзија на злосторство и казна од 21. век. Насловот е ’Како бебе‘ ама би можел да биде и ’Живот и казна‘,“ вели Манчевски. На филмот ќе работи мешана екипа. Освен од Македонија, ангажирани се филмски работници и од Велика Британија, Италија, Тајван, САД, Австралија, Бугарија, Албанија, Србија и Франција.
Продукциски дизајнер е Дејвид Манс, кој работеше и на претходните три филма на Манчевски, директор на фотографија е Влатко Самоиловски, музиката е на Кирил Џајковски (и песни од Том Вејтс), костимот е на Елизабета Монталдо, шминката на Марио Микисанти (двајцата работеа на „Сенки“), а монтажер е Џон Скот (кој е монтажер и на „Тивкиот Американец“, на „Секси ѕвер“...). (К.Р.) |