Едиторијал
Оптимизмот во здравството
Јасмина Јовановска
Има ли спас за здравството? Пациенти се жалат и си купуваат лекови и хируршки материјали, чекаат со месеци за преглед или операција, се малтретираат за да добијат лекови на рецепт, секојдневно се жртви на нови поригорозни правила. Плаќаат за услуги во државните установи кои може да ги добијат и со сини картони или, пак, ги праќаат во приватни ординации да се лекуваат по цени како за во странство.
Министерот за здравство, Бујар Османи, на заминување се пофали дека во неговиот мандат, ако ништо друго, им го вратил оптимизмот на пациентите во државното здравство. Тоа го постигнал со купување нова медицинска опрема, која нарасна до 100 милиони евра, реновирање на болниците, воведување нови вакцини, изготвување нови стратегии за безбедно мајчинство.
За каков оптимизам кај пациентите зборува министерот. Каков оптимизам има болниот ако мора да чека по три и повеќе месеци да оперира една жолчка или да купи колк за 2.000 евра. А ако најде врска, ќе заврши работа и за една недела. Ќе се снајдат и оние со подлабок џеб. Обичните смртници и натаму ќе си умираат шетајќи од болница до болница или во ходниците. Ако не ги убие болеста, ќе ги убие песимизмот од несреденото здравство.
Дали министерот смета дека само опремата и зградите го прават здравството или, пак, дека со стратегии ќе се спречи умирањето на бремените жени и бебињата. Повеќе од сигурно е, а и нему мора да му е јасно дека опремата сама не работи, туку дека треба стручен кадар. А во болниците и клиниките се чувствува невиден недостиг од лекари. Се разбира од оние поискусните. Незадоволни од турбуленциите во државното здравство, лекарите си заминаа во приватното здравство.
Сега последиците се долги листи на чекање. Секако, и ограничените буџети на клиниките не им дава на лекарите да може да примаат повеќе пациенти од месечната квота. И повторно страдаат пациентите кои од мака бараат чаре во приватните ординации.
Но, и во приватните ординации не е се' толку сјајно како што изгледа. Во поголемите приватни болници колку-толку има воспоставен ред. Меѓутоа, во приватните ординации, пациентите не само што не добиваат фискални сметки за услугите туку им се наплаќаат по цени како да се лекуваат во странство. Министерството за здравство се правда дека не може ништо да стори со злоупотребите во приватните ординации, зашто цените во приватното здравство слободно се формираат. Каков е тој одговор. Па, нели Министерството не познава приватно и државно здравство, туку само јавно.
Нема строги правила на игра ни во државното, но ни во приватното здравство. Тогаш, како може да се врати оптимизмот кај пациентите? Во приватното здравство пациентите влегуваат по личен избор, но во државните болници одат затоа што се таму осигурани. А за да се врати оптимизмот во државното здравство, сигурно ќе треба уште најмалку десет години. Толку ќе треба да се обучат добри и искусни лекари.
Здравство е жежок костен и ретко некој министер не се изгоре од него. На новиот министер Никола Тодоров можеби малку полесно ќе му биде од претходниот зашто тој веќе му ја обезбеди базата. А и не е лекар, па полесно ќе може да го скрати здравствениот пакет, да го почне новиот систем на движење на пациентите и да ги наградува лекарите што работат, а да ги казнува неработниците.
|